Македонија
Хелсиншкиот комитет: Газди им дале 50 отсто помала плата на мајки на деца до десетгодишна возраст

Една од родовосензитивните мерки за справување со пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19, кои ги донесе Владата, e ослободувањето од работни обврски на родителите што имаат деца до 10-годишна возраст. Навидум оваа мерка ја препознава поделеноста на правата и на обврските на родителите во рамките на домот и грижата за децата, но пријавите за прекршување на работничките права покажуваат дека оваа мерка во најголем дел ја користат мајките, велат од Хелсиншкиот комитет.
Ваквите податоци, додаваат од таму, повторно ги извадија на површина родовата нееднаквост во нашето општество и недоволната посветеност и работа на ова поле во периодот пред кризата.
„Податоците на Државниот инспекторат за труд покажуваат дека најчестите пријави за прекршување на мерките на Владата биле токму за оваа мерка, односно во 28 % од вкупните пријави поднесени до Инспекторатот. Работничките се соочувале со неослободување од работни обврски или со намалување на платите во случај на ослободување, а за работодавачите да успеат во својата цел, им се заканувале со откази и непродолжување на договорите за вработување. Таков случај изминатиов месец беше пријавен и во Хелсиншкиот комитет. Работничка вработена во текстилната индустрија нè информира дека како мајка на деца до 10-годишна возраст е ослободена од работни обврски по што платата за април и мај ѝ била незаконито намалена и изнесувала 50 % од целосната плата“, се наведува во извештајот на Хелсиншкиот комитет за човекови права за јули.
Во извештајот се заклучува дека вработените во текстилната индустрија во најголем дел се жени работнички, на кои платата не им е повисока од минималната плата.
„Оттука, некои од работничките, мајки на деца до 10-годишна возраст од оваа индустрија, додека се ослободени од работните обврски за време на кризната состојба, примаат плата во износ од 7.500,00 денари. Ваквата ситуација ја доведува оваа категорија работнички во нееднаква положба наспрема мажите работници. Имајќи предвид дека тие како жени го сносат најголемиот товар за извршување на обврските во рамките на домот и грижата за децата, па од тие причини и ја користат оваа владина мерка, тоа резултира и со незаконито намалување на нивните плати до износ што не е доволен да ги задоволи ниту основните егзистенцијални потреби на едно семејство“, пишува во извештајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Се виде кој вистински управува со СДС, тоа е Зоран Заев, а Венко Филипче е само нем послушник“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Се докажа дека Заев ја води СДС, додека Филипче е само статист во целата приказна. Иако формално Филипче има водечка улога, реалноста покажува дека сите клучни одлуки и насоки доаѓаат од Заев. Со јавувањето на Заев се гледа кој е вистинскиот лидер на СДС и кој ја има контролата врз партијата и кој ги влече конците во партијата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и СДС, по наредба на Заев, направија резолуција со која промовираат некакви црвени линии, кои тие веќе ги имаа прегазено и поминато изминативе години, на штета на македонскиот народ.
Како што Заев земаше куферчиња од Бугарија, Филипче да одговори какви куферчиња зема тој сега за да им удоволи на Бугарите, со што ќе си направи уште еден бонбона бизнис.
А, тоа што Заев вели дека не земал куферче пари од Бугарија не значи дека таа изјава е вистинита. Самиот негов обид да се оправда пред јавноста создава сомнеж и отвора прашања за вистинитоста на неговите тврдења.
Неговата акција за потпишување на бугарскиот договор, не е резултат на политичка волја, туку на финансиски интерес.
За сопствени интереси, како што Заев ја продаде државата, така и Филипче е спремен да ги продаде македонските интереси и идентитет за едно полно куферче.
Затоа, Филипче молчи за Заев, за неговите криминали, бидејќи и тој е поврзан со истите.
ВМРО-ДПМНЕ заедно со граѓаните, нема да дозволи уште еден бонбона бизнис, со цел богатење на Заев и Филипче, а распродажба на македонскиот народ“, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел и Аеродром

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.20 до 12.30 часот, дел од корисниците од ул. 1 во населба Радишани. (општина Бутел)
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. Горно Лисиче лоцирани на потегот од Маг Комерц, А-М Стил, Феромонт Инжинеринг кон село Долно Лисиче. (општина Аеродром)
Македонија
Дел од Аеродром денеска без вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на 3-та Македонска Бригада бб, прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на Вива, Метро, Центро, Спорт М и Форд, општина Аеродром.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.