Македонија
Царовска: Новата концепција за основно образование е влез во нова ера на развој
Меѓународниот ден на образованието – 24 јануари годинава го одбележуваме во време на пандемија којашто ни наметна целосно нови услови за одвивање на образовниот процес, но и предизвици во изнаоѓање на решенија за непречена настава и квалитетно образование и во овие исклучително сложени услови. И покрај пандемијата Министерството за образование и наука продолжува силно да вложува во образованието и во подготвувањето на целосна нова реформа која ќе гарантира подобро и поквалитетно образование за нашите деца. Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска во видео обраќање по повод денешниот Меѓународен ден на образованието.
„ Остануваме посветени и вложуваме во подобри услови и во нови образовни програми, со кои ќе ги поттикнеме најмладите критички да размислуваат и да фатат чекор со нивните врсници од најразвиените земји. Силно верувам дека новата концепција за основно образование е влез во нова ера на развој, раст и унапредување на идните генерации и влог во иднината на земјата. Правото на образование е основно човеково право, а квалитетното образование е основа за развој и просперитет на секое дете и на општеството во целина“, вели Царовска.
Министерката Царовска потенцира дека и во време на пандемија е овозможено образовниот процес да тече непречена настава со комбинираниот модел: настава со физичко присуство, онлајн и со емитување часови на телевизија што не беше ни малку лесно. За сето ова да успее најголем придонес имаат учениците, наставниците и родителите.
„ Децата, нашите ученици се и нашите херои во ова време, херои кои ни покажаа на сите нас дека може да се постигнат резултати и при учењето на далечина, ни одржаа лекција за прилагодување и прифаќање на променетите услови, за учење и просперитет и во вонредни околности“, вели Царовска.
Според податоците на УНЕСКО од кризата со Ковид-19 и затворањето на училиштата, универзитетите и другите образовни институции, како и прекинот на многу програми за доживотно учење и описменување, влијаеше врз животите на над 1,6 милијарди ученици во повеќе од 190 земји во светот. Во сите овие земји вклучувајќи ја и нашата, образованието е во фокусот на обновата од влијанието на кризата како клучен фактор за трансформацијата кон поинклузивно, побезбедно и одржливо општество.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.
Македонија
Одрон во должина од 80 метри на патот Скопје-Велес: сообраќајот кај Сопот се одвива по една лента
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес, околу два километри пред Сопот, од 21 часот се одвива по една коловозна лента (десната) поради поголем одрон.
Како што информираат oд АМСМ, одронот е во должина од 80 метри.
Фото: илустрација (depositphotos)
Македонија
СДСМ-Кисела Вода бара итна исплата на надоместоците за избирачките одбори
Општинската организација на СДСМ-Кисела Вода од градоначалничката на оваа општина бара итно постапување по одлуката на Советот на Општина Кисела Вода од 7-та пленарна седница одржана на 29 јануари 2026 година, со која е предвидена исплата на надоместоците на членовите на избирачките одбори од последните локални избори.
Во писмото се наведува дека одлуката е донесена, средствата се обезбедени, но дека изостанува извршната постапка.
„Одлуката е донесена. Обврската е јасна. Средствата се обезбедени. Она што недостасува е – Ваша извршна постапка“.
Од СДСМ – Кисела Вода порачуваат дека станува збор за средства обезбедени од државата за реализација на изборниот процес и оценуваат дека секое понатамошно одлагање претставува поткопување на институционалниот интегритет.
Тие бараат најдоцна до утре да се пристапи кон исплата на средствата согласно одлуката на Советот.
Во спротивно, советничката група на СДСМ најавува испраќање официјален допис до Државната изборна комисија, известување до Министерството за локална самоуправа и информирање на претставници на меѓународната заедница.

