Македонија
Царовска: Обновената спомен-соба на Мисирков значајна за целата држава
Според министерката за образование и наука, Мила Царовска, отворањето на обновената спомен-соба на Крсте Мисирков претставува значаен настан не само за Институтот за македонски јазик, чиј патрон е Мисирков, туку за целата држава.
„На овој начин се покажува и почитување кон неговото дело, но исто така и вложување во грижата и негувањето на македонскиот јазик и сите оние што придонеле за денешницата“, рече Царовска на промоцијата на музејската поставка за животот и делото на Мисирков, основоположникот на првата стандардизација на македонскиот јазик.
Министерството за образование и наука финансиски ја поддржа иницијативата на Институтот за македонски јазик за реставрирање и подновување на спомен-собата на Мисирков, а кон идејата се приклучи и Град Скопје.
„Дополнително, за да ја зголемиме грижата за македонскиот јазик и за наставниците што ќе го предаваат македонскиот јазик и ќе го истражуваат и проучуваат, годинава првпат обезбедивме и 15 стипендии за студенти што студираат на Катедрата за македонски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. МОН продолжува со политиките кои се во насока на негување и изучување на македонскиот јазик“, нагласи Царовска.
Директорката на Инстититутот, Елена Јованова-Грујовска, потсети дека ова е година во која се одбележуваат 95 години од смртта на Крсте Мисирков, 100 години од раѓањето на Благоја Корубин, еден од основачите на Институтот, и година на чествување на Блаже Конески.
„Мисирков во книгата ‘За македонцките работи’ ги постави основите на правата и стандардизација на македонскиот јазик, Конески ги реализира идеите за современа македонска азбука, правопис и институционална кодификација на македонскиот јазик“, рече Јованова-Грујовска.
Спомен-собата на Мисирков содржи документи и фотографии, дел во електронска форма, кои сведочат за животот и образовната, научната, дипломатската и револуционерната активност на првиот кодификатор на македонскиот јазик. Посебно место во поставката зазема книгата „За македонцките работи“, објавена 1903 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

