Македонија
Хаос на скопскиот аеродром, авиони се враќаат, маглата ги блокира летовите

Попладнево, поради густа магла, повторно се соочуваме со пореметувања на авиосообраќајот на Меѓународниот аеродром Скопје. Неколку летови се откажани, а дел од авионите беа пренасочени кон соседни аеродроми.
После 16 часот, не успеаја да слетаат авионите на „Сан експрес“ од Анталија, како и на „Визер“ од Меминген и Баден Баден. Летот од Меминген беше пренасочен кон Приштина, додека авионот од Баден Баден слета во Софија. Исто така, авионот на „Лот“ од Варшава не успеа да слета и се врати назад во Полска.
Досега се откажани и летовите за Малме и Истанбул.
Според податоците од аеродромските метеостаници, видливоста моментално е само 200 метри, што значително го отежнува слетувањето на авионите.
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) прогнозираат дека и утре ќе биде променливо облачно во Скопје, со утринска магла и претежно тивко време.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Нова опрема во детската градинка „Гоце Делчев“ во општина Илинден

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски ја посети детската градинка „Гоце Делчев“ во Илинден, каде во изминатиот период направени се повеќе инвестиции, соопшти општината.
Градоначалникот Александар Георгиевски истакна дека во детската градинка во текот на минатата годината направени се инвестиции, со цел да се подобрат условите за дечињата и вработените со цел обезбедување соодветни услови за престој во оваа установа. За таа цел, обезбедена е опрема за потреба на јаслените групи (слики од шкафовите, занималните, малата кујна), извршено преградување на салата за свечености со ПВЦ врати и промена на врати од занимални. Исто така обезбедени се дидактички материјали и играчки за децата од двата објекта, набавена е нова опрема со која ќе се обезбеди уште подобра исхрана за децата од градинката и целодневниот престој.
Дополнително градоначалникот истакна дека е изготвен Основен проект за доградба на централниот објект со нова кујна со бруто површина од 147м2 која ќе има капацитет за подготовка на 800 оброка, а делот во кој сега е сместена постоечката кујна ќе биде реконструиран и адаптиран во занимални за деца.
Општина Илинден и во наредниот период ќе продолжи со инвестирање во опрема во детската градинка и училишта на нејзина територија, затоа што гризата за децата и образованието се една од најважните алки во општеството, велат од општината.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Љупчо Коцевски е целосно одговорен за не постапувањето и неработењето на обвинителите под него

„Македонија мора да функционира како правна држава, неопходни се коренити реформи во правосудството. Функционирањето на Коцевски повеќе од 8 месеци е поразително. Коцевски со месеци ги штити поранешните функционери од СДС и ДУИ. Љупчо Коцевски 8 месеци нема покренато ниту едно обвинение. Љупчо Коцевски е целосно одговорен за не постапувањето и неработењето на обвинителите под него“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Љупчо Коцевски е одговорен за ставањето под закрила на политичките криминалци од СДС и ДУИ. Коцевски наместо да работи на владеење на првото и да го санкционира криминалот тој ја продлабочува недовербата на граѓаните во правосудството. Коцевски не постапува по наводите за криминал. Коцевски и ЈО со прст не мрднаа по мноштвото докази кои излегоа во јавноста за сторен криминал. За Коцевски не постои институтот за отворање на предмет по допрен глас. СДС поради контрола на судството инсталираше обвинители и судии избрани во Струмица и Зајас кои не постапуваат по наводите за криминал“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат:
„Извештајот на Транспаренси каде Македонија има пад од 12 места на светскиот индекс на корупција покажува дека токму правосудството е најслабиот столб во општеството во кое граѓаните имаат доверба од само 2 проценти. Коцевски треба да знае дека правдата не смее да чека, граѓаните заслужуваат правда и не можат повеќе да трпат неуспех, несериозност и непрофесионалност од судиите и обвинителите. ЈО на чело со Љупчо Коцевски наместо да го санкционира криминалот ги штити политичките елити блиски до СДС и ДУИ со што предизвикува ерозија на судскиот систем и недоверба во јавните институции“.
Скопје
Герасимовски: Акција за собирање кабаст отпад на локации во Пролет, Водно и Буњаковец

Општина Центар започнува нова акција за собирање кабаст отпад, со цел заштита на животната средина и подобрување на квалитетот на живот во локалната самоуправа.
Во периодот од 15-ти до 20-ти во наредните три месеци – февруари, март и април, граѓаните ќе можат бесплатно да го одложат кабастиот отпад на три локации:
– Во населба Пролет, кај Феријален дом;
– На Водно, кај КТК до контејнерите;
– Во Буњаковец, кај контејнерите кај Вучко.
„Апелирам до сите да ја искористат оваа можност и на еколошки начин да се ослободат од кабастиот отпад. Да ги чуваме нашите улици чисти и да придонесеме кон поздрава животна средина!“, порача градоначалникот Герасимовски.
Акцијата се спроведува согласно Акцискиот план за чист воздух и во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање. Дополнително, службите на локалната самоуправа активно спроведуваат голема кампања за чистење на општината под мотото „Центар не чека, Центар чисти“. Оваа иницијатива доби силна поддршка и позитивни реакции од жителите.
Заедно со граѓаните продолжуваме да создаваме чиста и уредена општина, во која приоритет ќе биде здравата животна средина, велат од општината.