Македонија
Целта е да изградиме модерен и европски здравствен систем: Алиу ги презентира реформските процеси во здравството
Министерот за здравство Азир Алиу денес ги презентира реформските процеси на состанокот на секторската работна група за здравство, што се одржа во Владата.
„Здравството претставува темел на стабилно, просперитетно и демократско општество. Нашата заедничка цел е да изградиме модерен, одржлив и европски здравствен систем – систем што ќе биде ефикасен во превенцијата, навремен во дијагностиката, квалитетен во лекувањето и еднакво достапен за сите граѓани. Продолжува тековната имплементација на ИПА II и ИПА III-проектите, напредокот на националниот систем за трансплантација, како и реализацијата на инфраструктурните инвестиции во здравствениот сектор“, рече во обраќањето Алиу.
Тој посочи дека Министерството финализира и усвои повеќе стратешки документи со долгорочно значење за јавното здравје, меѓу кои стратегијата за ретки болести како прв системски документ што поставува јасни цели за дијагностика, третман и поддршка на пациентите и нивните семејства, стратегијата за сексуално и репродуктивно здравје, која го зајакнува пристапот до квалитетни, инклузивни и правично достапни услуги за сите категории население и акцискиот план за превенирање на последиците од топлотни бранови врз здравјето на населението 2025 – 2030, кој претставува современ, превентивен и интерсекторски документ подготвен во согласност со европските стандарди и препораките на ЕК и СЗО.
На состанокот учествуваа претставници од делегацијата на Европската Унија, Светската здравствена организација, УНИЦЕФ и Светската банка, чија поддршка е од исклучително значење за унапредување на здравствениот систем и за негово усогласување со стандардите на Унијата.
„Ова е јасен доказ за заедничката определба за системско унапредување на здравствениот сектор и за поддршка на реформските процеси што нашата држава ги спроведува на патот кон Европската Унија“, истакна Алиу.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода делови од Центар и Сарај
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· Поради дефект на водоводна цевка со пречник од Ф-2 цол на улицата Св. Кирил и Методија 38 (на паркингот кај Трготекстил), 09:00 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Св. Кирил и Методија, општина Центар;
· Поради чистење и дезинфекција на двете комори во резервоарот за питка вода во село Бојане, во наредните 4 дена (03.03 до 06.03.2026 година) помеѓу 08:00 и 13:00 часот, можно е да има намален притисок и краткотрајни прекини на водоснабдувањето во село Бојане, општина Сарај.
Македонија
Делови од Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од стопанските објекти во Индустриската зона – Момин Поток, општина Бутел;
· од 09:00 до 15:30 часот, корисниците од ул. Јан Хус бр. 11а, општина Карпош.
Македонија
Сончево и релативно топло, максималната температура до 20 степени
Сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност. Во утринските часови по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла. Во четврток се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, особено во попладневните часови и во текот на ноќта.

