Македонија
ЦУК: Седум активни пожари низ Македонија

Центарот за управување со кризи информира дека денеска се регистрирани вкупно 15 пожари на отворен простор, од кои 7 се активни, 2 се под контрола, а 6 се целосно изгаснати.
Активни пожари:
1. Општина Василево – с. Нивичино (нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација)
2. Општина Македонски Брод 1 – с. Грешница (мешана шума и сува трева)
3. Општина Македонски Брод 2 (реактивиран) – помеѓу с. Црешнево, с. Локвица, с. Крапа (деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација)
4. Општина Прилеп – помеѓу селата Царевиќ и Смолани (мешана шума и нискостеблеста вегетација)
5. Општина Струга – помеѓу селата Октиси и Белица (сува трева)
6. Општина Ресен – с. Покрвеник (трски и сува трева)
7. Општина Маврово-Ростуше – с. Дуф (ливада)
Под контрола:
1. Општина Желино – с. Желино према Еребино – планина Жеден (нискостеблеста шума, грмушки и ниска вегетација)
2. Општина Велес – кај селата Џидимирци – Крушје – Иванковци (мешана нискостеблеста деградирана шума)
Изгаснати се пожарите во: Студеничани, Крушево, Македонски Брод, Куманово, Липково и Ранковце.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Минатата недела санкционирани се 𝟣𝟤𝟪 непрописно паркирани возила на територија на општина Центар

ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 14.07.2025 до 20.07.2025 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 128 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, извести ПОЦ.
„ЈП ПОЦ и Општина Центар континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка и апелираат до граѓаните да ги почитуваат правилата и прописите и да ги оставаат своите возила само на пропишаните места за да им се овозможи на пешаците и велосипедистите нормално движење по тротоарите и велосипедските патеки, а на возилата безбедно движење по улиците“, соопшти ПОЦ.
Македонија
„Срамно, Јаневска направи хаос со образовните асистенти на сметка на најранливите ученици“, велат од СДСМ

„Министерката Весна Јаневска свесно направи хаос со образовните асистенти – директно на штета на учениците со попреченост и нивните семејства. Наместо да ги продолжи ангажманите на едуцирани, обучени и искусни образовни асистенти кои со години посветено работеа со децата, Јаневска ги избрка и ги замени со партиски кадри. Единствената „квалификација“ на новите асистенти е партиска книшка на ВМРО-ДПМНЕ!“, велат од СДСМ.
„Со промени во правилниците, Јаневска го поништи значењето на работното искуство, обуките, знаењето – и отвори врата за политички вработувања. Ова е најгруб пример на партизација на образованието, на сметка на најранливите.
Ова е одраз на погрешниот приоритет на ВМРО-ДПМНЕ – наместо грижа за децата, грижа за партиската војска! Јавно ја прашуваме министерката Јаневска – како можете мирно да спиете знаејќи дека на 1 септември стотици деца со попреченост нема да го добијат својот асистент, лицето со кое учеа, се смееја и напредуваа?
СДСМ бара итна:
Ревизија на огласот за образовни асистенти,
Враќање на професионалците со искуство и едукација,
Целосна департизација на образовниот систем.
Образованието мора да биде надпартиска и хумана мисија. Ова не е борба за функции – ова е борба за достоинство, за децата и за нашата иднина“, соопшти СДСМ.
Македонија
Тошковски е нова верзија на груевизмот, сака партиска милиција под своја контрола, велат од СДСМ

„Министерот Панче Тошковски оди по стапките на Никола Груевски. Со предлог измените на Законот за полиција подготвува партиска милиција под негова контрола.
Какви реформи, какви бакрачи, Тошковски го претвора МВР во параполициски апарат за заштита на криминал и партиски интереси на ВМРО-ДПННЕ. Класичен рецепт за полициска држава“, велат од СДСМ.
Според опозициската партија Предлог-законот за полиција којшто Тошковски го предлага е опасен, антиевропски и длабоко корумпиран, со многу скандалозни измени кои, како што велат, потврдуваат дека целта е целосна партизација на полицијата.
Тошковски, додаваат од СДСМ, ги урива и драстично ги намалува критериумите за образование и искуство за највиоските оперативни позиции во полицијата.
„Го елиминира кариерниот систем, дури и началник на СВР по рецептот на Тошковски да може да биде било кој што тој ќе одлучи.
Ги укинува регионалните гранични центри, што е директерн удар врз контрола на границите. Сака да овозможи бришење на полициски податоци – што е опасен механизам за прикривање на криминал.
Тошковски ги дискриминира младите – со подигање на старосната граница се отвора место само за партиски вработувања во полицијата. Го брише членот што спречува вработување на осудени лица – полицијата станува прибежиште за криминалци.
Ова е директен удар врз системот за безбедност и заштитта на граѓаните и удар врз професионалците во МВР. Ова не е ништо друго туку правење партиска милиција под капата на Тошковски“.
СДСМ бара итно повлекување на предлог-законот и прекин на узурпацијата на МВР.
Полицијата, оценуваат од СДСМ, мора да биде во служба на граѓаните, не алатка на партиска мафија.
Во Македонија, како што нагласуваат, нема место за нова верзија на Груевизмот со Тошковски во главна улога.