Македонија
Фондацијата „д-р Михаил Левенски“ им подари 500 примероци од книгата „Како да станам свој“ на основни училишта со име „Блаже Конески“

Во чест на 100-годишнината од раѓањето на втемелувачот на македонскиот литературен јазик, Фондација „Д-р Михаил Левенски“, заклучно со вчера, 14 јуни, реализираше неколкудневен проект во кој беа опфатени основните училиштата со име „Блаже Конески“, ширум нашата татковина.
„ Д-р Левенски, низ збор и дела настојуваше да се поддржат и поттикнат младите, со цел да се придонесе да го бараат и најдат своето место и да го препознаат, вреднуваат и надградуваат своето „сè“. Овие книги се негов аманет и со голема радост и гордост ги даруваме. Со овој дар изразуваме почит и кон наставниот кадар и вработените во училиштата, за нивните заложби за едукација и градење здрава младина којашто понатаму ќе инспирира, мотивира и создава, негувајќи го литературниот македонски јазик и продолжувајќи го името и делото на својот патрон, Блаже Конески.“ – изјави претседателот на Фондацијата, Никола Левенски Миљаниќ, којшто заедно со актерката Драгана Левенска и други членови на семејната Фондација, го осмисли и реализираше проектот.
Фондацијата изразува благодарност, за препознавање на вредноста на проектот и сесердната поддршка, до директорите на основните училишта: Ангелка Баракоска – О.У. „Блаже Конески“ во Прилеп; Сузана Настовска – О.У. „Блаже Конески“ во Скопје; Јованче Манасков – О.У. „Блаже Конески“ во Велес и Зурат Куртовски – О.У. „Блаже Конески“ во с.Скудриње, Општина Маврово-Ростуше. Посебна благодарност упатува до психолозите, педагозите, македонистите и библиотекарите, со чијашто помош беше реализиран овој проект со којшто одбележуваме ново пријателство меѓу Фондацијата и училиштата.
Училишните библиотеки и сите полуматурантите од основните училишта „Блаже Конески“ во Велес, Скудриње, Прилеп и Скопје, добија на дар, вкупно 500 примероци од книгата „Како да станам свој“ од областа на психопедагогија, којашто д-р Михаил Левенски ја посвети токму на младите. Проектот се одвиваше со директна посета на училиштата од страна на тимот на Фондацијата, низ срдечни средби и разговори со раководниот и наставниот кадар, како и со учениците, секаде согласно протоколите, концептот и можностите: во училишни дворови, на игралишта или во големи училници, сали и поливалентни простори. Со оваа донациија, сите полуматуранти заедно со сведителството добија по една книга, со надеж дека таа ќе стане еден од нивните најдобри пријатели со којшто полесно, посигурно и погордо ќе се пробиваат по патот на себеосознавањето и себеизградувањето.
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.