Македонија
Фирми формирани два дена пред конкурсот во изборот за доделување пари од културата
На шест пријавени фирми на скандалозниот конкурс за проекти од национален интерес во културата за 2019 година, во делот за музичко-сценска дејност една како по правило е од Тетово. Само фирмите од Тетово, кои претежно аплицирале за организации на концерти и фестивали на годинешниот конкурс, за кој премиерот Зоран Заев рече дека ќе биде поништен, имаат добиено конкурси од над 8 милиони денари или 133 илјади евра. Со тоа фирмите од Скопје и Тетово се на врвот на листата по добиени најмногу проекти од годинешниот конкурс за проекти од национален интерес во културата.
Ова беше и само една од забелешките во јавноста за фаворизирањето одредени проекти на сметка на други – одбивањето проекти кои имаа долгогодишни традиции, како што се скопскиот Џез-фестивал, „Оффест“, „Златно славејче“ и многу други предизвикаа жестоки реакции во јавноста, а тоа резултира со најавата на Заев дека ќе се поништи конкурсот, оставка од Советот за култура даде театарскиот режисер Зоја Бузалковска, а актерот Оливер Митковски, еден од членовите на комисиите, даде издвоено мислење во кое го критикува изборот.
„Макфакс“ при проверката на компаниите што аплицирале и добиле пари за проекти пронајде и други недоследности. Повеќето од фирмите, претежно оние од Тетово што добиле парични средства, се формирани неколку дена или неколку месеци пред отворањето на конкурсот.
Па, така, продукцијата „Меденица“ ДООЕЛ увоз – извоз Скопје на огласот има добиено 1,7 милион денари. Според податоците од Централниот регистар, продукцијата била формирана лани на 27 септември, а конкурсот на Министерството беше распишан на 29 септември, што значи дека фирмата е основана два дена пред отворањето на конкурсот.
Оваа фирма добила пари за два проекта, но за три ставки. За проектот Come fly with me by Pavle Kamilovski на продукцијата ѝ се одобрени 900.000 денари, а за проектот „Мала Италија патува“, пак, добила 600.000 денари и дополнителни 200.000 денари за истиот проект, но во делот „меѓународна соработка“.
Сопственик на „Меденица“ е Павле Камилоски за кој во медиумите може да се прочита дека од келнер на брод, каде што почнал да пее за своја душа, почнува да навлегува во оперската кариера.
На списокот со добитници формирани лани е и здружението за култура и наука „Арс Албаница“ од Тетово, кое исто така има два одобрени проекта. 200.000 денари добиле за проектот „Огниште на сеќавањето“ и уште 168.000 денари добило здружението за печатење три броја од списанието „Арс Албаница“.
Во август минатата година, еден месец пред објавувањето на конкурсот, формирано е и здружението „Оп-лека“ од Тетово за манифестацијата „Тетово пее“, која ќе чини 100.000 денари.
„Елите евентс“ од Тетово, на пример, добила 400.000 денари од Министерството за култура за одржување рок-концерт, но здружението или фирма со вакво име, според податоците од Централниот регистар, не успеавме да најдеме.
Здружението „Зери Дарданис“ од Тетово, кое добива 100.000 денари за тетовски печалбарски денови, е формирано лани во мај, четири месеци пред распишувањето на конкурсот.
Во делот на драмската уметност најголеми се реакциите дека најголем дел од проектите ги имаат добиено Нела Витошевиќ и Васил Христов, односно за пет проекти одобрени им се вкупно 100.000 евра.
Од друга страна, актерот Един Јакуповиќ преку отворено писмо до македонската јавност бара помош за спас на честа на НУ Турски театар – Скопје и неправдата со само еден одобрен проект за годинава да биде веднаш исправена. Со реакција вчеравечер се јави и директорот на скопскиот Џез-фестивал, Оливер Белопета, реагираа и видни македонски музичари и писатели, а министерот за култура, Асаф Адеми, преку „Фејсбук“ порача дека со големо внимание ги следи критиките, реакциите, пофалбите и предлозите и е во постојан контакт со членовите на комисите и со правната служба, а по консултаците, заедно ќе одлучат за следните чекори.
Премиерот Зоран Заев најави дека конкурсот ќе биде поништен во целост, освен во делот на националните установи, каде што сè било регуларно.
Мери Јордановска и Маја Илиевска-Пачемска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

