Македонија
Царовска: Над 90 проценти од учениците успешно следат онлајн настава

На ниво на цела држава, 90,2 % успешно следат онлајн настава, рече министерката за образование и наука, Мила Царовска, при денешната работна посета на општина Прилеп.
„За останатите девет проценти, наставата се следи преку телевизија, но и со доставување на печатени материјали до учениците. Благодарност до Националната радио-телевизија заради тоа што овозможи 15-минутни часови да се одвиваат и на телевизија. Како МОН сме задоволни од моделот на настава којшто се избра заедно со Владата, а тоа е комбиниран, дел со физичко присуство дел со онлајн настава“, изјави Царовска.
Во наредниот период следува оценувањето на учениците, а до 20 ноември треба да се утврди и првото тромесечје. Царовска укажа дека и наставниците и учениците ќе имаат поддршка за сите предизвици коишто ќе се јават.
Градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, изјави дека на територијата на општината не се забележани потешкотии во изведувањето на наставата од далечина, додека наставата со физичко присуство се одвива соласно протоколите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ по интерпелацијата на Коцевски: На Македонија и’ треба обвинителство отпорно на политичко влијание

Социјалдемократскот сојуз и ДУИ, вчера здружно застанаа на браникот да го спасат Љупчо Коцевски, на кого веќе му е изгласана интерпелација во македонското Собрание, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, сега на сите им е јасно, зошто никој од СДСМ и ДУИ не е во затвор по обвинение на Основното јавно обвинителство, а тоа е затоа што Љупчо Коцевски, како прв човек на обвинителството, наместо да го гони сторениот организиран криминал и корупција од лица на овие партии, тој се ставил во нивна заштита.
„Сламката на спасот за Коцевски е СДС и ДУИ, за после тој да продолжи да им ги спасува и штити криминалот. Со вчерашното собраниско гласање, односно негласањето на СДС и ДУИ за интерпелацијата на Коцевски, станаа јасни и други работи.
Сега веќе е јасно кој ја мати водата за трагедијата во Кочани. Истите оние кои претпладнето правеа пресови за Кочани, не беа задоволни од истрагата и обвинуваа за селективност, сега сметаат дека Коцевски добро си ја работел работата.
ДУИ и СДС се штитникот на Коцевски. Така тие си го штитат криминалот на Венко Филипче и Зоран Заев, исто како и на Али Ахмети.
Затоа и покрај јавно објавените индиции и докази за вмешаност во криминал и корупција на Филипче, Заев, на скоро цела фамилија на Амети, нема никаква истрага или постапка од обвинителството.
Сите се се уште на слобода, без никакви кривични пријави, да си ги шират бизнисите од криминално стекнатите пари.
На Македонија и треба независно и непристрасно Јавно обвинителство, отпорно на политичко влијание, кое ќе ги гони сторителите на криминал и корупција, а не обвинителство во служба и заштита на криминалот и криминалците од СДС и ДУИ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
АМСМ: Зголемена е фреквенцијата на возила поради летните одмори

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, но на граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури. Термините се следни:
петок од 17:00 – 22:00 часот,
сабота од 09:00 до 18:00 часот и
недела од 09:00 до 22:00 часот.
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забранaта ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Милошоски за Коцевски: Најдобро е да си поднесе оставка, бидејќи спонзорството од ДУИ и СДСМ само ќе му го руши угледот

Со денешното гласање во Собранието паднаа маските околу тоа кој е политичкиот покровител на Државниот јавен обвинител Коцевски и неговото раководно друштво во обвинителството, напиша во објавата на социјалните мрежи Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, одговорот е јасен.
„Истите политичари од ДУИ и СДСМ кои во февруари 2024 година го предложија и гласаа „За“ изборот на Коцевски за јавен обвинител, денес не се осмелија да гласаат за негова недоверба. И покрај тоа што државниот обвинител има неколку крупни професионални грешки за кои заслужува разрешување, сепак фактот што токму Коцевски најдобро ги знае индициите за висока корупција направена од високи функционери од СДСМ е оној политички кредит што пратениците на Филипче и Оливер Спасовски мораат сеуште да го отплаќаат со заштита на функцијата на обвинителот“.
Како што оценува Милошоски, дури и пораката од СДСМ до Државниот обвинител дека од него зависело дали ќе бил “со штитот или на него”, повеќе звучи како кодиран сигнал од еден кон друг бизнис клан, отколку како парламентарен принцип поврзан со владеењето на правото.
Сепак, вели тој, добро е што ВМРО-ДПМНЕ остана доследна на своите позиции и тука не треба да се застане.
„Иако денес ги видовме политичките покровители на Државниот обвинител во Собранието, сепак корозијата на репутацијата на ЈО во најголем ја прават десетина актери внатре во самото обвинителство. Заради ваквите околности, како и заради силната порака која денес ја доби од Собранието, најдобро е ЈО Коцевски да си поднесе оставка, бидејќи спонзорството од ДУИ и СДСМ само дополнително ќе му го руши и угледот, и интегритетот на обвинителството во целина“, пишува Милошоски.