Македонија
Фрчкоска: Не се согласувам со испадите на Јанева, но таа е револтирана
Адвокатката Ирена Фрчкоска, која ја брани Катица Јанева во предметот „Рекет“, за однесувањето на нејзиниот клиент вели дека е последница на револт поради, како што вели, сите работи што ѝ се случуваат. Фрчкоска вели дека Јанева постапувала согласно нејзините законски надлежности и тука нема ништо спорно.
„Јас не се согласувам со таквите испади, но Катица Јанева е прилично револтирана, поради сите овие работи кои ѝ се случуваат. Гледаме дека обвинителката Стефанова во јануари кажувала еден став, сега друг. По наш впечаток, работите се извртуваат, а во друг дел – во ред беше исказот“, рече Фрчкоска.
Адвокатката на Јанева вели дека од ексшефицата на СЈО немало незаконско постапување.
„Од исказот на Лиле денеска можевме да добиеме впечаток и да изведеме заклучок дека ниту едно дејствие на Јанева не било противзаконско, туку сите дејствија се согласно нејзините законски овластувања и можности. Во еден дел, исказот на обвинителката ќе даде појасна слика за пуштањето на Јордан Камчев од притвор, каде гледаме дека со него од притвор биле пуштени уште пет лица. Ние сме задоволни од исказот на Лиле Стефанова, која потврди дека Катица Јанева не ѝсе мешала, ниту сугерирала, ниту барала да не се работи предметот ‘Империја’. Јас сум убедена, а тоа и Лиле го потврди, дека сè до април месец не ни знаела за колку лица се води предметот ‘Империја’, што, пак, покажува дека обвинителката Лиле е оставена сама да го виде предметот“, посочи Фрчкоска.
Во однос на изнесеното мислење од страна на Стефанова дека имало политичко влијание, Фрчкоска рече дека тоа ќе се расчисти со исказот на Јанева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

