Македонија
Црна Гора ја афирмира поддршката кон Македонија за членството во НАТО

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, го пречека претседателот на Собранието на Црна Гора, Иван Брајовиќ, кој е во прва официјална посета на Република Македонија, а воедно е и прв претседател на црногорското Собрание од прогласувањето на независноста на Црна Гора во 2006 година којшто ја посетил земјава.
Брајовиќ се заблагодари на топлиот и искрен прием што го чувствува на секој чекор и нагласи дека Црна Гора, како и досега, и отсега ќе продолжи да биде силен поддржувач на Македонија во нејзините напори да биде полноправен член на НАТО и ЕУ.
На средбата беше потенцирано дека со оглед на тоа што Црна Гора е полноправен член на НАТО од 2017 година, има искуство и експертиза што ја става на располагање на Македонија, ги чувствува придобивките на економски план за својата земја по влезот во НАТО и искрено го очекува денот кога ќе може да ја пречека Република Северна Македонија како триесетта членка на НАТО.
Во својот вовед, претседателот Џафери спомна дека и неговата прва официјална посета во својство на претседател на законодавниот дом беше токму во Црна Гора и тоа е аргумент што потврдува дека односите меѓу двете земји се пријателски и искрени, без отворени прашања, а со исти стратешки и надворешнополитички приоритети. Во продолжение, претседателот на Собранието го информираше г. Брајовиќ за успешно завршените фази од преземените обврски од договорот од Преспа, односно заокружувањето со усвојувањето на уставните измени и очекувањето дека процесот ќе биде успешно завршен и кај грчката страна, со што ќе се отвори патот на нашето евро-атланско интегрирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Стоилковски: Затворите се решето во кое што останува само оној што нема конекции со СДС

„Затворите се решето во кое што останува само оној што нема конекции со СДС. Одговорни за тоа се затворските управи и служби поставени од СДС во чија што хиерархија доминираат луѓе од таканареченото обезбедување на партиските собири на СДС. Во само еден месец најмалку три бегања се случија на територија на Скопје. Се посочува на врски меѓу избеганите и СДС, а молкот и немањето санкции упатува на сомнеж за намерни системски пропусти“ рече денеска на прес-конференција портпаролот на ВМРП-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Тој напомена дека „Македонија е во еден многу тежок период во којшто СДС ја втурна и период во којшто и од најмал инцидент единствен бенефит ќе има токму СДС на сметка на длабоки сериозни последици за државата. Оттука, од јавен интерес е СДС и владата да одговорат дали станува збор за смислено сценарио во коешто побегнатите се пуштени да предизвикаат инциденти во државата?“
„Дали бегствата на човек, член на СДС, со фотоалбум со половина Влада, претседател на држава и цело раководство на СДС, како и на поранешен полицаец- насилник и наркодилер, двајцата од затворот во Шутка, што мина без никаква јавна одговорност или санкција, не се намерни пропусти, за теснопартиски интереси на СДС, дали не се побегнати за да можеби предизвикаат, исценираат или организираат инцидент на 4 февруари? Дали бегството без последици за затворската служба и администрација, без одговорност со можност за организирање на инцидент, значи награда и за избеганите и за затворските службеници?“ праша Стоилковски.
Македонија
Реакција од затворот „Скопје“: Филип Андов раководи со институција затвор, а не со логор

