Македонија
Фити: Реформите не смеат да се одложуваат

Реформата на основното образование треба да почне со радикално преиспитување на наставните содржини по одделни предмети и од нив треба да се исфрли сè што е несуштинско и да се фокусираат на битните, трајните работи, рече академик Таки Фити по денешната дебата на членовите на Одделението за општествени науки на МАНУ и на Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ со претставници на МОН, Бирото за развој на образованието и на работната група што ја изготви концепцијата за основно образование.
„Не можеме да ги отфрлиме фактите. Учениците мора да знаат факти, бидејќи науката се гради со факти, но тоа не е куп на факти, туку факти коишто се меѓу себе поврзани, причинско-последичните врски, критичко размислување во логична и конзистентна целина. Без тоа не можеме. Поврзување на работите, односно имплементирање на она што во тие национални стандарди, како што ги вика стратегијата, е означено како претприемништво. Но, не претприeмништвото како предмет, претприемништвото како филозофија на размислување и на однесување. Гледање на можности, откривање можности, искористување можности. Од најмали нозе тоа треба да се прави“, рече академик Фити.
Фити посочи дека сите се согласиле дека реформите во основното образование се императив.
„Реформите не смеат да се одложуваат затоа што многу лошо стоиме и во поглед на длабочината на знаењата и во поглед на опсегот, значи и во поглед на квантитетот и квалитетот на знаења на нашите основци, споредени со оние на нивните врсници во високоразвиените земји, членки на ОЕЦД, и тука постојат факти, постојат меѓународни мерења коишто тоа апсолутно го потврдуваат и тој јаз има тенденција да се проширува. Затоа со реформи треба веднаш да се почне“, посочи академик Фити.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево со мала до умерена локална облачност, максималната температура до 20 степени

Сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 8, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно време со сончеви периоди и со слаб до умерен јужен ветер. Во среда ќе има локални врнежи од дожд, а од четврток дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
Орце Ѓорѓиевски и Амар Мециновиќ одат во втор круг за градоначалник на Скопје, ВМРО-ДПМНЕ и Левица имаат најмногу гласови и во Советот

Кандидатите за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Орце Ѓорѓиевски и Амар Мециновиќ ќе се соочат во вториот круг од локалните избори што ќе се одржи на 2 ноември.
Според податоците на Државната изборна комисија, од пребројани 91 отсто од гласовите, во водство е Орце Ѓорѓиевски со 36,62 отсто, односно 82.155 гласови, а зад него е Мециновиќ со 13,35 проценти, односно 27.686 гласови.
Зад нив е Башким Бакиу од „Влен“ со 12,15 отсто, Каја Шукова од СДСМ со 11,52 отсто и Скендер Реџепи од ДУИ до 11 отсто од пребројаните гласови.
ВМРО-ДПМНЕ и Левица доминираат и во Советот на Град Скопје. Според официјалните податоци од ДИК, ВМРО-ДПМНЕ во Советот има 35,46 отсто од гласовите, а зад нив е Левица со 12,04 проценти.
Македонија
Орце не бегај од дебата, од вечерва Левица е вистински лидер на опозицијата, порача Апасиев

Вечерва објавуваме дека Левица станува лидер на опозицијата во Македонија, објави на прес-конференција Димитар Апасиев, лидерот на оваа партија.
„За прв пат влегуваме во Советот на Општина Тетово, Виница, Берово, Пробиштип, Лозово, Ранковце, Струмица, Радовиш, Кривогаштани, Струга, Дебарца и Ресен. Покрај во главниот град, втора партија пред СДСМ, Левица станува во Аеродром, Карпош, Кисела Вода, Гази Баба, Бутел, Чаир и Велес“.
Лидерот на Левица со порака до кандидатот за градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски: „Орце не бегај од дебата“.
Амар Мециновиќ пак рече, дека денеска Скопје се разбуди а граѓаните покажале храброст дека се подготвени да изберат поинаку.
„Денеска Левица испиша историја затоа што првпат има кандидат во главниот град кој не е поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
Во првиот круг покажавме дека има надеж, во вториот круг сето тоа ќе го претвориме во реалност. Влеговме во вториот круг затоа што илјадници луѓе во Скопје се охрабрија да застанат на страна на промената. Скопјани имаат визија дека градот треба да се раководи од јавниот, а не од приватниот интерес, порача Мециновиќ.
На жителите од Скопје, во вториот круг им порача дека имаат две визии: едната како што рече е онаа која 35 години ја има во државата, која е застарена, коруптивна, криминална и им ги одзема годините, можностите и животите, и онаа втората, за која, како што истакна, е нивна визија, за град во кој сите ќе сакаме да живееме.
„Скопје во наредните недели ќе одлучи за својата судбина“.
Мециновиќ најави дека и во следните денови Левица ќе продолжи со средби со граѓаните.
Во следните недели нема да се занимаваме со тоа што сте навикнати да го гледате, а тоа се препукувања на монополот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Тоа време заврши. Цензурата е залудна, скопјани ја видоа нашата визија. Го дочекавме денот кога ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ нема да ни бидат судбина“, порача Мециновиќ.
Ги повика сите оние што се разочарани и се двоумат во нивниот избор да им се придружат.