Македонија
Централен регистар: Сите вработувања во институцијата се транспарентни и законски, за нив нема жалби и приговори

За сè што не е регулирано во Законот за Централен регистар и колективниот договор на ЦР се применуваат одредбите од Законот за дминистративни службеници и Законот за работни односи и воедно демантираме дека вработените во оваа институција се државни службеници, односно информираме дека вработените во Централниот регистар се административни службеници, велат од Централниот регистар како реакција на изјавата на пратеничката Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму појаснуваат дека согласно со став 2 и 4 од член 4 од Законот за административните службеници за потребите на Централниот регистар се потврдени и регулирани со самиот Закон за Централен регистар, а воедно е дадена и утврдена можноста во самиот закон со колективен договор да се уредат прашањата за и од работен однос.
„Во врска со наводите од страна на пратеничката, упатени до Централниот регистар, поврзани со колективниот договор и постапката за вработување во институцијата, ја информираме дека целосно транспарентната постапка за вработување во Централниот регистар беше спроведена согласно со Законот за Централен регистар, сите позитивни законски норми и општи акти на Централен регистар, како и согласно со колективниот договор склучен помеѓу директор на Централен регистар и претседателот на Синдикалната организација на ЦР. Согласно со Законот за ЦР и Законот за работни односи, директорот на ЦР има потпишано нови договори за вработување со сите вработени за коишто нема ниту жалби ниту приговори од ниту еден вработен“, се наведува во соопштението на Централниот регистар.
Воедено ја известуваат претставничката на Законодавниот дом дека во иднина стојат на располагање да ја информираат за сите позитивни законски норми, одредби и прашања кои се однесуваат на работата и процесите што се одвиваат во институцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Осуда од Ковачевски за каменувањето на македонскиот клуб во Бугарија: Очекувам да го санкционираат вандализмот во најкраток рок

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски најостро го осудува вандалскиот чин, на каменување на македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров” во Благоевград.
Тој преку својот Фејсбук профил, порача дека очекува во најкраток можен рок, институциите во Република Бугарија да ги најдат сторителите и соодветно да ги казнат.
„Каменувањето на македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров” во Благоевград е чин на вандализам кој најостро го осудувам. Ваквите активности не соодвествуваат на договорената политика за унапредување на добрососедските односи, взаемното почитување и пријателство меѓу две соседни држави. Очекувам од страна на надлежните институции во Бугарија во најкраток можен рок да се пронајдат и санкционираат сторителите и да се осуди вандализмот. Северна Македонија во духот на европските вредности, ќе продолжи со заложбите за зацврстување на дипломатската и позитивна агенда меѓу Северна Македонија и Бугарија“, пишува во објавата на премиерот Ковачевски.
Македонија
ЦУК: Пожар кај селото Миладиновци

Искрење на бандера, предизвика пожар помеѓу селото Миладиновци и рафинеријата ОКТА.
Центарот за управување со кризи на својот фејсбук профил објави дека во моментот се интервенира на негово гаснење.
,,Во 19:05 часот на телефонскиот број 112 пријавен е пожар помеѓу селото Миладиновци и рафинерија ОКТА кој настанал како резултат на искрење на бандера и истиот се проширил на околната сува трева. Во моментот на местото на настанот се екипи на БППЗ на Град Скопје и полиција. Се интервенира на негово целосно гаснење и во моментот нема опасност од негово проширување”, се вели во соопштението од ЦУК.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ го осуди демолирањето на македонскиот клуб во Благоевград: Да запре говорот на омраза кон Македонците во Бугарија

ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува демолирањето на македонскиот клуб во Благоевград. Вандализмот не е добрососедство и не може да биде. Негирањето на Македонија, но и на Македонците во соседството е пред се резултат на поданичкиот однос на власта, која го дозволи и мотивира тој однос, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека сега Ковачевски и Пендаровски на дело гледаат кај ја донесоа државата и македонскиот народ. Народот не смее да биде жртва на власта, затоа и ВМРО-ДПМНЕ бара промени. Потребна е власт која ќе се грижи за народот.
Упатуваме апел и до Бугарија и до меѓународните институции во таа земја, што побрзо да се откријат вандалите, истите да се казнат и да се запре со говорот на омраза против Македонците, се вели во соопштението.