„Казнено-поправната установа „Скопје“ реагира на изнесените лаги и невистини, како и манипулации од страна на одредени политички партии во изминатиот период, а по повод, како што велат, бегства на затвореници“ соопштуваат од затвор „Скопје“.
„Најпрво укажуваме дека директорот Филип Андов, раководи со институција – затвор, а не со логор. Тоа би значело дека сите права кои им следуваат на затворениците мора и им се овозможени, согласно законите и правилниците на затворот, а донесени од законодавецот (Собранието) односно Министерството за правда. Оттука, директорот и Управата единствено можат да ги почитуваат и постапуваат по тие одредби и правила. Затворот „Скопје“ е институција од која треба и извира ресоцијализација на затворениците. Тоа подразбира, почитување на нивните права кои им следуваат, а за сметка на тоа – тие да го подобрат/променат нивното однесување. Од друга страна, затворот е од полу-отворен односно отворен тип. Тоа значи – ниту еден затвореник не е ставен во четири ѕида, туку може слободно да се движи и да обавува работни обврски. Сите осуденици кои судот ги упатил на издржување затворска казна во затворот „Скопје“ не се како што велат одредени политички партии „тешки криминалци“ туку затвореници кои се осудени до три години затвор“ се вели во соопштението од затворот.
Оттаму велат дека „во конкретниот случај со затвореникот А.А. кој се оддалечил од затворот, важно е да потенцираме дека тој не прескокнувал ѕидови, кршел врати или дека некој го пуштил да излезе. Станува збор за осуденик кој претходно користел слободни викенди и се враќал, лице кое имал примарно однесување и треба да издржи уште 5 месеци казна затвор. Тој обавувал работни обврски во рамките на затворот. Командирот на смена забележал дека го нема при пребројувањето – по што веднаш ја алармирал полицијата и по него се трага“.
„Од страна на затворот е постапено согласно законските рамки. Откако не се појавил во затворот, известена е полицијата која трага по затвореникот. По неговото пронаоѓање, тој ќе биде сместен во друг дел на затворот, бидејќи Правилникот налага, само во случаи кога одреден затвореник ќе ги прекрши правилата – тогаш да му бидат ускратени привилегии/права. КПУ Затвор Скопје е установа од полуотворен вид каде затвор издржуваат примарни осудени лица со казна затвор од 3 години односно повтореници до 1 година. Во тој контекст сите осудени лица користат бројни погодности како што се домашно отсуство, годишни одмори и слободно движење надвор од установата, а се во насока за почести контакти со семејствата, како и други органи како што се Агенција за вработување, Центар за социјални работи“ се вели во соопштението.
Од затвор „Скопје“ „ги замолуваме во иднина политичките партии да се воздржат од вакви квалификации од причина што се создава искривена перцепција во јавноста, а сето тоа е на штета на самите осудени лица, на установата, како и целиот систем“.
Македонија
Тренчевска: Раст на плати и пензии, поддршка за најранливите и оддржливи социјални услуги во 2022 година

Во рамки на дводневната конференција организирана од страна на Владата на Република Северна Македонија, „Година на нови можности“ се оддржа и панел сесијата „Социјални и здравствени политики во време на криза“ на која се дебатирише за ефектите од антикризните мерки, воведувањето на новите методологии за раст на минимална плата и пензиите, воспоставување на социјалните услуги и сервиси и обезбедување на нивна одржливост.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска се осврна на она што ја одбележа 2022 година, кои се плановите за 2023 година и кои се клучните промени од кои директна придобивка имаат граѓаните. Таа зборуваше за имплементацијата на законското решение недела-ден на неделен одмор, кое ги унапредува работничките права, измените во законот за минимална плата, со кое минималната плата се дефинираше на 18.000 денари и новата методологија за усогласување на минималната плата, со која се обезбедува нејзин постојан раст.
„Ја усвоивме и новата методологија за усогласување на пензиите. Со цел да креираме системско решение кое ќе дава резултати на долг рок, два пати во годината во месеците септември и март пензиите ги усогласуваме со 50% трошоци на живот и 50% просечна плата. Изминатава 2022 година пензиите пораснаа за речиси 10 %. Во месец март очекуваме ново зголемување на пензиите. За една календарска година, растот на пензиите ќе биде околу 16%, “ истакна министерката Тренчевска.
Пензионерите како една од ранливите категории, беа вклучени и во финансиската поддршка во време на економско- енергетска криза. Покрај паричната помош од 3000 денари, за околу 330.000 пензионери, пензионерите со пониски пензии од 14.000 денари се дел од последниот пакет антикризни мерки.
„Ги мапиравме најранливите категории на граѓани во моментот. Со Законот за финансиска поддршка ги опфативме корисниците на права од социјална и детска заштита односно корисници на право на социјална сигурност на стари лица, на посебен додаток, на правото на надоместок заради попреченост, со попреченост и трајни промени во здравствената состојба, кои користат надоместок за помош и нега од друго лице, а не користат право на надоместок заради попреченост, без потреба од контролен преглед, самохрани родители кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош, корисници на право на надоместок за телесно оштетување и стечајните работници. Оваа помош е предвидена за четири месеци,“ посочи Тренчевска.