Македонија
Царовска: Kако министерка сакам нашите деца да бидат на исто рамниште на знаења и способности со најдобрите
Воведувањето на комбинираниот модел за настава со можност за брзо прилагодување на училиштата за настава со физичко присуство или за онлајн настава, како и започнување на учебната година на 1 октомври е одговор на корона-кризата, истакна министерката за образование и наука, Мила Царовска, на денешната прес-конференција на која ги презентираше приоритетите на Министерството за образование и наука во слeдниот четиригодишен период.
„Пандемијата на Ковид-19 ни покажа колку е важно образовниот систем да се менува, приспособува и осовременува и тоа го правиме. Наскоро пред јавноста ќе ја презентираме Единствената национална платформа за онлајн учење. Навистина се гордеам што за првпат како држава ќе имаме национална платформа. Оваа платформа ќе ни користи и во иднина, како поддршка за учењето во училници“, појасни министерката Царовска.
Говорејќи за приоритетите, Царовска рече дека нејзина, но и владина врвна заложба е обезбедувањето квалитетно образование за сите деца. Образование кое ќе биде гордост на државата.
„Владата се обврза да развива квалитетно образование достапно на сите, образование кое ќе создава граѓани кои ќе размислуваат логички и критички и ќе донесуваат заклучоци базирани на факти и анализи. Верувам во еднаквоста. И моја лична определба е секое девојче и момче, низ образовниот систем, да се изгради во личност која ги почитува и негува граѓанските права, толеранцијата и различностите. Како заедница, како Влада, како министерство и како министерка се заложувам за воспитување и образување во духот на мултикултурализмот и создавање кадар оспособен да одговори на побарувачката на пазарот на трудот“, посочи министерката.
Еден од приоритетите на МОН ќе биде и подобрувањето на оценките на меѓународните тестирања.
„Секој од нас и јас како министерка сакам нашите деца да бидат на исто рамниште на знаења и способности со најдобрите. Тоа ќе го достигнеме преку образовна реформа базирана врз детална анализа на резултатите од меѓународните тестирања. Само со заеднички заложби на Министерството, училиштата, наставниците и родителите, резултатите од тестирањата ќе станат наша гордост“, нагласи Царовска.
Создавање мотивиран наставен кадар и враќање на достоинството на професијата наставник, како една од најважните алки во пренесувањето на знаењето, е меѓу приоритетите, и затоа ќе се вложува во кариерниот развој и унапредувањето на наставниците, како и во соодветно вреднување на нивниот труд. МОН интензивно ќе работи и на јакнење на стручните училишта, со цел секој ученик по излегувањето од стручно училиште да може без проблеми да се вклучи во работниот процес, обезбедувајќи си добро платена работа и сигурна иднина.
Инвестициите во подобрувањето на условите за учење ќе се прават плански и паралелно со изградбата на нови училишта, ќе се одржуваат постоечките, а нема да бидат заборавени ниту студентските домови, кои треба да бидат пристојно место за живеење на студентите.
„Младите се наш многу важен фактор во носењето на сите политики поврзани со школувањето и подобрувањето на младинскиот стандард. Очекувам нивна активна вклученост, иницијативи, идеи и поддршка“, посочи министерката за образование и наука, Мила Царовска.
Мандатното писмо до министерката за образование и наука, Мила Царовска, е потпишано од претседателот на Владата, Зоран Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанев се обрати пред Генералното собрание на ИНТЕРПОЛ, Лукас Филип избран за нов претседател
По четири дена интензивни, продуктивни и содржајни дискусии за клучните прашања од меѓународната полициска соработка, денес во Маракеш, Мароко, заврши 93. сесија на Генералното собрание на ИНТЕРПОЛ. На овој највисок форум на Организацијата беа избрани нови членови на Извршниот комитет, меѓу кои и францускиот претставник Лукас Филип, кој ја презема функцијата претседател на ИНТЕРПОЛ, соопшти МВР.
