Македонија
Царинската управа со финални подготовки за воспоставување оне-стоп-шоп со Косово
Царинската управа се подготвува за воспоставување на оне-стоп-шоп со Косово на граничниот премин Блаце, што ќе овозможи побрз проток на стоки и луѓе како дел од активностите што се спроведуваат за забрзување и олеснување на трговијата. Со тоа се зајакнува конкурентноста на македонските компании на меѓународниот пазар и се овозможува поддршка на легалната трговија, од една страна, и се подобруваат условите за ефикасно спречување нелегални активности на границата, од друга. Ова е една од суштинските пораки од денешната посета на директорот Стефан Богоев и заменик-директорот Муарем Асани на граничниот премин Блаце.
„Граничниот премин Блаце е втор позначаен граничен премин на нашата северна граница, кој овозможува влез кон Косово, и движења кон Србија, Црна Гора и потоа кон Јадранското Море. Со неговата модернизација придонесуваме за забрзување на трговијата и транспортот и подобрување на перформансите на македонската економија“, вели Богоев.
Царинската управа значително инвестира во модернизација на граничното управување. Ова вклучува подобрување на инфраструктурата на граничните премини, поддржано со современи пристапи за забрзување на патничкиот и товарниот проток.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на Сиљановска-Давкова со професори од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова разговараше со професори на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје за неопходноста од креирање национален модел на образовна и здравствена политика, во којшто ќе бидат вградени физичката активност и здравите навики кај децата и младите, како гаранција за физички и ментално здрава нација.
За таа цел, деканот на факултетот, Влатко Неделковски, продеканката за настава, Андријана Мисовски и професорите Иван Анастасовски и Серјожа Гонтарев ја запознаа претседателката со предлог проектот, односно со планираните истражувања и временската рамка во којашто ќе се одвиваат (2026-2028), очекуваните резултати и стратешката одржливост.

Соговорниците укажаа на загрижувачките последици од долготрајното седење, гледањето телевизија и прекумерната употреба на дигитални уреди врз здравјето на младите, очигледни во прекумерната тежина, зголемената анксиозност, социјалната изолација и пониската самодоверба.

Тие посочија на научно утврдените придобивки од физичката активност како: поголема мускулна маса, подобра меморија, повисока концентрација, смиреност, полесно учење, повисоки академски резултати.

Претседателката предлага посветување поголемо внимание на предметот Физичко образование во сите степени и форми на образование, од градинка до факултет, практикување интерактивна настава во природа, учење во движење.

Сите веруваат дека инкорпорирањето на физичката активност како неопходен елемент на образовниот процес ќе има силно влијание врз младите и нивниот префериран модел на живот, профилирајќи поактивни, поиздржливи, посвесни и поздрави генерации.
Македонија
До сабота претежно облачно и релативно топло време со повремени локални врнежи од дожд
Облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните делови (локално над 30 l/m² за 24 часа). Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 8, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, облачно со повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
До сабота времето ќе биде претежно облачно и релативно топло со повремени локални врнежи од дожд. Во западните и јужните делови врнежите ќе бидат пообилни (локално над 30 l/m² за 24 часа). Од недела ќе има стабилизирање на времето.
Македонија
Муцунски на НАТО-состанок за Коридор 8: Потребнa e зајакнaта регионална поврзаност
На маргините на министерскиот состанок на НАТО, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на покана на италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани попладнево учествуваше на тематски состанок посветен на проектот „Коридор 8“, кој ја поврзува Република Северна Македонија со регионалната инфраструктура и пристаништата во Албанија, Бугарија, Грција и Романија и е препознаен како клучна точка за интеграција на Западен Балкан со пошироката европска мрежа.
На состанокот беше нагласена потребата од зајакната регионална поврзаност, особено имајќи ги предвид актуелните безбедносни ризици и динамичните геополитички промени. Притоа беше потенцирана заедничката определба за интензивирање на координацијата и комуникацијата меѓу сојузниците во контекст на натамошната модернизација на Коридор 8 – стратешка инфраструктура со растечко геополитичко значење.
Учесниците се согласија дека целосната реализација на Коридор 8 ќе донесе значајни стратешки, економски и безбедносни придобивки. Во светло на најновите геополитички случувања во Европа и пошироко, сојузниците ја потврдија неопходноста од забрзано вложување во Коридор 8 како дел од пошироката европска и евроатлантска безбедносна архитектура.

