Македонија
ФРОДЕМ: Мицкоски и целото раководство на ВМРО-ДПМНЕ да поднесат оставки
ФРОДЕМ ги поздравува статутарните промени во ВМРО-ДПМНЕ, но бара оставки и одговорност од партиското раководство.
Oд тука преку соопштение порачуваат дека по три порази на чело на ВМРО-ДПМНЕ и плус еден пораз еден како генерален секретар на партијата, завршила епизодната улога на Мицкоски и неговата партиска клиентела.
„ВМРО-ДПМНЕ е партија на народот, а не приватна партија и затоа е потребно во најкраток можен рок узурпираната партија да се врати на членството. Затоа бараме од Мицкоски да престане да купува време, да престане и понатаму да одработува за туѓи криминални и анационални интереси, да престане да ја срами партијата и итно со целото партиско раководство да поднесе оставка. Неговата неславна епизодна улога заврши во раните утрински часови на 16 јули 2020 година. Оставка ден порано, ден подобро за ВМРО и Република Македонија.
Зарем беа потребни пет години и четири порази по ред некој да се сети (сега кога му е најгусто) дека се потребни промени на Статутот на партијата во насока на нејзина демократизација? ФРОДЕМ тоа го бараше уште во времето додека со партијата раководеше бегалецот од Будимпешта (уште пред 2015 година), кој водеше луда партиска и државна политика исчучиво за сопствен и фамилијарен интерес. Поради овие чесни барања, членовите на ФРОДЕМ и поддржувачите беа етикетирани како кодоши, предавници, беа исклучувани, и тоа од страна на докажаните криминално-кодошки структури на чело на партијата и од нивните наследници. Времето покажа кој е кодош, предавник, арамија, лажен патриот, пресметлив политичар, а кој држи до себе и до своите чесни патриотски и национални цврсти заложби и ставови.
Да не се соопшти цврст и јасен став на членството и на јавноста по ниту едно прашање, да не се поведе народот во клучните моменти е одлика на плашливци и луѓе што свесно и намерно калкулираат со приоритетните интереси. Долгото молчење, манипулирањето со јавноста и членството, тајното кокетирање со претставници на меѓународната заедница и обидот да се заштитат криминалците во сопствените редови ја докусурија партијата и ја доведоа до четири порази едноподруго. На вмровците и на Македонците многу побитна им е државата отколку умислената желба лидерот бргу да дојде до удобна премиерска фотелја.
ФРОДЕМ безброј пати сите овие години укажуваше и повикуваше на демократски промени и воспоставување нови стратешки, програмски и кадровски постулати, кои ќе го обноват компромитираното, криминализирано и руинирано партиско ткиво. Во таа смисла Мицкоски ја имаше поддршката од ФРОДЕМ за неслективно расчистување со криминалните партиски структури, кариеристи, прислужници, бандити, непринципиелни и дезидеологизирани персони желни за власт. Баравме да се стави крај и да им се каже довидување на сите оние што живееа и профитираа од државата и партијата. Но, за жал, сето ова беше игнорирано. Мицкоски, заради сопствениот комодитет, молчеше и не гледаше бидејќи поважни му беа должничко-доверителски односи со тие структури. Патем, ја „усреќи“ партијата со кадри од времето на Бранко Црвенковски и кадри кои за вмровците велат дека се безмозочна маса.
Во оваа пригода мораме да го потсетиме наметнатиот лидер Мицкоски на неговите зборови: „Ако водам, следете ме, ако се двоумам, поттурнете ме, ако ве предадам, убијте ме“. Господине Мицкоски, благодарение на криминалците во редовите на партијата и патриотите на дневна основа, кои те насадија на лидерската позиција, ти нè водеше. Заради партијата, ние те следевме, а ти нè предаде кога ни беше најтешко. Сакаме да ја потсетиме јавноста дека кога ти се двоумеше, ние те туркавме, а кога нè предаваше, многумина молчеа и ти се умилкуваа. За разлика од нив, ние и тогаш и сега сме гласни и искрени. Ова е доблест, а не грев за една партија, која го содржи префиксот демократска.
Во име на членовите на ФРОДЕМ по којзнае кој пат повторуваме дека ВМРО-ДПМНЕ не заслужува и понатаму да ја водат лабилни и неконзистенстни партиски раководни кадри со куп кривични пријави зад себе и вмровци по професија и потреба. ВМРО-ДПМНЕ беше и мора да остане народна партија, а не дувло на обвинети и осомничени криминални структури, одродници, платеници и политичари на дневна основа. Партијата не може да се рециклира преку стариот поданички материјал и преку неконзистентните и набрзина донесени ставови. Потребна е реална и коренита промена! Потребна е јасна визија за тоа каде оди Македонија и каква улога треба да има ВМРО-ДПМНЕ во иднина. Секој обид за игнорирање на овие по којзнае кој пат јавно кажани ставови, ќе биде уште подлабоко навлегување во чизмите на поранешниот претседател на партијата.
