Македонија
Царовска за реформите во основното образование: Да создадеме граѓани што ќе размислуваат логички и критички

Од Министерството за образование информираат дека почнала со работа групата што ќе ги прави реформите на основното образование.
Министерката Мила Царовска денеска го одржала првиот состанок со претставниците на групата во која се вклучени вработени од Биро за развој на образованието, универзитетски професори, наставници од основно образование, УНИЦЕФ и Македонскиот центар за граѓанско образование.
„Планот е да создадеме образование достапно на сите, образование што ќе создава граѓани што ќе размислуваат логички и критички и ќе донесуваат заклучоци базирани на факти и анализи. Во фокусот на реформата ќе бидат учениците, како и наставниците, кои треба да бидат поддршка во учењето на децата“, истакнала Царовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити не исклучува можност да биде кандидат за градоначалник на Чаир: Сè е на маса

Првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, не ја исклучува можноста да му биде противкандидат на Бујар Османи за градоначалник на Чаир на претстојните локални избори. Откога Османи јавно кажа дека размислува за кандидатура, Меџити одговарајќи на новинарски прашања попладнево во Владата, рече дека засега не е исклучена можноста тој да биде кандидат за градоначалник на Чаир.
„Сега-засега ништо не е исклучено. Засега е одлучено само да го поддржиме независниот кандидат за Струга Менди Ќура. Се друго е на маса. Ќе бидете известени истиот ден кога ќе ја донесеме одлуката“, рече Меџити.
Тој кажа дека Вреди ќе донесе конечни одлуки за кандидати за градоначалници откога ќе ги добие резултатите од повеќе анкети од професионални агенции за кои Меџити вели дека се во тек.
„Како Влен сме фокусирани да ги дадеме најдобрите, најлвалитетните кандидати во секоја општина која со што ќе ја потврдиме големата победа на Влен и на локалните избори како на претходните парламентарни избори“, рече Меџити.
Тој е довчерашен член на ДУИ, партија која трипати го предложи за градоначалник на Чаир и тој 12 години беше на чело на Општината. Првиот мандат го доби во 2005 година, а потоа уште двапати беше реизбран. Откога го заврши третио мандат, Меџити во 2017 година кажа дека нема да побара четврти мандат оти сака Општината да ја остави на помладите генерации во партијата.
Тогаш за градоначалник беше избран Висар Ганиу, како кадар на ДУИ. И Ганиу и Меџити, лани ја напуштија ДУИ и станаа дел од коалицијата Влен која годинава стана политичка партија.
Влен ќе одлучува за ново име кое ќе го предложи за градоначалник на Чаир оти веќе е извесно дека Ганиу ја изгуби поддршката кај јавноста по објавите за дивоградби и секојдневните обвинувања за криминал со нив од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
Македонија
Активни три пожари во државата, оној кај Николиќ ставен под контрола

Активни се три пожари во државата, соопшти Надица Вчкова од Главниот штаб за управување со кризи.
Во моментот сѐ уште е активен пожарот во Велес кај селата Џидимирци – Крушје – Иванковци, каде што гори мешана шума.
Активен пожар има и во Македонски Брод, помеѓу с. Црешнево, с. Локвица, с. Крапа, таму гори деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација.
И во општина Василево, кај селото Нивичино, има активен пожар, каде што гори нискостеблеста шума.
Пожарот кај селото Николиќ веќе е ставен под контрола, информираа надлежните, а пожарот кај Чучер-Сандево е целосно изгаснат.
„Во согласност со главниот штаб за ангажирање ресурси, денеска се вклучени две специјализирани возила со екипаж ‘Пинцгауер’ како и два ‘ер трактора’ на Дирекцијата за заштита и спасување на подрачјето кај селата Крушје и Иванковци. Во гаснењето на овој пожар ангажирани се и 30 припадници на АРМ. Хеликоптерот на МВР е во поддршка на копнените сили во гаснењето на пожарот над село Нивичино во општина Струмица“, извести Вчкова.
Додаде дека сите ангажирани ресурси остануваат максимално ангажирани на сите подрачја сѐ додека целосно не се изгаснат активните пожари.
Македонија
Тошковски и Саити потпишаа меморандум за соработка: во фокусот превенцијата и одговорот при кризни и вонредни состојби

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија, Саит Саити, денеска потпишаа меморандум за соработка помеѓу МВР и Црвениот крст.
Меморандумот претставува основа за понатамошна институционална соработка во областа на хуманитарното дејствување, превенцијата и одговорот при кризни и вонредни состојби, заеднички активности во полето на безбедноста, едукацијата, обуките, како и унапредување на волонтерството и солидарноста во заедницата. Со потпишувањето ќе се овозможи поефикасна координација помеѓу двете институции во интерес на граѓаните и нивната благосостојба.
Министерот Тошковски изрази голема благодарност до Црвениот крст за целокупната досегашна помош што ја има дадено како на Министерството така и на државата и граѓаните и истакна дека унапредување на соработката е со цел зголемување на позитивниот ефект врз државата и граѓаните.
„Ваков тип институционална соработка треба да биде пример како треба да се одвива една успешна соработка во интерес на државата. Овој меморандум за соработка, кој денес го потпишуваме, само дополнително ќе ги зајакне основите за нејзино унапредување и во иднина. Сигурен сум дека резултатите што ќе ги дадеме во иднина ќе бидат уште подобри благодарение на ваквото унапредување“, истакна министерот Тошковски на потпишувањето на меморандумот.
Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити, истакна дека и досегашната соработка на двете институции е повеќе од задоволителна, но во насока на нејзино унапредување се потпишува овој меморандум, кој регулира нови области на заедничко дејствување, кои поефикасно ќе ги пресретнат новите предизвици што се наметнуваат.
„Спроведувајќи ги одредбите од меморандумот, ќе можеме да продуцираме и да произведеме нови форми на соработка, кои ќе овозможат да ги зголемиме хуманитарните ефекти од нашето работење во општеството“, потенцира Саити.