Македонија
Царовска на дигитален самит за Западен Балкан: Учењето на далечина е успешен одговор на предизвиците од пандемијата
Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образование продолжуваат да инвестираат во подобрување на дигиталните вештини и компетенции за да може секое девојче и момче да добие еднакви шанси за квалитетно образование, рече министерката за образование и наука, Мила Царовска, во обраќањето на третиот дигитален самит за Западен Балкан во Тирана (Албанија), кој, поради пандемијата, се одржува онлајн.
„Пандемијата донесе дополнителни предизвици во организирањето учење на далечина нагласувајќи ја потребата за понатамошна и побрза дигитализација на училиштата и образовниот процес. Aко не инвестираме во дигитализацијата, затворањето на училиштата може да резултира со огромна загуба во развојот на човечки капитал и да донесе долгорочни економски и социјални импликации. Затоа, иако кризата е силен стрес-тест за образовните системи, таа е исто така и можност за брзо приспособување и развивање на образованието во чекор со современите трендови. Во Северна Македонија успешно се реализира учење на далечина и 88 проценти од учениците без проблеми следат онлајн-настава“, рече Царовска.
Со цел да се обезбеди развој на дигиталните вештини потребни во 21 век и дигитална трансформација, во Република Северна Македонија креирани се неколку политики, како што е воведувањето задолжително учење информатика во основното образование во шесто и седмо одделение и во осмо и деветто одделение како изборен предмет. Царовска истакна дека за поддршка на дигиталните вештини во нашата земја се реализира програмата „Училишта на 21 век“, со поддршка на британскиот совет.
Програмата се спроведува регионално и учениците на возраст од 10 до 15 години од Западен Балкан стекнуваат вештини за критичко размислување, решавање проблеми и кодирање. Тоа им овозможува на учениците да развијат клучни вештини за размислување и решавање проблеми на забавен, интерактивен и иновативен начин и тие имаат можност да ги применат овие вештини во пракса.
Mинистерството за образование и наука и Бирото за развој на образование, следејќи го новиот дигитален акционен план на ЕУ, подготвуваат нови наставни планови и програми, кои ќе обезбедат дигитално образование со високи перформанси преку висококвалитетни содржини, подобрување на инфраструктурата, како и на вештините и компетенциите на наставниците.
Третиот дигитален самит, кој се одржува во рамките на Берлинскиот процес, е насочен кон регионалната соработка и размена на искуство за дигитална трансформација на највисоко ниво. Дигиталниот самит WB6 има цел да ги прикаже добрите практики на Западен Балкан, да ги потенцира достигнувањата и резултатите од дигиталната агенда и да ги истражи можностите за градење партнерства со приватниот сектор во контекст на процесот на дигитална трансформација.
Самитот ја промовира дигиталната перспектива на Западен Балкан во контекст на интеграцијата во ЕУ истовремено трасирајќи ја дигиталната агенда со цел да им се даде приоритет на клучните цели за регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