Потребна е политичка одговорност за водењето на калкулантската, несериозна и додворувачка политика и јавно извинување за сторените злодела на поединци, кои беа на највисоките раководни партиски и државни позиции. Не може најголемата опозициска политичка партија во државава да биде водена од луѓе што со едно око му намигнуваат на членството, а со друго на политичкиот конкурент и меѓународната заедница, а зад грбот на сите преку тајно договарање да се штитат криминални партиски структури. Само кристално прочистено и сплотено ВМРО-ДПМНЕ може да ги победи мрачните сили, кои газат по достоинството на македонскиот народ и кои се обидуваат да создадат држава на Северномакедонци со историја, традиција и култура од 1945 година“, велат од ФРОДЕМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши за Денот на независноста на Косово: Празникот е момент на размислување и национална гордост, кој ги отелотворува жртвувањето, посветеноста и визијата за слобода и градење на државата
Претседателот на Собранието Африм Гаши со честитка по повод Денот на независноста на Република Косово.
„Овој празник е момент на размислување и национална гордост, кој ги отелотворува жртвувањето, посветеноста и визијата за слобода и градење на државата. Независноста на Косово претставува триумф на слободната волја на граѓаните да изградат демократска, праведна и европски ориентирана држава.
Република Северна Македонија и Република Косово уживаат одлични односи. Нашите соседски, општествени и историски врски се силни и претставуваат непоколеблива основа за понатамошно продлабочување на партнерството меѓу нашите две земји.
На овој значаен ден, ја потврдуваме нашата поддршка за успешниот пат на Република Косово и изразуваме убедување дека нашата братска соработка ќе продолжи да се продлабочува во функција на мирот, стабилноста и просперитетот на регионот, како и на унапредувањето на нашата заедничка евроатлантска агенда“.
Македонија
(Видео) Кузеска: За еден час пред Владата ќе започне протест за поголеми плати, нека се симне Мицкоски, нека ги погледне работниците кои едвај може да си ги прехранат семејствата
„Со владин авион и парите од граѓаните премиерот бил на Јадранско море. На одмор. Ова е срамна слика за една опиена власт од луксуз, приватен бизнис и тендери“, истакна Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Додека, како што вели, граѓаните едвај врзуваат крај со крај, додека владата одбива 600 евра минимална плата и им крати 40 милиони евра на земјоделците, премиерот се луксузира врз грбот на народот.
„Исто како Груевски, тој купуваше очила од 60 илјади евра и луксузен мерцедес а Мицкоски има часовници од 60 илјади евра и сака да се луксузира со авион.
Пола Влада се шетала со владиниот авион. Главна дестинација- Будимпешта, кај нивниот шеф, Груевски. За еден час, овде, пред Владата ќе започне протест на работниците за поголеми плати, за достоинствен живот.
Нека се симне Мицкоски, нека ги погледне работниците кои едвај може да си ги прехранат семејствата и да им одговори: Колку ги чини граѓаните овој луксуз на премиерот со владиниот авион“.
Затоа ли се најавува купување на нов владин авион – за уште повеќе приватни патувања со народни пари, прашува Кузеска.
Македонија
Герасимовски: Јавен повик за Итно копче, брза и иновативна помош за повозрасните жители на Центар
Општина Центар ги повикува сите заинтересирани граѓани да аплицираат за услугата Итно копче, наменета за лица над 65 години, со приоритет за оние кои живеат сами или со брачен другар со нарушена здравствена состојба.
Услугата е наменета за лица со пензија до 35.000 денари и без дијагноза на деменција или Алцхајмерова болест, а може да ја користи само еден член на семејство.

„Со примена на оваа иновативна услуга обезбедуваме брза реакција за повозрасните или изнемоштените лица преку едноставно притискање копче што се наоѓа на уред во форма на алка. Станува збор за технологија која спасува животи и го подобрува квалитетот на живот на повозрасната популација“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Јавниот повик важи од денот на објава до исполнување на капацитетите, при што корисниците ќе се избираат по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Документите се доставуваат во Канцеларија на Итно копче, ул. Славе Георгиевски Шнајдер бр.5, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот.

