Македонија
ЦУК: Пожари на отворено во Кумановско, поплавувања и одрони во Прилепско

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во последното деноноќие имало вкупно 1 920 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112, од коишто „реални“ повици биле 38,56%, а 61,44% за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 71,09%, кон Итната медицинска помош 23,47%, кон пожарникарите 1,70%, а кон АМСМ 0,34% од реалните повици кон 112 во ЦУК. Инаку, 1 162 повици за итни случаи на 112 во ЦУК, што се вкупен збир од тие што биле за комбинирано решавање од „реални“ повици 3,40% и на 61,44% именувани како „неитни повици“, биле предмет на примање, на обработка во ЦУК, а и на директно коордирнирање за нивно решавање со повеќе ангажирани институции и служби во Системот за управување со кризи (СУК), согласно природата на пријавените „реални“ итни случаи.
Имаше два пожари на отворено во последното деноноќие. Конкретно, Регионалниот ЦУК Куманово информира за две интервенции, при што пожарникарите од ТППЕ Куманово во период од 14:50 до 15:40 часот, со три пожарникари и едно противпожарно возило, гаснеле запалена ниска вегетација кај село Лопате, а во период од 17:55 до 19:45 часот, со три пожарникари и едно противпожарно возило, гаснеле запалена ниска вегетација покрај улицата „Тоде Мендол“ во Куманово.
Во Прилеп и околината имаше проблеми од големите врнежи дожд, бидејќи за изминатите 24 часа наврнале 35 литри дожд за 24 часа.
РЦУК Прилеп извести дека вчера, преку 112 во ЦУК се примени повеќе пријави за комунални проблеми – затрупани канали што може да предизвикаат поплавувања на дворови и подруми. Конкретно, во општина Кривогаштани во село Славеј и во село Крушеани биле затрупани каналите. При комуникацијата со надлежните во општина Кривогаштани од таму информирале дека интервенира Јавното комунално претпријатие од Кривогаштани на тој терен.
Од Општина Долнени беше пријавено дека во село Пешталево при секој дожд има поплавување на двор и подрум од една куќа после изградбата на локален пат во ова село. Од ЦУК е известена е локалната самоуправа Долнени, од каде што информирале дека градежна машина веќе интервенира на терен.
Од Општина Прилеп е добиена пријава за поплавување на нискиот дел од патот (стариот пат за Битола) кај фабриката „Партизанка“, што се поплавувал при секој дожд. Од ЦУК е звестена локалната самоуправа Прилеп.
Гранична полиција – Витолиште извести дека имало мал одрон од камења на регионалниот пат Прилеп – Витолиште на кривината пред село Витолиште. Веднаш е звестено ЈП Македонија Пат од каде посочиле дека ќе интервенираат. Сообрајќајот не е во прекин, велат од ЦУК.
Регионалниот ЦУК Тетово извести дека вчера околу 10:45 часот на 112 е добиена пријава дека во месноста „Јелак“ на Шар Планина, мечка нападнала дански турист, кој бил дел од група скијачи во близина на Попова Шапка. Мечката, којшто била со малечки мечиња во елките до групата скијачи, со туркање, гризнување и гребење му нанела повреди на нозете на скијачот. Со ратрак на „Ескимо фри рајд“ го симнале до Попова Шапка од каде што екипа на Итната медицинска помош од Тетово го транспортирала повредениот скијач во тетовска болница, а по укажувањето на медицински третман, данскиот турист, со самостојно движење, ја напуштил болницата.
Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации.
Истовремено, ЦУК информира дека потребно и е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.