„Директорот на БЈБ, Александар Јанев, се обрати пред Генералното собрание, со што уште еднаш се потврди силната позиција на македонската полиција во рамките на глобалната безбедносна соработка – како стабилен, доверлив и активен партнер на сите 196 земји членки во справувањето со транснационалниот криминал и современите безбедносни предизвици“, се наведува во соопштението.
Во рамки на сесијата беа усвоени повеќе значајни резолуции, меѓу кои и оние поврзани со промовирањето на ратификацијата на Конвенцијата на ООН за борба против сајбер-криминалот, зајакнувањето на регионалното присуство и оперативниот капацитет на ИНТЕРПОЛ, заедничкиот одговор за сузбивање на центрите за онлајн измами, финансискиот извештај за 2026 година, како и стратешката рамка и програмата за активности за периодот 2026–2030.
Македонија
(Фото) Свлечиште во Шипковица, во опасност четири куќи
Поради обилните врнежи на дожд кои го зафатија западниот регион, преку единствениот број за итни повици 112 е добиена пријава за настанато свлечиште во селото Шипковица.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека свлечиштето е во населено место кое претставува опасност за жителите, каде што директно се загрозени четири куќи.
Активиран е Кризниот штаб на Општина Тетово, а на терен се излезени лица од ЦУК, СВР Тетово и Градежен инспекторат од Општина Тетово.
„Во моментот се превземаат мерки и се дадени насоки на месното население да го напуштат живеалиштето поради опасност од појавување на нови свлечишта“, информира ЦУК.
Исто така, на територијата на Општина Штип евидентирани се одрони на камења на патниот правец Делчево – Истибања каде што екипи на ЈП Македонија пат редовно интервенираат и нема застои во сообраќајот.
Одроните на патот кон с.Моштица во Општина Македонска Каменица, од страна на екипи на ЈП Камена река е извршено чистење на одронот и сообраќајот на тој патен правец се одвива редовно.
Македонија
Битиќи: На крај на годината во буџетската каса фалат една милијарда евра
На денешната седница за пратенички прашања, пратеникот од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Фатмир Битиќи, предупреди дека фискалните показатели објавени на 25 ноември откриваат сериозен јаз во приходната реализација на Буџетот.
Наместо планираната динамика, рече тој, државата досега наплатила близу 299 милијарди денари, што е само 82,32% од годишниот план, оставајќи дупка од над 64 милијарди денари или 1,04 милијарди евра, средства кои треба да се обезбедат до 31 декември годинава.
Во прашањето уaптено до заменик министерот за финансии, Николче Јанкуловски , пратеникот Битиќи праша по кои ставки, во кои износи и од кои извори ќе се обезбедат приближно 64,07 милијарди денари (околу 1,04 милијарди евра) за целосна приходна реализација до 31.12.2025 година, дали со дополнително задолжување и на кои финансиски пазари, дали со вонредни и еднократни приходи и дали може јавно да се гарантира дека заради „буџетско затворање“ на годината нема да се доцни со поврат на ДДВ, нема да се создаваат нови доспеани, а неплатени обврски кон фирмите и нема дополнително да се кратат капиталните расходи.
„Евидентно е дека приходната страна на Буџетот не ја следи сопствената проекција и од ден во ден, како се приближува крајот на годината, расте ризикот или потребата од ново задолжување, одложување на финансиски обврски кон стопанството и граѓаните, селективни доцнења на поврат на ДДВ. Заклучно со 31.10.2025 даночните приходи и придонесите се реализирани со 78,61% од планираното (од 250,922 милијарди денари), што значи дека во последните два месеци од годината треба да се „надомести“ повеќе од една петтина од целата годишна наплата, амбиција која историски ретко е остварлива без вонредни мерки. Подсекторскиот пресек е уште поалармантен. Оваа приходна конфигурација на Буџетот зборува за тоа дека е производ на преценета наплата, потценети ризици и затворен процес на планирање кој ја оддалечува фискалната политика од развојните цели“, образложи Битиќи.

