Македонија
Царината заплени дрога, цигари, суплементи, парфеми и алкохол на граничните премини и во внатрешноста на државата

40 штеки цигари, 5 грама марихуана, 2.700 ќесички суплементи, 17 парфеми, 7.500 евра, 600 пакувања со вештачки трепки, 35 литри алкохолни пијалоци и разна друга стока е запленета во текот на изминатите денови, во случаи на откриени прекршочни дела, при што против сторителите е спроведена соодветна постапка, соопшти Царинската управа.
Најголем дел од случаите биле откриени од мобилните тимови кои при контроли извршени на граничните премини и во внатрешноста на државата откриле и спречиле повеќе прекршочни дела.
Според надлежните,40 штеки цигари и 17 парфеми, се откриени на Меѓуградската автобуска станица при контрола на автобус со турски регистарски таблички кој сообраќал на редовната линија Истанбул-Гостивар, извршена на Меѓуградската автобуска станица Скопје. Непријавените производи биле пронајдени на повеќе места во внатрешноста на автобусот – фиоката над возачот, позади возачкото седиште, во фиоката над предните скали, под и на претпоследните седишта и во просторот за одмор на возачите.
Пет грама опојна дрога марихуана е откриена при контрола на патнички кампер со швајцарски регистарски таблички со кој француски државјанин се пријавил за влез во државата на граничниот премин Блаце.
При претрес на возач на автобус на граничниот премин Табановце, откриени се непријавени 9.500 евра. На лицето, македонски државјанин, согласно законските прописи му се вратени две илјади евра, а останатите 7.500 евра се запленети.
Во друг случај на граничниот премин Табановце, мобилен тим при контрола на камион со скенер, откри разна стока која не била пријавена меѓу која и опрема за уредување на домот.
При контрола на минибус на влез во државата на граничниот премин Блаце се откриени дури 2.700 ќесички со суплементи Arabesca Genitals и Arabesca Slim Mix, кои биле скриени на различни места во возилото. Возачот на минибусот, изјавил дека пронајдената стока е пратка која требало да ја достави на лице во Скопје.
Вкупно 600 пакувања со вештачки трепки, се пронајдени при контрола на патните торби на италијанска државјанка кој допатувала на Меѓународниот аеродром Скопје со лет од Рим.
При контрола на стока со потекло од Турција наменета за фирма од Гостивар, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Скопје 4 се запленети 120 пара чорапи со ознаки на заштитена трговска марка поради основано сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост.
Во други случаи царински службеници на граничните премини Дојран и Табановце, открија прекршочни дела при што запленети се употребувана пумпа, 35 литри алкохолни пијалоци, 117 парчиња облека, како и разна друга стока.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обилни дождови, студ и снег на планините – од среда промена на времето

Утре времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималните температури ќе се движат од 5 до 14, а максималните од 17 до 24 степени.
Во Скопје ќе преовладува слично време – променливо облачно со сончеви периоди и слаб северен ветер. Утринската температура ќе се спушти до 12, а дневната ќе достигне до 22 степени.
Од среда попладне до петок се очекува нов влажен бран со врнежи од дожд, локално пообилни над 30 литри на метар квадратен. Во четврток и петок, со продор на постудена воздушна маса и засилен северен ветер, на повисоките планини ќе има услови за повремен снег. Температурите значително ќе опаднат.
За време на викендот се очекува стабилизирање на времето и постепен пораст на дневните температури.
Македонија
Судот оваа недела ја завршува оценката на обвинението за „Пулс“

Скопскиот Кривичен суд најави дека до петок ќе ја донесе одлуката дали обвинението за пожарот во кочанската дискотека ќе биде прифатено. Судиите треба да утврдат дали актот е јасен, правно издржан и поткрепен со доволно докази.
Постапката се одолговлекуваше поради тоа што дел од адвокатите на обвинетите не биле достапни за прием на документацијата, но сега, според судот, сите рокови истекуваат на 3 октомври.
Премиерот Христијан Мицкоски изрази незадоволство од начинот на кој обвинителството ја води постапката и порача дека сите поврзани со случајот мора да одговараат. Од опозициската СДСМ, пак, обвинија дека власта ги штити своите функционери кои биле чести гости во дискотеката.
Во пожарот загинаа 62 млади луѓе. Паралелно се води и истрага за 29 полициски службеници, за кои сè уште се анализираат доказите.
Македонија
Можност за воведување на нови авиолинии, тема на средбата меѓу вицепремиерот Николоски и шведскиот амбасадор Солстром

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска оствари работна средба со новоименуваниот амбасадорот на Шведска, Ола Солстром.
На средбата, вицепремиерот Николоски го запозна амбасадорот со владината програма во делот на капиталните проекти и вклученоста на Македонија во регионалните инфраструктурни проекти со што сe дава придонес во развој и промоција на регионалната соработка.
Се разговараше и за можностите и услови за инвестирање што ги нуди Македонија и јакнење на економската соработка.
Исто така, вицепремиерот Николоски ја отвори и темата за поквалитетна поврзаност меѓу двете земји и можностите за зголемување на авиолиниите меѓу Македонија и Шведска.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Шведска кои традиционалнo се пријателски. Двајцата соговорници ја нагласија потребата од интензивирање на соработката во дејностите од заеднички интерес за двете земји.