Македонија
Царовска: Се интензивираат активностите на мобилните тимови, идентификувани 167 деца на улица
Шест мобилни тимови на Министерството за труд и социјална политика изминатите две недели идентификувале 167 деца, меѓу кои 18 бебиња на неколку пофреквентни крстосници во Скопје. Најчестите активности во кои децата се вклучени се улична работа, вклучително и продавање мали предмети, чистење стакла и питачење. Поголемиот дел децата се без документи и не се вклучени во образовниот процес.
Ова се дел од податоците коишто зајакнатите мобилни тимови за постапување со деца на улица на ЦСР Скопје денеска ги презентираа на работен состанок со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс, и претставници од Црвен крст на град Скопје.
„Единствен начин да ги детектираме и да почнеме да ги решаваме проблемите со кои се соочуваат децата на улица е да работиме одблизу со нив и нивните семејства, да им овозможиме континуирана помош и поддршка. Токму затоа, ги јакнеме мобилните тимови на Центарот за социјални работи кои веќе почнаа со мапирањето на најфреквентните локации каде што има деца коишто питачат. Тие, исто така, ќе им помагаат на полнолетните да најдат работа и ќе ги насочуваат да се вклучат во мерките за доквалификација и прекфалификација што ги нудиме”, изјави министерката Царовска.
Царовска уште еднаш потсети на важноста на социјалната реформа којашто сè уште е во собраниска процедура. Со оваа реформа се извлекуваат најранливите од сиромаштија и истата значи за 20 пати поголем опфат на деца во користењето на детскиот и образовниот додаток и намалување на детската сиромаштија, но и овозможување безгрижно детство, детство кое е целосно ослободено од насилство, експлоатација и злоупотреба и вклучување на децата во образовниот процес.
„Првичните наоди од теренските истражувања потврдуваат дека децата на улица често се жртви на повеќе негативни искуства, вклучувајќи физичко и психичко малтретирање и занемарување. Тие ја зајакнуваат потребата од системски решенија, бидејќи многу од овие деца го пропуштаат правото на образование, здравје и заштита”, рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ. „Како луѓе, тешко е да се воздржиме од тоа да даваме пари или да купуваме производи од децата на улица. Но, треба да бидеме свесни дека ако го сториме тоа, овозможуваме средина што им штети на децата. На децата на улица им е потребна системска поддршка, прво и основно за да се спречи тие воопшто да завршат на улица”.
Почнувајќи од следната недела, теренските работници ќе ги посетат домовите на децата што ги идентификувале на улиците и ќе почнат да работат со семејствата.
Проширувањето и зајакнувањето на мобилните тимови со стручен кадар е поддржано од УНИЦЕФ, а се спроведува преку ЦСР Скопје во соработка со Црвен крст на град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

