Македонија
Филипче: Со модуларната болница и Велес добива современо опремен инфективен центар
Министерот за здравство Венко Филипче денеска беше во посета на ОБ Велес каде е пуштена во употреба модуларната болница, во која веќе од следната недела ќе почнат да се примаат пацинети. Ова е уште еден од 19-те модуларни центри кои се поставуваат во 16 општини низ државата, со цел зголемување на капацитетите на инфективните одделенија. Модуларниот центар во Велес е со површина од околу 700 м2 и капацитет од најмалку 47 болнички легла. Освен во Велес, досега целосно се завршени девет модуларни центри во Гевгелија, Струмица, Кичево, Струга, Куманово, Гостивар, Штип. До крајот на месецот треба да заврши изведбата и опремувањето на центрите во Охрид, Кавадарци, Битола, Прилеп, Тетово, Дебар, болницата во Козле. Дополнително, во Ресен ќе се почне со изведба на модуларната болница која треба да биде готова во месец март.
„Модуларната болница во Велес е поставена во близина на инфективното одделение за кое се планираше реконструкција но тие планови запреа токму поради ковид кризата. Болница ќе добие најсовремен рентген апарат, кој се користи во современите ургентни центри, како и апарат за ехо дијагностика. Опремата ќе пристигне за некој ден и болничкиот капацитет ќе може да се користи. Со овие апарати може да се врши тријажа“, рече Филипче.
Во разговор со директорот на ОБ Велес, д-р Божидар Бојаџиев, министерот истакана дека болницата веќе две години на граѓаните од овој регион им овозможува здравствени услуги од областа на Ортопедијата за што граѓаните не мора да патуваат до Клиниката во Скопје. Министерот рече дека е потребно мало зајакнување во делот на опремата, најави и спојување на ЗД Велес со болницата по пример на друите градови во државата.
„Предноста би била во намалување на администерцијата и административните трошоци во рационализирањето на службата за Итна медицинска помош , како и максимална искористеност на сите возила кои сега припаѓаат на две институции. Секако тоа е бенефит за вработените кои може да дежураат во делот на болницата и дел од лекарите од болницата посебно младите општи лекари да може да работат во Службата за Итна медицинска помош. Тој систем таму каде што го имплементиравме одлично заживеа, дава одлични резултати и сето тоа во интерес на пациентите“, рече министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски: МВР успешно го заокружи проектот со ОБСЕ за хибридно образование
Министерството за внатрешни работи денес официјално го одбележа завршувањето на проектот „Градење на хибриден образовен систем во Министерството за внатрешни работи на Македонија“, со кој се поставуваат темелите на современ, одржлив и технолошки напреден систем за полициска обука.
Проектот, реализиран во партнерство со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и со финансиска поддршка од Сојузна Република Германија, Кралството Норвешка и дополнителни придонеси од Финска, во изминатите години овозможи суштинска трансформација на начинот на стручно усовршување и професионален развој во рамки на Министерството.
Во рамки на проектот беше воспоставен модерен хибриден модел на образование кој комбинира дигитални алатки, современи дидактички методи и долгорочен пристап „обука на обучувачи“. Развиена е програма за хибридна обука, селектирани и обучени се национални обучувачи со високи дигитални и педагошки компетенции, воспоставен е Мултимедијален центар за обука во Тренинг центарот во Идризово, како и Систем за управување со учење (LMS) кој овозможува флексибилна и квалитетна едукација.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, обраќајќи се на завршниот настан, истакна дека овие резултати претставуваат јасен показател за институционална зрелост и определба за континуирано вложување во знаење и професионализација на полициската служба. Тој нагласи дека воспоставените капацитети отвораат можности за понатамошна соработка со меѓународните партнери и за активно вклучување во регионалните образовни мрежи, вклучително и Регионалната асоцијација на полициски академии и центри за обука од Југоисточна Европа.
Министерството за внатрешни работи упати благодарност до Мисијата на ОБСЕ во Скопје, како и до меѓународните партнери за континуираната поддршка, нагласувајќи дека со овој проект не се става крај, туку се отвора ново поглавје во кое хибридното образование станува составен дел од секојдневното функционирање на Министерството и важна алатка за подготовка на полицијата за идните безбедносни предизвици.
Македонија
Стаменкоска Трајкоска на увид во реконструктивните зафати во ООУ „Партенија Зографски“
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денес го посети ООУ „Партенија Зографски“, каде што се реализираат повеќе реконструктивни зафати. Со овие активности, општината продолжува да го унапредува образовниот простор и да создава современи, безбедни и функционални услови за сите ученици, велат од таму.
-Извршив увид во реконструктивните зафати во ООУ „Партенија Зографски“, каде што во континуитет се работи на унапредување на условите за учениците.
Поставуваме лед осветлување, во училниците и ходниците. Во моментот е во тек и реконструкција на тоалетите, што е особено важно за хигиената и секојдневниот престој на нашите дечиња во училиштето. Направени се зафати на електричните разводни табли, со што училиштето станува побезбедно и пофункционално. Со вакви вложувања покажуваме дека образованието и грижата за децата ни се приоритет и дека продолжуваме да работиме за подобри услови за учење-изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
Македонија
Николоски: Започнаа промените во општина Карпош, ќе се реконструираат преку петнаесетина улици
Преку петнаесетина улици ќе се реконструираат во општина Карпош со подршка на Владата. Општината полека ќе го смени урбаниот лик и ќе се развива, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски при денешната посета на општина Карпош.
Николоски заедно со градоначалникот Сотир Лукровски извршија увид во реконструкција на ул. Јуриј Гагарин, проект кој се реализира со подршка на Министерството за транспорт, а во заедничка соработка со општината.
“ Ова беше заглавен проект, ова беше проект без разлика што имавме обезбедено средства, не можевме да го реализираме. Откако беше избран за градоначалник, заедно со службите во општината, успееја да ги решат сите предизвици на овој проект, да се решат проблемите и еве веќе се гради и ако се оди добро и не послужи времето до Нова година може да се заврши оваа улица, паркингот зад зградите и да се добие нов урбан лик на овој простор. Сакам да најавам дека дополнително на ова имаме уште еден проект кој се реализира со Светска банка во вредност од над 13 милиони денари, тоа е улицата Петар Чаулев, целосна реконструкција околу 600 метри што дополнително се надевам ќе допринесе за урбаниот развој на општината. На тоа додаваме уште дванаесетина проекти кои што ги резлизираме преку вториот повик на Владата и севкупно имаме значајни проекти за општина Карпош. Тука е и подршката на Владата, мојата лична подршка за дополнителни работи кои треба да ги направиме во Карпош. Со изборот на новиот градоначалник, со неговата напорна работа се гледаат промените и навистина сите имаме желба да помогнеме и да се случуваат убави работи во општина Карпош”-изјави вицепремиерот Николоски.

