Македонија
(Видео) Хан: Независносто судство и борбата против криминалот и корупцијата и понатаму остануваат стратешка цел

Еврокомесарот Јоханес Хан на прес-конференцијата во Владата по средбата со премиерот Зоран Заев изјави дека е убеден дека земјава во октомвир ќе добие зелено светло за почнување на преговорите со ЕУ.
Тој ја пофали Република Северна Македонија дека го исорачала сето она што го барала ЕУ и дека нема сомнеж дека земјата е на вистонскиот евро-атлански пат.
„Очекувам дека во октомври ќе биде завршена таа работа. Очекувавме тоа да се случи во јуни, но, за жал, не добивме позитивен сигнал, но тоа не значи дека треба да губиме надеж. Земјава многу направи и е позитивен пример во регионот, како треба да се работи на реформите“, рече Хан.
Тој додаде дека сепак работата на евро-атлантските интеграции не завршува тука и дека земјава треба да направи стабилен судски систем и да го донесе со консензус законот за јавно обвинителство.
„Независносто судство, борбата против криминалот и корупцијата и понатаму остануваат стратешка цел и таа не е важна само за ЕУ, туку за самата држава и нејзините граѓани. Сакам да ја пофалам опозицијата бидејќи е кооперативна во однос на таа цел и се надевам дека ќе покаже волја да биде донесен законот за да продолжат сите судски постапки и да се заокружи тој процес“, рече еврокомесарот.
По средбата со премиерот Зоран Заев, Хан ќе се сретне со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како и со лидерот на лидерот на Беса, Биљал Касами, и новоизбраниот претседател Стево Пендаровски.
По средбите во Скопје, Хан патува за Белград каде ќе се сретне со српскот претседател Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.