Македонија
Црвенковска: Ако имаме објективно оценување на судиите, тогаш ќе имаме поефикасно и понезависно судство

Претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, имаше обраќање во врска со сите усвоени документи во изминатите две години, важни за реформите во судството.
Зборувајќи за активностите на Судскиот совет во правец на реализација на стратегијата за реформа на правосудниот сектор, но и на активностите во правец на обезбедување независно и транспарентно судство, таа ги спомна конкретните документи важни за развојот на капацитетите на судството, а со тоа создавање институции што значително ќе ја вратат довербата на граѓаните во судскиот систем.
„Во текот на 2019 година беше донесен нов закон за Судскиот совет, како и измени во Законот за судовите. Овие закони му наложија на Судскиот совет да донесе низа подзаконски акти, со цел да се конкретизираат активностите на Советот во правец на поажурно постапување, пообјективно оценување на работата на судовите и судиите, а сѐ со крајна цел за побрза, поефикасна и задоволителна правда, што е клучното во враќањето на довербата кај граѓаните“, посочи Црвенковска.
Додаде дека со цел да може објективно и непристрасно да ги оценуваат судиите и да придонесат во објективизирање на оценките што потоа ќе претставуваат основа за унапредување, донесена е, како што рече, методологија за квалитативно оценување на судиите, но и методологија за оценување на претседателите на судовите. Оваа методологија за подиректно, пообјективно и понезависно оценување на работата на судиите, според неа, веќе е имплементитрана во АКМИС-системот, односно обезбедена ѝ е информатичка поддршка неопходна за нејзина практична примена.
„Сите овие документи, особено подзаконските акти, отвораат можност за поинакво и поефикасно дејствување на Судскиот совет во следниот период. Со овие документи се овозможува поинтензивно реформирање на судскиот систем, односно посоодветен пристап кон обезбедувањето независност, транспаретност и објективност на судството, главни елементи што треба да влијаат на враќањето на довербата во судскиот систем. Она што сакам да го издвојам, со оглед на актуелноста, е методологијата за квалитативно оценување на судиите, чија имплементација почнува денеска, откако претходно беше адаптирана во АКМИС-системот за да може дигитално да се примени. На денешната седница на Судскиот совет ќе биде усвоен правилник за формирање на комисиите во Судскиот совет, но ќе се формираат и самите комисии, чија надлежност ќе биде да го спроведе процесот на оценување на судиите во согласност со новата методологија. За таа цел, претходно, беше ажуриран судскиот именик, а од нормативен аспект изработен е правилник за составување на комисиите од повисокиот суд, кои исто така ќе имаат значајна улога во процесот на оценување спроед новата методологија“, истакна Црвенковска.
Појасни дека сега системот ќе исфрли пет предмети на конкретниот судија по случаен избор, а судијата ќе има право да приложи други пет предмети за кои смета дека треба да му се изврши оценувањето. Тие 10 предмети ќе бидат сеопфатно и аналитично проверени и оценети. Тоа значи дека Судскиот совет прави целосен пресврт во начинот на оценување на работата на судиите и претседателите, односно ги наметнува објективните пред субјективните критериуми. Тоа во иднина, според Црвенковска, ќе донесе поодговорни и попосветени судии, што ќе биде основа за поголема доверба кај граѓаните.
„Во иднина неопходно е да спроведеме обуки на комисиите, и на оние во Судскиот совет и на комисиите составени од судии од повисоките судови, кои ќе се занимаваат со оценувањето на судиите и претседателите, а сѐ со цел таа постапка да биде поверодостојна, пореална и потранспаретна. Ако имаме објективно оценување на судиите, нивно унапредување врз мерливи и објективни критериуми, ако обемот на нивната работа е определен врз основа на сложеноста на предметите, тогаш несомнено ќе имаме поефикасно, побрзо и понезависно судство, што ќе значи поголема доверба на граѓаните во судскиот систем“, рече Црвенковска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Без вода делови од Гази Баба и Кисела Вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска ( четврток) поради изведување на водоводен приклучок од ф – 80 мм на ул. Михаил и Евтихиј бр. 33 во населба Кисела Вода, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од ул. Михаил и Евтихиј. ( општина Кисела Вода).
Од таму со соопштение дека поради изведување на водоводен приклучок од ф – 100 мм на ул. 30 во населба Трубарево, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од населба Трубарево. ( општина Гази Баба ).