Македонија
Целосно реновирани двете операциони сали во гинеколошко-акушерската болница во Чаир
Во Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир првпат, по четири децении, се реновирани двете гинеколошки операциони сали. Станува збор за реконструкција на простор на површина од 420 м2, со целосно реновирање на двете постојни гинеколошки оперативни сали и воведување централен довод на гасови, како и целосно реновирање на одделот за реанимација и интензивно лекување, во вредност од 86.061.823 денари.
Паралелно со активностите за реконструкција и обезбедувањето нова медицинска опрема, во континуитет се врши и надополнување на кадарот и унапредување на експертизата на вработените. Во последните три години во болницата се примени вкупно 46 здравствени работници, од кои 11 доктори, 13 медицински сестри, пет акушерки и друг медицински и немедицински кадар. Исто така, одобрени се пет специјализации, две од областа на анестезиологија и по една за медицинска биохемија, болничка педијатрија и гинекологија и акушерство.
Значајна новина е и почнатата гасификација на котелот за парно греење во оваа јавна здравствена установа. Со години стариот котел беше загадувач во градот Скопје. И во услови на пандемија на Ковид-19 продолжува унапредувањето на условите во сите јавноздравствени установи и подобра здравствена грижа за сите граѓани, соопшти Министерството за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче за 8 Септември: Во овие три децении, Македонија ги зајакна своите институции
Денешниот 8 Септември и 33 години независност на нашата Македонија нѐ потсетуваат на силата, единството и храброста што ја имавме кога го избравме патот на суверенитет и самостојност, наведува во постот на Фејсбук лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Во изминатите 33 години, нашата татковина се изгради како независна, суверена држава, одлучна да го заземе своето место на европската и на светската сцена, потенцира тој.
-Овој пат не беше лесен и беше исполнет со предизвици, но и со многу достигнувања. Патот што го избравме пред три децении е потврда на нашата колективна волја за достоинство и просперитет. Во овие три децении, Македонија ги зајакна своите институции, ја обезбеди својата меѓународна позиција и создаде услови за економски и социјален напредок, вели Филипче.
Претседателот на СДСМ потенцира дека нашата држава денес се наоѓа пред многу искушенија, кои бараат од нас да покажеме уште поголема зрелост, сплотеност и одлучност.
-Во ова време на нови предизвици поврзани со понатамошниот пат по кој ќе се движи Македонија, време е нашата сила и способноста на нашите граѓани да ја искористиме за да ја надминеме секоја препрека што стои на патот кон подобро утре. Пред нас е одговорноста да ја продолжиме изградбата на општество каде што секој граѓанин ќе има еднакви можности, а нашата земја ќе биде пример за стабилност, толеранција и напредок. Честит 8 Септември!, стои во честитката на претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Мицкоски: Kако нација имаме две големи цели, да го победиме разочарувањето и да го сузбиеме криминалот
Тогаш битката беше како ќе се исправиме на нозе, денеска битката е како ќе направиме големи чекори напред, истакна премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на свечената академија по повод Денот на независноста – 8 Септември под слоганот „Заедно се бориме, заедно ќе успееме!“.
На Свечената академија во организација на Владата, Мицкоски рече дека овој ден нѐ потсетува на нашето долго патување до слободата.
– Денеска сме исправени пред нова борба, еднакво значајна како создавањето на татковината. Тогаш владееше ентузијазам и голема енергија и одобрување на референдумот. Триесет и три години подоцна, многу работи се изменети, а сите ние повеќе искусни. Многу порази, многу неупсеси, потфрлања во системот. Битката не смее престане затоа што патриотизмот постои и денеска, посочи премиерот.
Запрашаша дали после децениските разочарувања, битката треба да престане. -Одговорот е никако. И тоа не е опција. Затоа што патриотизмот постои и денес, и денес со оваа генерација битката мора да се извојува. Патриотизмот е ист, но целите и работите кои мора да ги победиме се различни, истакна Мицкоски.
Тој потенцираше дека како нација имаме две големи цели – да го победиме разочарувањето на секој еден човек напластено од сите неуспеси, а втората, да го сузбиеме криминалот и корупцијата која метастазира во сите делови од општеството.
Нагласи дека, како што рече „ќе се борам со секој атом да докажам дека сме поразлични од сѐ досега и дека го менуваме работите“.
Свечената академија започна со изведба на македонската химна од страна на детски хор во Македонската филхармонија. Беше прикажан видео спотот „Везилка“ која вклучува оригинална изведба на песната од Блаже Конески, како и изведби на дела од македонски автори поврзани со оваа тематика од страна на државниот џез оркестар.
Како што соопштија претходно од владината прес-служба, настанот е дел од пошироката иницијатива на Владата за подигање на свеста за значењето на независноста и заедничката борба на граѓаните за подобра иднина.
Македонија
СДСМ оддаде почит и положи цвеќе на вечните почивалишта на Глигоров и Трајковски
Во рамки на официјалното одбележување на Денот на независноста – 8 септември, делегација на СДСМ составена од пратеникот Митко Трајчулески, претседателот на СДММ Трајче Стојчевски и Викторија Мадиќ денеска оддаде почит и положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на првиот Претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, на вечното почивалиште на Претседателот Борис Трајковски, на почивалиштето на првиот премиер Никола Кљусев и на споменикот на борците од НОБ.
Нивната големина и значаен придонес е вграден во државотворниот процес на осамостојувањето и градењето на независноста на македонската држава. Вечна им слава и почит.