Македонија
Целосно ќе се менува јавното осветлување во Ѓорче Петров со нови лед-светилки

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски, и Ибрахим Суха Џем, директор на турската компанија АД „Џемдаг осветлување – производство и трговија“ потпишаа договор за јавно-приватно партнерство за модернизација на системот за јавно осветлување на територија на општината со лед-светилки.
Општина Ѓорче Петров воведува нов автоматизиран систем на јавно осветлување со најсовремена опрема и лед-светилки кои се управуваат и мониторираат преку системот за контрола и надзор.
„Застарените системи, недоволната покриеност со столбови и старите светилки претставуваат голем проблем за општина Ѓорче Петров. Големиот број поплаки ќе го елиминираме воведувајќи лед-технологија на улично осветлување. Во следните шест месеци, фирмата ‘Џемдаг’ комплетно ќе ги промени старите 2.887 светилки со нови, енергетски ефикасни лед-светилки“, рече градоначалникот Наумоски.
Менувањето ќе стартува од Дексион, кон урбаните заедници Мирче Ацев, Ѓорче Петров, Хром, потоа се преминува преку мостот кон населбата Даме Груев, и кон Ново Село, Стопански двор, Кисела јабука, Волково со што на почетокот на следната година, осветлувањето ќе се финализира во Орман, Никиштани и Кучково.
Турската компанија „Џемдаг“ во наредните 12 години ќе обезбеди дополнителни 983 светилки и ќе ги постави на нови линии каде претходно немало осветлување, а локациите ќе се одредат во консултација со граѓаните. Паметното осветлување ќе биде поекономично и ќе има можност за програмирање, односно светилките ќе се прилагодуваат кон условите и во различен период од ноќта ќе имаат различен интензитет на светлина. По промената на светилките ќе се пристапи кон следната фаза, со која ќе се извади опремата од главните трафостаници во посебни орманчиња со што ќе се постигне независност од ЕВН Македонија. Секоја светилка ќе има своја шифра, а преку воспоставениот повикувачки центар граѓаните ќе можат во секое време да пријават проблем, при што фирмата „Џемдаг“ за 48 часа ќе го отстрани дефектот.
Поради намалување на потрошувачката на електрична енергија за 60 отсто во однос на референтната вредност ќе се намалaт загадувањето, емисиите на ЦО2, трошоците за одржување на системот, а ќе се постигне и рационално планирање на системот за јавно осветлување, како и заштита од кражби на струја со идентификација на диви приклучоци.
„Ѓорче Петров ќе биде меѓу првите општини во светот со ваков вид осветлување на општинско ниво. Вие сте пример како со новите светилки ќе се намалат загадувањето и бројот на сообрќајни незгоди, а ќе се зголеми сигурноста кај луѓето, особено навечер. Следно, ќе преминеме во понапредна фаза со целосна автоматизација и централизаирана контрола на системот“, истакна Суха Џем на денешното потпишување на договорот.
Вредноста на дванаесетгодишниот договор за ЈПП изнесува вкупно 168.481.580 денари, или месечно општината ќе издвојува 1.170.011 денари за оваа намена. Тоа се всушност пари на граѓаните кои тие месечно ги уплаќаат за јавно осветлување со сметките за електрична енергија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.
Македонија
(Видео) Според СДСМ, надворешната политика доживува дебакл

Андреј Жерновски од СДСМ, на денешната прес-конференција ја оцени надворешната политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ како дебакл без ниту еден успех.
Жерновски изјави дека, по една година владеење, Македонија се соочува со „сериозно влошена меѓународна позиција“, без напредок на европскиот пат, без нови инвестиции и со зголемена царина од страна на САД. Според него, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски не остварил ниту еден договор или резултат на дипломатски план.
СДСМ ја критикува и состојбата со дипломатската мрежа, која, како што рече Жерновски, е „разурната, партизирана и нефункционална“, а Македонија се наоѓа „на периферијата на демократскиот свет“.
Како посебно загрижувачка точка беше истакната и заканата, како што наведуваат од СДСМ, за можно бришење на македонскиот јазик од Извештајот на Европскиот парламент, што партијата го поврзува со актуелната надворешна политика на МНР.
Жерновски рече дека за време на владеењето на СДСМ бил обезбеден македонскиот јазик во официјални документи на ЕУ, вклучително и договорот со ФРОНТЕКС, без фусноти и дополнителни објаснувања.
„Тој успех денес е доведен во прашање поради вазалската политика на Муцунски и неговиот шеф Мицкоски“, рече Жерновски.
На крајот, порача дека СДСМ ќе продолжи да се бори за враќање на Македонија на патот на меѓународни успеси, европска иднина и заштитен идентитет и јазик.