Македонија
Царовска: Се разгледува можноста за продолжување на обуката на средношколците во фабриките
Заменик-претседателот на Владата за економски прашања, Мила Царовска, и директорот на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, Патрик Мартенс, денеска одржаа онлајн состанок на којшто се разговараше за можностите за продолжување на практичната настава како дел од дуалното образование во компаниите во неколку градови низ државата во услови кога земјата и светот се соочуваат со Ковид-19.
На состанокот беше заклучено дека е неопходно учениците од стручните училишта кои се дел од дуалната настава практичниот дел да го поминуваат во производствените погони, но под силни протоколи за здравствена заштита за што во наредните неколку денови треба да се донесе и конечна одлука. Компаниите веќе ги имаат воспоставено протоколите за заштита од Ковид-19 коишто треба само да се почитуваат, а бројот на ученици коишто ги посетуваат фабриките не е голем. Според наставниот план за учебната 2020-2021 година, учениците од втора година вклучени во дуалното образование поминуваат еден ден во неделата на практична настава, а учениците од трета година два дена.
На состанокот, исто така, беше потенцирано дека повеќе компании коишто се веќе вклучени во дуалното образование се заинтересирани за спроведување на практичната обука во нивните производствени капацитети со што би се продолжила одличната соработка со нивните партнери училишта, но и обезбедувањето квалитетен и стручен кадар.
Дуалното образование коешто е по германски модел кај нас се спроведува од 2017 година со поддршка на германското стопанство. Во дуалното образование се вклучени 10 компании и средни стручни училишта од пет града од државата, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре претежно облачно со врнежи од дожд, на повисоките планини снег
Времето утре ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд пообилни во источните делови. На повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег, а на некои од повисоките места од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, времето ќе биде претежно облачно, со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен северен ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
До сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд.
Пообилни врнежи се очекуваат денес, во текот на ноќта и утре (над 25 l/m² за 24 часа). Во четврток на планините врнежите ќе преминуваат во снег, а во некои од повисоките места ќе бидат од дожд и снег. Од четврток ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Потребен е Национален регистар на дијаспората за да го знаеме точниот број на иселеници
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на јавната расправа за Национална стратегија за соработка со дијаспората, организирана од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, презентирајќи оценка, забелешки и предлози.
За неа, стратегијата е пресвртница во националната политика и сериозен обид за зајакнување на односите со дијаспората. Таа укажа дека за успех на стратешките определби е потребна централизирана интерсекторска координација, како и соодветна финансиска поддршка, како гаранција за одржливост на предвидените мерки и активности.
Претседателката ја посочи успешната стратегија на Црна Гора во соработката со дијаспората, гарантирана со Законот за дијаспора. Во уставната гаранција на грижата за положбата и за правата на нашите иселеници, таа препознава голема предност.
Според неа, нам ни е потребен Национален регистар на дијаспората за да го знаеме точниот број на нашите иселеници, нивниот профил, времетраењето на престојот итн.
Меѓу останатото, таа укажа и на потребата од преиспитување на решенијата од Изборниот законик и овозможување на иселениците да го уживаат нивното уставно загарантирано избирачко право.
Претседателката цврсто верува дека нашата дијаспора може да биде исклучително важен ресурс за македонскиот економски, образовен, научен и културен развој.
Македонија
ДСЗИ нареди вонредно чистење и здравствени прегледи на вработените во училиштето „Димо Хаџи Димов“
Државниот санитарен и здравствен инспекторат освен затворање на кујната во училиштето „Димо Хаџи Димов“ во Влае како потенцијален извор на зараза, нареди и вонредно чистење и вонредни здравствени прегледи на вработените во училиштето.
Директорот на ДСЗИ, доктор Кирил Лазов, рече дека по добиеното известување од Центарот за јавно здравје за пројавени стомачни тегоби кај ученици од ова училиште, на терен се врши вонреден и координиран инспекциски надзор заедно со АХВ, ИЈЗ и со ЦЈЗ Скопје.
„Согласно своите надлежности, ДСЗИ изврши затворање на кујната како потенцијален извор на зараза и даде решение за забрана, во кое се наложуваат и мерки кои треба да ги преземе операторот, односно вонредно чистење, вонредна дезинфекција, дезинсекција и дератизација од овластена институција и спроведување вонредни здравствено-хигиенски мерки за вработените“, изјави Лазов.
Во врска со неофицијални информации дека можеби водата е причината за стомачните тегоби кај децата, Лазов вели дека за водата не е надлежен ДСЗИ.
Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, рече дека се земени брисеви од раце, нос и грло на вработените во училишната кујна, од работните површини, како и мостри од храна и вода.
Андоновска кажа дека екипата се уште е на терен и дека се работи за анализи кои треба да потраат.
„Она што можам да го кажам е дека е веднаш постапено по сите протоколи. Земени се мостри од буквално сè што ни е во интерес, а тоа се брисеви од луѓето кои работат во кујната, од раце, грло и нос. Земени се брисеви и од работни површини, мостри од храната што ја консумирале децата. На наше инсистирање земавме и од водата. Се работи за анализи кои треба да потраат, не можеме толку брзо да дадеме веднаш одговор за што станува збор, но можам да кажам дека ако треба, ќе се работи цела вечер за да утврдиме за што станува збор“, рече таа.
Андоновска кажа дека имало девет пријави за стомачни тегоби кај деца.

