Македонија
Царовска: Образованието е најмоќна алатка за позитивна трансформација на општеството
Од општество соочено со меѓуетнички конфликти пред 20-тина години се трансформираше во мирно и хармонично општество за сите, за кое се заложи актуелната влада преку своите мултиетнички и мултикултурни политики. Овој концепт ќе продолжи да се имплементира сé до конечно остварување на целите заради кои е креиран, да се изгради држава во која буквално сите ќе имаат чувство дека припаѓаат тука, дека ова е нивната татковина и тоа се луѓето, сограѓаните со кои треба да живеат, да работат и воопшто да создаваат заедничка иднина, истакна министерката за образование и наука Мила Царовска на панел-дискусија посветена на етничката нетолеранција и национализмот во земјите од Западен Балкан, што втор ден се одржува виртуелно, како дел од Самитот за демократија во Југоисточна Европа, организиран од Меѓународниот републикански институт.
„ Не е лесно да се работи на овие цели. Затоа што лузните од едни времиња кога беа застапени некои други идеологии и визии тешко избледуваат, но тоа не значи дека немаме напредок и дека треба да се откажеме од остварување на поставените цели. Напротив, како што посочив, напредокот е многу голем и тоа е мотив да продолжиме да работиме на сузбивање на јас ги нарекувам ‘пороци’, кои го уништуваат човештвото повеќе од сите други пороци кои почесто се споменуваат во секојдневието“, рече Царовска.
Министерката истакна дека во оваа насока, Владата е фокусирана на крупни промени во образованието како најдобар механизам преку кој се влијае на начинот на размислување и однесување на цели генерации. Идејата е учениците уште од најрана возраст покрај стекнување на применливи знаења и вештини, да се насочат и кон вистински граѓански вредности кои ја елиминираат нетолеранцијата, меѓуетничката нетрпеливост, дискриминацијата и насилството во сите облици.
„Реформите кои ги правиме во образованието ќе им помогнат на младите да прераснуваат во добри луѓе кои ќе знаат како да ги почитуваат различностите во општеството, односно соживотот со различни од себе да го сметаат за придобивка. Ќе знаат да ја ценат важноста на родовото прашање, да разликуваат добро од лошо, да препознаваат и да одбегнуваат иницирање на секаков облик на насилство, вклучително и говор на омраза кој е особено застапен на интернет-просторот. Фокусирани сме и на медиумска писменост и препознавање и ненаседнување на лажни вести и овие теми се исто така дел од новите наставни програми изготвени врз основа на усвоена нова Концепција за основно образование во мојата земја“, потенцираше Царовска.
Таа додаде дека силно верува во успешноста на планот за реформа на образованието кој ќе биде остварен на среден рок, затоа што истиот е подготвен преку широк процес на јавна дискусија во која особено е земено предвид мислењето на експертската јавност, а, како што рече, државата има и голема поддршка од меѓународните партнерски организации, како организациите на Обединетите нации, Светска банка и други.
На панел-дискусијата, покрај министерката Царовска учествуваа и повеќе други претставници на институции и граѓански организации од Северна Македонија и Србија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.

