Македонија
Филков од Будвa: Потребни се напори во изнаоѓање решенија што ќе соодветствуваат на развојот на дигиталната технологија
Министерот за правда Игор Филков учествуваше на дводневниот министерски форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи кој се одржува во Будва.
На форумот беше реафирмирана силната регионална посветеност и блиската соработка за правда и за внатрешни работи.
Европската унија и Западен Балкан разговараа за неодамнешните случувања во врска со дигитализацијата на правдата и остварија размена на мислења за можностите и главните предизвици на потенцијалот за користење на интероперабилни решенија и нови дигитални технологии, вклучително и вештачката интелигенција. Европската унија обезбеди ажурирање за тековните дискусии во ЕУ, меѓу другото и за напорите за дигитализација на правосудните системи и за електронските докази. Учесниците беа информирани и за Рамковната конвенција на Советот на Европа за вештачка интелигенција и човекови права, демократија и владеење на правото.
На вториот ден од форумот посветен на правда, министерот Игор Филков во своето обраќање се осврна на две теми ,, Правдатa во дигитална ера” како и ,,Прекуграничната соработка во кривичната материја помеѓу партнерите од Западен Балкан”.
,, Со оглед на огромното значење на дигитализацијата во 21 век, евидентно е дека е нужно да се изнајдат начини како да се воспостави е-правда која пред се ќе биде инфраструктурно поддржана, но и во функција на остварување на загарантираните човекови права и владеењето на правото. Заради тоа, потребни се напори во изнаоѓање на решенија кои ќе соодветствуваат на развојот на дигиталната технологија vis a vis зајакнувањето на правосудниот систем.
Република Северна Македонија ги препозна предизвиците и можностите кои доаѓаат со дигиталната трансформација, што е и пресликано во Национална Стратегија за информатичко-комуникациска технологија 2023-2027. Во делот на правдата, во рамките на Министерството за правда е развиена Стратегија за дигитализација во правосудството за периодот 2019-2024.
Секако, во оваа транзиција се соочуваме и со многу предизвици. Потребни се дополнителни инвестиции во технолошка опрема и обука на кадрите, за што несомнено е потребна финансиска и инфраструктурна поддршка. Неопходно е и да се осигураме дека сајбер-безбедноста е на највисоко ниво, за да ги заштитиме податоците и правата на сите граѓани”, рече Филков.
Се осврна и на прекуграничната соработка во кривичната материја. Посебен акцент беше ставен на законските измени за заштитата на правата на жртвите во прекугранични случаи, надоместокот на штета како и соработката на нашата држава преку Европравда.
На маргините на дводневниот министерски форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи кој се одржа во Будва, Филков оствари три билатерални средби, со Еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс и со министрите за правда на Унгарија, Бенце Тузсон и на Црна Гора, Бојан Божовиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

