Македонија
Циривири: ЗНАМ со реформите во здравството ќе овозможи граѓаните да добијат подобри третмани, во современи регионални центри, со реални цени на услугите

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска одржа прес конференција на
која професор доктор Јасмин Циривири ги претстави клучните прашања од
областа на здравството во изборната програма „Проглас за достоинствена
Македонија“ на Движењето, за претстојните парламентарни избори.
Професор Циривири рече дека Движењето ЗНАМ – За наша Македонија нуди
конкретни мерки за идните реформи во областа на здравството, а тие во
основа подразбираат максимално и професионално залагање од страна на
секој чинител во здравствената сфера. Целта е, како што рече, тој
пристоен и достоинствен живот на секој граѓанин во државата, со еднаков
пристап до потребните услуги. Циривири додаде дека ЗНАМ сака да покаже
дека може да се создадат услови граѓаните да бидат здрави,
работоспособни и да придонесуваат за општата благосостојба. Тој посочи
дека за да се направи тоа е потребно:
„Реконструкција на постојните и доизградба на започнатите медицински
установи на територијата на Македонија, со акцент на формирање на три
здравствени центри во Штип, Битола и Тетово, по примерот на ГОБ „8ми
Септември“. Тоа е од стратешко значење, бидејќи ќе овозможи брз пристап
и услуги на граѓаните, како и подигање на нивото на третманите со
софистицирани дијагностички методи“.
Истовремено, како што рече тој, граѓаните нема да бидат изложени на
дополнителни материјални трошоци и стресови при добивањето на
здравствените услуги, кои им следуваат по сите морални и здравствени
норми во едно современо општество. Циривири додаде дека при тоа ќе се
направи итно пополнување на дефицитарниот специјалистички кадар во овие
установи со упатување на млади лекари на специјализација, вклучувајќи ги
и приватните специјализанти. Исто така ќе се направи и привремено
дополнување на медицинскиот кадар по принципот на ротација во
регионалните центри со кадар од болниците во главниот град, до моментот
на оспособување на доктори од дефицитарните специјалности во истите.
„Очекуваме, рече доктор Циривири, – Со ова да се намалат листите на
чекање за софистицирани дијагностички процедури и особено елективните
оперативни третмани“.
Како втора мерка се предвидува формирање на реални цени на здравствените
услуги од страна на Фондот за здравствено осигурување со цел исплата
според извршените услуги кон здравствените установи, со што ќе се
овозможи самоодржливост на истите.
„Структурата на реалните цени подразбира режиски трошоци, дневниците на
персоналот неопходен за оптимално функционирање на основна единица – на
ниво на одделение, потрошниот санитетски материјал, како и
амортизацијата за одржување на непотрошниот санитетски материјал. Со
овој систем се зголемува мотивираноста на установите да ја зголемат
ефикасноста и постојано да го подобруваат квалитетот во пружањето на
здравствена нега. Овој принцип на економско делување овозможува
непосреден увид во финансиската состојба на установата и активно
учествуво во планирањето и трошењето на потрошниот и непотрошниот
медицински материјал и опрема, како и во одржувањето на болничките
капацитети“, рече Циривири.
Формирањето на диспечерски податаочен центар во Министерството за
здравство, е третата мерка што се предвидува.
„Со неа ќе се овоможи постојан увид во исполнетоста на капацитетите на
сите здравствени установи во државата.Оваа централизација на
логистичките податоци овозможува навремен транспорт и прием на итните
пациенти, за да се надмине беспотребното лутање на болничките возила по
здравствените установи без точна информација за слободно место за прием
на итните пациенти. Овој центар, исто така, ќе има клучна улога особено
при згрижувањето на пациентите при масовни незгоди,
железнички,автобуски, какон и поплави, земјотреси итн“, нагласи доктор
Циривири.
Една од мерките за подоборување на состојбите во здравството е и
креирањето на реални, конкурентни плати во сите сектори и нивоа на
здравството.
„Во ставките за плати, додатоци и надоместоци на плати во Буџетот, ќе се
зголеми масата на средства за најмалку 15 проценти, и на тој начин ќе се
обезбеди соодветно зголемување, како на докторските, така и на платите
на медицинските сестри и помошниот персонал. Порастот на платите ќе се
усогласува со порастот на минималната плата“, рече доктор Циривири.
Тој нагласи дека медицинскиот персонал ќе биде во процес на континуирана
медицинска едукација во соработка со здравствени установи кои се
движечки центри во развојот на современата медицина, а Министерството за
здравство ќе го координира развојот, овозможувајќи доостручување, по
предлог на непосредните носители на стручната дејност, во согласност со
потребите на установите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Земјотрес рано утринава ги разбуди граѓаните на Валандово и на околината

Утрово во 5:54 часот, земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала го стресе регионот околу Валандово, информира Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Македонија го регистрирала потресот на неколку сеизмолошки станици ширум државата, при што е утврдено дека епицентарот се наоѓа во епицентралното подрачје Валандово, оддалечено околу 120 километри југоисточно од главниот град.
Според првичните информации од Сеизмолошката опсерваторија, земјотресот бил почувствуван во Валандово и околните населени места со интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала (EMS).
Засега нема информации за причинета материјална штета или повредени лица, но локалното население на социјалните мрежи известува дека потресот бил „краток, но силен“, и ги разбудил во раните утрински часови.
Сеизмолозите продолжуваат да ја следат ситуацијата и ги повикуваат граѓаните на смиреност, посочувајќи дека ваквите потреси се честа појава во сеизмички активниот регион на југоисточна Македонија.
Македонија
Колони на границите, на „Богородица“ се чека до 40 минути, на „Табановце“ до 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено и по суви коловози, но фреквенцијата на возила, особено кон граничните премини, денеска е значително зголемена, информира Автомотосојузот на Македонија (АМСМ).
Најголема гужва има на Граничниот премин Табановце, каде времето на чекање за влез и излез од државата е од 15 до 30 минути. На Богородица ситуацијата е уште поинтензивна – за излез од државата се чека до 40 минути, додека на ГП Дојран времето на задржување е 20 до 30 минути.
„Состојбата на патиштата е стабилна и коловозите се суви, но фреквенцијата е зголемена. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно, со прилагодена брзина и да ја почитуваат сигнализацијата, особено на делниците каде што има опасност од одрони“, велат од АМСМ.
Посебна претпазливост се препорачува на патните правци низ котлините, речните долини и клисурите – Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево – каде што постои ризик од појава на одрони.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Денес сончево со ветер, од утре повторно температурата во постепен пораст

Управата за хидрометеорологија (УХМР) за денес прогнозира претежно сончево време со умерен до засилен ветер од северен правец, кој наместа ќе достигнува брзина од 60км/ч.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 27 до 36 степени.
Во Скопје, сончево со умерен до засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Од понеделник следува период на стабилно и потопло време со постепен пораст на дневнaтa температура.