Македонија
(Фото) Одбележана 10-годишнината од настаните во Диво Насеље во Инџиково

Денеска во населеното место Инџиково, пред споменикот на херојот Горан Стојменовиќ се одржа настан за одбележување на 10-годишнината од настаните во Диво Насеље, Кумановско кои се случија во 2015 година, извести општина Гази Баба.
Пред присутните се обратија министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски и член на семејството на Горан Стојменовиќ.
„Никогаш во ниедна страница на македонската историја, нема да избели споменот на кобниот мај пред 10 години, денот кога нашите македонски јунаци, припадници на Министерството за внатрешни работи ги положија своите животи во жестокиот судир за одбрана на нашата татковина“, истакна министерот Тошковски.
„Македонија загуби осум свој синови, луѓе со имиња, семејства и соништа. Тоа беа луѓе кои облекоа униформа не поради должност, туку поради верба дека Македонија колку и да е мала, заслужува мир, безбедност, а пред и над се достоинство! Нивната жртва не е само симбол на трагедија. Таа е симбол на храброст и љубов кон татковината“, заклучи градоначалникот Стефковски.
„Во знак на длабока почит и сеќавање, по повод 10-годишнината од трагичните настани во Диво Насеље, беа пуштени 8 бели балони кон небото – симбол на чест, мир и благодарност. На секој балон беше испишано името на еден од нашите херои кои го положија својот живот за татковината.
Овој чин е тивка, но моќна порака дека нивната жртва не е заборавена. Белите балони го прободеа небото како симбол на нивната вечна слобода и нашата трајна должност да се сеќаваме.
Нека се издигне нашето сеќавање – нека лета нивната храброст!“, соопшти општина Гази Баба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Лицемерно и срамно е Филипче да глуми загрижен од песочните плажи за трагедијата во Кочани, а Законот е гол популизам, велат од ВМРО-ДПМНЕ

СДС да не прави политички маркетинг од трагедијата во Кочани. Законот за Кочани е гол популизам и политичко глодарство на СДС, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче замина на одмор, од грчките плажи и од песочната палма од Дубаи пишува статуси за законот за Кочани. Лицемерни и срамни се фејсбук статусите на Филипче да глуми загрижен и пишува статуси за трагедијата во Кочани додека одмара на песочните плажи со парите на народот.
СДС да не прави политизација на трагедијата во Кочани, и да не се обидува да печали политички поени врз туѓата несреќа.
Предлог-закон на СДС е делумно неприменлив, делумно влегува во колизија со сопствените одредби, а делумно се преклопува со постоечки законски права. Тоа укажува дека станува збор за документ кој повеќе служи за политички маркетинг отколку за вистинска поддршка“.
Предлог законот на СДС за Кочани, според ВМРО-ДПМНЕ, експлицитно ги фаворизира настраданите од одредени настани, игнорирајќи други слични трагедии.
Порачуваат, СДС да не се обидува да ја злоупотреби болката на тие семејства за дневно-политички цели.
ВМРО-ДПМНЕ, како што нагласуваат од оваа партија, нема да дозволи политизација и злоупотреба на трагедијата во Кочани преку лошо напишани закони, неусогласени и политички мотивирани закони.
Македонија
„80.000 евра надомест за секое семејство на починат во трагедијата, финансиска поддршка за повредените…што точно одбија пратениците на ВМРО-ДПМНЕ“, објави СДСМ

„Парламентарната група на СДСМ и коалиција поднесе Предлог-закон за поддршка на настраданите во трагедијата во Кочани што се случи на 16 март во која кога животот го загубија 62 лица, а над 200 беа повредени. Овој закон предвидуваше сеопфатна, праведна и итна поддршка за жртвите, преживеаните и нивните семејства, со конкретни мерки и гарантирани права. За жал, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа против – со што свесно ги ускратија семејствата од правична и заслужена поддршка“, соопшти СДСМ.
„Еве што точно одбија пратениците на ВМРО-ДПМНЕ:
*80.000 евра надомест за секое семејство на починат во трагедијата – еднократен паричен надомест за душевна болка и нематеријална штета
*Финансиска поддршка за повредените според степен на инвалидитет– од 1.200.000 до 5.000.000 денари, во зависност од утврдениот степен
*Покривање на трошоци за лекување – дома и во странство – хируршки интервенции, психолошка рехабилитација, лекови, помагала, сместување и транспорт
*Образовна поддршка за ученици и студенти– онлајн настава, ослободување од приемни и матурски испити, стипендии до крај на студии
*Платено отсуство за родители на повредени деца – најмалку 6 месеци платено отсуство и можност за продолжување по лекарска препорака
*Скратено работно време за родители до една година – со покривање на придонеси за родителите кои работат во приватниот сектор
*Психосоцијална и правна помош – за повредените и за семејствата на загинатите, најмалку една година
*Домашна нега и поддршка од социјални работници– за лица со инвалидитет стекнат од несреќата
*Државна поддршка за преквалификација и самовработување – за повредени кои не можат да се вратат на претходното работно место
*Можност за адаптација на домот и набавка на возило– за лица со траен инвалидитет
*Воспоставување на независна Комисија за проценка и следење– со стручњаци, претставници на институции и членови од семејствата на жртвите
*Законот е применлив и за претходни трагедии со македонски граѓани– Ласкарци (2019), Тетово (2021), „Струма“ во Бугарија (2021)“, објави СДСМ.
Македонија
„На матурска прослава без автомобил, без пиење алкохол: МВР со апел за безбедни матурски прослави

Сообраќајната статистика покажува дека во деновите кога се организираат матурски прослави се зголемува бројот на сообраќајни незгоди. Голем дел од учесниците во сообраќајните несреќи се млади луѓе, матуранти, кои најчесто завршуваат со тешки телесни повреди, а не ретко и го губат својот живот, информираат од МВР.
Одговорноста, како што напоменуваат, за девијантното однесување на дел од матурантите во сообраќајот е првенствено кај младите, но и кај нивните родители.
„Не дозволувајте им на своите деца да одат на матурска прослава со автомобил. Грешките во сообраќајот може да бидат фатални. Затоа: „На матурска прослава без автомобил!“, „Без конзумирање алкохол!“, Без користење наркотични средства!“, „Без нарушување на јавниот ред и мир“, посочуваат од МВР.