Македонија
Царовска: Ако до вчера дискутиравме за штетни договори сега дискутираме само за квалитет на учебниците

Министеркта за образование и наука, Мила Царовска, потенцира дека квалитетот во учебниците и модернизацијата во образованието се во фокусот на министерството и според неа многу важно е да се направи исчекор во процесот на дигитализација.
„Ако до вчера на тема учебници дискутиравме за криминал, корупција и штетни договори, јас сум среќна што денеска дискутираме исклучиво за квалитетот на учебниците. Новиот Закон за учебници ќе обезбеди квалитетни материјали за учење, а воедно нуди и комбиниран модел на примена на печатени и електронски учебници, согласно потребите и можностите на учениците и семејствата. Секој ќе може да одбере на кој начин да учи“, рече Царовска.
„Медиумите детално објавуваа текстови и слики на неквалитетни учебници кои ги уништуваа нашите деца, а низ кои поминаа генерации и генерации кои денес сигурно чувствуваат недостиг поради лошиот квалитет на учебниците. Сега, со овој закон за учебници за првпат поставуваме филтри што треба да обезбедат квалитет преку комисии составени од наставници по соодветниот предмет, универзитетски професори и претставници на граѓанскиот сектор кои имаат искуство повеќе од 10 години за превенција од дискриминација и почитување на човекови права“, истакна таа, додавајќи дека ова се прави со цел оние учебници во кои има дискриминација врз основа на етничка припадност, дискриминација врз жените, уништување на граѓанскиот концепт во државата или претставување на власта како доминантна и моќна, а граѓаните како ситни, да станат минато.
„Формата е една работа, а што има внатре во еден учебник е друга работа и тоа наставниците најдобро го знаат. Затоа дебатата ја водиме со нив како најстручни. Секако дека ќе има дилеми што е подобро, а што е полошо, но важно е да направиме исчекор кон процесот на дигитализација и модернизација на образованието“, рече Царовска.
Министерката појасни дека законот нуди комбиниран модел на примена на електронски и печатени учебници согласно позитивните практики во земји како Хрватска, Словенија и Естонија и дека истиот ќе се воведува сукцесивно. Учениците од прво до трето одделение и натаму ќе добиваат учебници во хартиена форма, додека во новата учебна година само учениците од четврто одделение покрај можноста за хартиени, ќе добијат и дигитална верзија на учебниците. Дополнително, како што посочи министерката сите учебници ќе бидат понудени и во аудиоформат, додека за учениците со оштетен вид ќе бидат печатени на Брајово писмо.
„Дигиталниот учебник не е учебникот што до вчера го имавме со милијарда факти внатре, па само е ставен во електронска форма. Напротив. Концептот на учење е таму да има примери, насочување кон истражувања, а да ученикот може да ги потврди фактите коишто треба нужно да ги знае. Секој од родителите којшто смета дека нема да може неговото дете да учи електронски, ќе може да си го испечати учебникот и нема да има никаков проблем“, рече Царовска додавајќи дека е значајно што со новото законско решение, различните потреби на учениците ќе бидат пресретнати со различен тип на учебници.
Министерката информираше и дека подготовките за примена на новите наставни програми за прво одделение се започнати пред извесно време во соработка со локалните самоуправи и училиштата.
„Веднаш откако се донесе наставната програма за прво одделение, сите училишта беа известени што е потребно за започнување на наставата наредна година и до 15 јуни треба да ги имаат обезбедено ресурсите потребни за секоја училница. Учебниците се печатени и треба да им бидат доставени. За 4-то одделение штом ќе биде подготвена програмата, училиштата повторно ќе бидат известени што е потребно да имаат за реализација, но и да дадат информација каде е потребно да имаме засилување за обезбедување дигитални уреди, за што огромна поддршка и досега е добиена од реалниот сектор“, рече министерката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.