Македонија
Царовска: Го приближуваме средното стручно на потребите на компаниите, заедно креираме профили
Продолжуваат консултациите на Министерството за образование и наука со компаниите, стопанските комори и локалните самоуправи за потребата од отворање нови профили и паралелки во средните стручни училишта во државата од идната учебна година. Денеска, во Велес, министерката за образование и наука, Мила Царовска, имаше работна средба со градоначалникот Аце Коцевски и претставници на локалните компании во рамките на процесот за дизајнирање наставни програми и уписни политики во средните стручни училишта приспособени на потребите на компаниите.
„Важно е да ги усогласиме барањата на реалниот сектор со профилите за кои ќе се образуваат учениците во средните стручни училишта. Разговорите со градоначалниците и со компаниите ќе резултираат со отворање на идентификуваните профили и паралелки од идната учебна година. Како Министерство за образование и наука, ќе го поттикнеме изборот на учениците на бараните занимања и со новините во стипендирањето затоа што тоа е не само во интерес на бизнисот туку и во интерес на младите луѓе преку поголема вработливост“, рече министерката Царовска.
Анализата на Министерството за образование и наука, во која учествуваа 450 компании, покажа дека дури 85 % се подготвени да соработуваат со средните стручни училишта и да примаат ученици на практична настава, нешто што е многу важно за создавање стручен и квалитетен кадар.
„Ако се создаде силна врска меѓу учениците и компаниите, добиваат сите, и младите луѓе и компаниите. За нас како општина е важно што на тој начин истовремено се поттикнува и локалниот развој“, посочи градоначалникот Коцевски.
Средните стручни училишта во градовите, конечно, треба да станат места каде што ќе се креира квалитетен стручен кадар, кој е баран на пазарот на трудот, а компаниите места каде што учениците може да очекуваат вработување.
Социјалниот дијалог за идентификување на потребите на компаниите се одвива со мотото „Учи паметно, работи стручно“. Министерството за образование и наука за реализација на процесот соработува и има поддршка од Амбасадата на Швајцарија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

