Македонија
Царовска по најавите за бојкот: Онлајн-наставата не е нечиј хир, туку препорака од експерти
По сè погласните најави за бојкот на онлајн-наставата во училиштата во кои не е дозволено физичко присуство, министерката за образование, Мила Царовска, вели дека сега е моментот кога сите треба да покажеме грижа не само за нас, за нашите деца, туку и за јавното здравје.
„Деновиве гледам родители и родителски совети кои најавуваат бојкот на онлајн-наставата. Бараат настава со физичко присуство. Јас тоа го разбирам. Тие навистина имаат ризици и не може да се спореди наставата со физичко присуство и онлајн-наставата, но сите ние овој пат треба да покажеме дека се грижиме не само за нашето здравје и за здравјето на нашите деца туку дека се грижиме и за јавното здравје. Експертите одлучиле дека не треба да се даде физичко присуство поради епидемиолошката состојба во таа општина или за бројот ученици што треба да влезат и излезат од еден објект. Со тоа се зголемува ризикот од пренос на Ковид-19“, објасни министерката Царовска.
Таа потсети дека изминатиот период состојбата со Ковид-19 била контролирана поради почитувањето на насоките од експертите и апелира на тој начин да се продолжи со одговорно однесување кон она што го кажуваат.
„Ова не е време кога нашите желби може да се земат предвид ниту, пак, е нечиј хир некаде да се пушти, некаде да не се пушти настава со физичко присуство. Станува збор за препорака од експерти. Важно е сите ние да го почитуваме она што како одлука е донесено од експерти и, повторувам, не станува збор за желби, станува збор за состојба со која сите ние заедно треба да се справиме и да излеземе од неа посилни“, рече министерката Царовска.
Таа вчера апелира родителите, директорите на училиштата и градоначалниците на општините во кои има најави за бојкот на онлајн-наставата да седнат и да најдат решенија на проблемите оти бојкотот не носи ништо добро за децата.
Бојкот, но од следниот месец, најавија и средношколците доколку не се дозволи комбинирана настава. Тие најавија дека учебната година ќе ја почнат со онлајн-настава, но доколку епидемиолошката состојба се смири, ќе протестираат во ноември доколку не се дозволи комбинирана настава.
Учебната година со онлајн-настава почнува утре. Националната платформа денес беше успешно тестирана откако претходните два дена постојано паѓаше. Тестирањето што вчера доживеа фијаско, денес се одвиваше речиси без проблеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

