Македонија
Хајредини до Агелер: Прашајте во Њујорк кои политичари од Македонија примиле милиони евра мито од Дојче Телеком

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини на „Фејсбук“ ја повика американската амбасадорка Анџела Агелер да обелодени информации во врска со случајот со „Дојче Телеком“.
„По интервјуто на ТВ Алсат, едно прашање до амбасадорката на САД, госпоѓа Анџела Агелер: Толку ли е тешко во окружниот суд на Њујорк да прашате кои се политичарите, високи државни функционери на Македонија, на кои директорите на Дојче Телеком и Маѓар Телеком, им исплатиле повеќе милиони евра мито, за што судот и ги осудил?“, напиша Хајредини.
Основниот кривичен суд Скопје пред четири дена јавно ја објави првостепената пресуда за предметот означен како „Маѓар телеком“ против тројца поранешни директори на македонската подружница на компанијата, на кои им се судеше во отсуство со оглед дека не беа достапни за органите на прогонот. Во согласност со пресудата, обвинетите беа огласени за виновни за кривичното дело несовесно работење во службата и осудени на казни затвор од 8 години за секој од обвинетите. Воедно, со пресудата обвинетите се задолжени солидарно да ја надоместат штетата од 67.407.760 денари на државата, како и судските трошоци за постапката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нема атмосферска канализација што ќе ги апсорбира врнежите со ваков интензитет, вели градоначалникот на Делчево

Градоначалникот на Делчево Горан Трајковски вели дека се работи за голема елементарна непогода и дека ништо не можело да спречи такво невреме, проследено со интензивни обилни врнежи.
„Ова е елементарна непогода. Екипите се на терен – територијалната противпожарна единица, јавното комунално претпријатие, „Македонија пат“, овде е и полицијата која го регулира сообраќајот да можеме побрзо да го ставиме градот во функција и да им помогнеме на луѓето каде што треба..ги контактиравме околните општини, пумпи за испумпување се на пат, имаме организирано, знаеме каде да ги упатиме овие пумпи“ рече Трајковски и додаде дека мора брзо да интервенираат затоа што има поплавени неколку улици и домови.
Тој апелираше до граѓаните кои имаат потреба од помош да се јават на 193 во противпожарната единица, за да пријават штета.
Рече дека имаат помош од околните општини Берово, Македонска Каменица, Кавадарци, Кочани и дека е во постојана комуникација со нив.
Ги предупреди граѓаните до утре да се воздржат од пиење вода од чешма. Исто така апелираше, луѓето да не излегуваат по улиците со нивните возила, за да не прават гужва во сообраќајот.
Македонија
(Видео) Страотни сцени од Делчево под вода; Жителите: Да не се повтори

Делчево е под вода. Од фотографиите и видеата што се шират на социјалните медиуми може да се види што направило страшното невреме.
Реки течат по улиците на градот. Уништена е и дел од улицата „Вера Јоциќ“. Поплавени автомобили.
Возилата на дел од улиците во Делчево не може да движат и таму сообраќајот е во застој.
Врнежите од град кои биле со големина на лешник предизвикале штети на дел од раноградинарските култури и на дел од овошните насади.
Од Општина Делчево апелираа до граѓаните да пријават евентуални штети.
Македонија
(Видео) ЦУК: Големо невреме во Делчево – врнежи од дожд и град, поплавени десетина објекти

Големо невреме проследено со врнежи од дожд и град попладнево го зафати Делчево.
Според информациите од ЦУК, во невремето има поплавени објекти. Во моментот на информирањето, екипите од Територијалната противпожарна единица ТППЕ Делчево во секој момент очекуваат да престане дождот за да излезат на терен и да интервенираат.
„Моментално интервенираат ТППЕ Делчево со 2 ПП возила и 5 пожарникари, додека Јавно комунално претпријатие во секој момент се очекуваа да излезат на терен и да интервенираат.
До со сега во Делчево се поплавени 10 објекти, но бројот на поплавени објекти, според информациите од терен, се очекуваа да расте“ велат од ЦУК.
Некои од граѓаните споделуваат видеа од невремето.