Македонија
Царовска: Буџетот на МОН е поголем 1,1 милијарда денари во однос на лани
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, го презентира граѓанскиот буџет за 2021 година, проектиран на 23,1 милијарда денари. Царовска рече дека во новиот буџет многу јасно се одразени развојните политики и заложби за создавање образование кое му овозможува на секое дете да го достигне својот полн потенцијал.
„Децата што се сега дел од образовниот процес се генерациите што треба да го носат ова општество напред. Училиштата треба да ги подготват за работни места што сè уште не се создадени, за технологии што сè уште не се измислени, за решавање на проблемите што сè уште не се предвидени. Токму ние се соочуваме со одговорноста, но и обврската да создадеме нови можности за нашите деца и млади за подготвено да ја дочекаат иднината. Затоа, овој буџет е креиран според реалните потреби на образованието и во насока на реформите кон кои се стремиме“, рече Царовска.
Царовска истакна дека вкупниот буџет на МОН е поголем 1,1 милијарда денари во однос на 2020 година, а најголемиот дел од парите е насочен директно кон граѓаните – кон подобрување на образовниот систем и условите во кои се одржува наставата.
„Издвоивме околу 1 милијарда денари за капитални инвестиции – што е два и полпати повеќе во споредба со минатата година. Со овие средства ќе овозможиме поквалитетен образовен процес за речиси 100.000 ученици, студенти и наставен кадар. Ќе реконструираме основни и средни училишта секаде во државата, ќе градиме спортски сали и ќе продолжиме со реконструкциите на студентските домови и јавните установи за високо образование“, рече Царовска.
Во интерес на инклузивното образование министерката најави и новина за условите за добивање буџетски пари за изградба и реконструкција на училиштата.
„Првпат еден од основните критериуми на конкурсот за капиталните инвестиции е токму пристапноста. Главниот услов да поддржиме одреден проект како Министерство ќе биде објектот да е лесно пристапен за лица со попреченост. Овој критериум го воведовме на последниот конкурс и продолжуваме да го применуваме во иднина“, рече Царовска.
Во делот на капиталните инвестиции предвидена е и целосна адаптација на 3 регионални центри за средно стручно образование во Охрид, Тетово и во Куманово. Со воспоставувањето на овие регионални центри даваме сосема нова димензија на средното стручно образование. Ги поттикнуваме младите да се стекнат со вештини потребни на пазарот на трудот преку кои ќе дојдат до поквалитетни работни места.
„Но, инвестирањето во објекти само по себе не е доволно ако не е проследено со суштински реформи во самиот образовен систем. Интензивно работиме на реформи во основното и средното. Развиваме целосно нов концепт на наставни програми и наставни материјали. Го напуштаме традиционалниот начин на фактографско учење и преминуваме на образование, кое создава граѓани што размислуваат критички и логички и носат заклучоци врз основа на факти, докази и анализи“, рече Царовска.
Она што е многу важно, првпат Министерството за образование издвојува 54 милиони денари за ангажирање образовни асистенти. „Овозможуваме секое дете да го развие својот потенцијал преку креирање инклузивни образовни политики и грижа за индивидуалните потреби на сите ученици“, рече Царовска.
Министерката најави целосно нова динамика, односно редовна месечна исплата на студентските и ученичките стипендии од декември.
„Со 900 милиони денари за стипендии за ученици и студенти и за почнување исплата на бесплатен студентски оброк им го подобруваме и унапредуваме студентскиот и ученичкиот стандард на речиси 50 илјади млади лица“, рече Царовска.
Царовска истакна дека МОН продолжува да работи на враќање на достоинството на наставниците, мотивирање и вреднување на нивниот труд.
„Ги зголемуваме блок-дотации за основно и средно образование и обезбедуваме дополнителни 122 милиона денари. Во 2021 година е планирана и исплата на минат труд во високото образование – законска обврска, која со години не се реализирала. Со ова решение покажуваме дека високото образование ни е важен приоритет“, рече Царовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Подобра заштита за деца и преживеани од родово базирано насилство: во Битола обезбеден простор
Денеска во Секторот за внатрешни работи Битола беше отворена целосно опремена соба за интервју за деца и жртви на родово базирано насилство, на тој начин се обезбедува безбеден и приватен простор, во кој се води грижа за траума, за спроведување чувствителни интервјуа со жртви и сведоци, вклучително и деца.
Развиена во согласност со меѓународните стандарди и најдобри практики, новата соба ќе ги поддржува полициските службеници и професионалците од кривично-правниот систем во применувањето пристап по мерка на жртвата и прикладена за децата во случаи на семејно насилство, насилство врз жени и девојки, трговија со луѓе и малолетничка правда.
На церемонијата на отворањето присуствуваа амбасадорот на Шведска во Северна Македонија, Ола Солстром, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килиан Вал, заменик-министерот за внатрешни работи, Астрит Исени и началникот на СВР Битола, Сашо Мирчески.
Во своето обраќање на отворањето, амбасадорот Килиан Вал истакна дека „на жртвите им е потребна посебна заштита и безбеден простор со кој ќе се спречи ревиктимизација и нанесување нова траума“.
Амбасадорот Ола Солстром ја повтори посветеноста на Шведска за поддржување отчетни полициски практики по мерка на луѓето, истакнувајќи дека новиот простор ја одразува посветеноста на Министерството за правен систем чиј приоритет се достоинството и безбедноста на секое дете.
Заменик-министерот Астрит Исени ги реафирмираше сопствеништвото и посветеноста на Министерството за водењето сметка да пристапот по мерка на жртвата да стане стандард во сите делови на полиција низ земјата.
„Оваа иницијатива е дел од проектот „Шведска поддршка на полициската реформа во Северна Македонија“, кој има за цел да ја зајакне институционалната способност на полицијата да ги следи меѓународните најдобри практики и стандардите за човекови права во областите на малолетничката правда и полициско работење. Иницијативата го одразува силното партнерство меѓу Министерството, Шведските полициски власти и Мисијата на ОБСЕ, придонесувајќи кон националните реформски приоритети, напорите на земјата за интеграција во ЕУ, како и заедничкиот фокус на родова еднаквост, човекови права, развој на полицијата и напори за спречување и реагирање на насилство врз жени и девојки.
Отворањето на просторијата за интервјуа ориентирана кон жртвите се случува во пресрет на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“, која започнува следната недела. Ова покажува како координираните партнерства може да испорачаат опипливи подобрувања за жртвите и преживеаните од цела Северна Македонија“.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 40 l/m² за 24 часа) со услови за појава на невреме со грмежи и силен ветер. Преку денот ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени.
Во Скопје, променливо облачно, со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Во недела ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Поради продор на постудена воздушна маса на повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Во понеделник и вторник утринските температури значително ќе опаднат. Нови локални врнежи од дожд се очекуваат кон средината на следната седмица.
Македонија
Севдаил Демири и Ресул Шабани добитници на наградата „22 ноември“
Утре во Кристалната сала на Собранието на Република Северна Македонија, во 11:00 часот, Одборот за доделување на државната награда „22 Ноември“ ќе ја додели државната награда за признание на луѓе од политичкиот, културниот и општествениот живот во Република Северна Македонија, кои дале свој придонес во унапредување на меѓучовечкиот соживот и меѓусебното разбирање меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери во Република Северна Македонија.
Добитници на наградата „22 Ноември“ за 2025 година се проф. д-р Севдаил Демири, истражувач, публицист и поет, и Ресул Шабани, писател.

