Македонија
Функционерите ќе земаат 78 отсто поголеми плати до Нова година, Тренчевска најави дека дотогаш ќе изберат решение за намалување
Владата до крајот на годинава ќе избере едно од двете можни решенија за намалување на платите на функционерите, кои во март годинава беа зголемени 78 %. Министерката за труд, Јована Тренчевска, денес, уште еднаш потсети дека платите на функционерите не ги зголемила Владата која сега бара ново решение, туку Уставниот суд, а посочи и дека Собранието можело досега да најде некое решение за нивно намалување.
„Една опција е Законот за плати во јавниот сектор, а другата е измена и дополнување на повеќе закони, шест или седум, со кои се регулираат платите на сите оние функционери што се опфатени со одлуката на Уставниот суд. Ние како Влада ќе ги донесеме измените, меѓутоа треба да отидат на парламент, парламентот го има последниот збор за платите на функционерите. И пратениците во периодот што помина од донесувањето на одлуката на Уставниот суд досега можеа да донесат законски решенија на иницијатива на пратениците и пратеничките групи. Не мораше сѐ да се остави на Владата. Ако Владата работи на ова, ако Собранието имаше некакво поинакво решение, можело во изминатиот период да го донесат тоа решение. Бараме решение, ќе го најдеме решението. До крајот на годината ќе се избере една од опциите“, рече министерката Тренчевска.
Нагласи дека во периодот што следува заедно со Синдикатот треба да ги дефинираат највисокиот и најнискиот коефициент за пресметката на платите, процес за кој министерката Тренчевска не е оптимист дека ќе успеат да го завршат до крајот на декември иако е дел од едното решение за намалување на платите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

