Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова во црквата на македонската заедница во Стерлинг Хајтс, Мичиген: Татковината не може да се менува

Со посетата на македонската православна црква „Раѓањето на Пресвета Богородица“ во Стерлинг Хајтс, Мичиген, и средбата со македонската заедница, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја заокружи работната посета на САД.
Таа присуствуваше на утринската литургија што ја одржа отецот Синиша Ристовски и оствари куса средба со митрополитот на Американско-канадската епархија на МПЦ – ОА, владиката Методиј.
Во име на свештенството отецот Синиша истакна дека им претставува огромна чест присуството на претседателката Сиљановска-Давкова. „Вие носите одговорност што инспирира доверба, почит и надеж со секоја ваша одлука, иницијатива и моќ да ги преобрази животите, да ги осветли патеките на вистината и да создаде мостови на соработка и разбирање меѓу народите“, порача по литургијата отецот Синиша.
Претседателката го изрази своето задоволство од топлиот прием од претставниците на македонската заедница за време на посетата во Њујорк и Детроит и посочи дека нивните постапки и посветеност се доказ дека каде и да сме, не го губиме македонскиот идентитет.
„И кога сум во САД, само поради вас – јас се чувствувам како да сум дома. Тоа е она што ме прави горда на вас. Ние мора да си ја повратиме дијаспората“, порача претседателката.
Таа укажа на важноста од одржување и засилување на врските со македонските иселеници и ги реафирмира заложбите за формирање совет за дијаспора и регистер на дијаспората.
Оддавајќи им признание на нашинците за нивната успешност на професионален план, дури и во најкомпетитивните држави како САД, претседателката им посака уште многу успех.
Цитирајќи го Бернард Шо, кој рекол дека „сè може да смените во животот, но татковината не може“, Сиљановска-Давкова порача: „Мораме тоа што сме го наследиле да им го пренесеме на своите деца, ако сакаме да опстоиме“.
Претседателката го посети и Неделното црковно училиште што функционира во рамките на црквата, а во кое речиси 120 македонски деца имаат можност да се запознаат со православната религија, со македонската традиција и да го изучуваат македонскиот јазик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски до ДУИ: Јас не сум албанофоб, туку криминалофоб кој ги презира криминалците кои во политиката влегоа голтари, а излегоа милионери

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Неготино во рамките на изборната кампања за локалните избори со слоган „Вистински избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, порача дека поддршката на овие избори и единствената алтернатива се ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која значи одење напред и градење на иднината, а другите се СДС и ДУИ, потпомогнати од Левица.
Мицкоски посочи дека оваа нивна коалиција е гаранција за враќање назад, за стагнација и за длабока криза, партии кои речиси никогаш не дошле на власт на фер избори, туку како последица на интриги, подземни игри и трикови, какви што прават и сега.
Од Неготино, Мицкоски упати порака и до раководството на ДУИ, посочувајќи им дека не е албанофоб, како што тие кажуваат, туку дека е криминалофоб кој ги презира политичките криминалци кои во политиката влегоа голтари, а излегоа милионери и се богатеа на грбот на граѓаните и дека од прв до последен ќе одговараат за криминалот кој го правеле.
„На секој митинг ги слушам од раководството на ДУИ, како ме нарекуваат ваков, таков, споменуваат орли, зајци за да последно ме наречат албанофоб. Еве јас оттука од Неготино, би сакал и ним да им одговорам. Јас не сум ниту албанофоб, ниту каков било човек којшто е ксенофоб и којшто има проблем со етничката припадност на кој било мој сограѓанин во нашата заедничка татковина, Македонија.
Но, да, сум криминалофоб и ги презирам оние политички криминалци коишто во политиката влегоа голтари, а излегоа од политиката милионери и сега мислат дека на етничка карта ќе играат и народот ќе заборави што правеа 20 години кога градеа дворци, кога купуваа трговски центри, кога купуваа скапи деловни простории во центарот на Скопје, кога купуваа мајбах автомобили и што уште не, на грбот на нашиот народ. Е јас сум тоа, криминалофоб и ќе одговарате од прв до последен за криминалот што го направивте“, порача Мицкоски.
Македонија
Филипче: Сe бориме за држава што не е ничија приватна сопственост

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на граѓанската трибина во Кичево посочи дека СДСМ е продолжение на идеалите врз кои е изградена современата македонска држава.
„СДСМ е продолжение на најсветлата традиција на Македонија борбата за слобода, рамноправност и достоинство. Нашите корени се во АСНОМ, во генерациите што ја поставија темелната вредност, државата да биде дом за сите,“ истакна Филипче.
Тој нагласи дека токму сега е време за повторно обединување и консолидација, додавајќи дека борбата на СДСМ е за држава која е заеднички дом, а не, како што рече, приватна сопственост.
„Се бориме за држава што не е ничија приватна сопственост, туку заеднички дом со правила што важат за сите.“
Филипче ја нагласи и суштинската разлика во однос на ВМРО-ДПМНЕ и порача дека „Македонија не се брани со навреди и кавги, со лажни повици за национално обединување, подземни игри за поделба и дека патриотизмот и достоинството не се злоупотребуваат за политички рејтинг.“
„Достоинството почитувани присутни се брани со силни институции, со сериозен план и со луѓе што искрено мислат добро и на државата и на идните генерации. Се брани со паметна, цврста позиција и со резултати дома: со држава што функционира, со реформирани институции што градат доверба и со економски политики што на прво место ги ставаат граѓанине и нивните проблеми,“ рече лидерот на СДСМ, Филипче, на граѓанската трибина во Кичево.
Македонија
Мицкоски до Филипче: Изборите ќе завршат и вашите лакеи ќе бидат сменети, ќе дојдат вистински судии и обвинители и ќе одговарате

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Демир Капија кој е во рамки на кампањата за локалните избори која се води под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“ се осврна на постапките на претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче.
„Mорам да прокоментирам една изјава на претседателот на СДСМ. Тој кажа дека немам право да го обвинувам СДСМ и ДУИ за судството и обвинителството, затоа што 15 месеци сме биле Влада и немало некои големи кривични случаи. Затоа чувствувам потреба да му одговорам, нема големи кривични случаи само поради една причина, а тоа се малкумина ваши лакеи кои ги има во обвинителството и судството кои не дозволуваат вака големи кривични пријави иако истражните органи како МВР и останатите надлежни сработија десетици случаи на висока корупција кога влада беа СДС и ДУИ“, кажа Мицкоски.
Мицкоски објасни дека сега грчевито нивните лакеи заедно со нив се борат да се опструираат истрагите поткрепени со докази за да можат оние поранешни функционери од СДС и ДУИ кои, како што рече, ја крчмеа, распродаваа, разнебитуваа Македонија, ќе одговараат.
„Но, имам лоша вест, локалните избори ќе завршат и вашите лакеи ќе бидат сменети и ќе дојдат вистински судии и обвинители и ќе одговарате. Обрачот се стега и нема бегање од одговорност. А сите ваши лакеи добро што се малкумина ќе бидат разрешени и ќе одговараат за попречување на правдата“, вели Мицкоски.