Македонија
Чачарова-Илиевска: Не планирам денес да одам во Собранието за интерпелацијата, таа е недозволива и акт на преседан

Тања Чачарова-Илиевска од Судскиот совет нема да присуствува на седницата во Собранието за нејзината интерпелација заедно со интерпелациите за Весна Дамева, Милазим Мустафа, Павлина Црвенковска и Селим Адеми.
„Не планирам денес да одам на седница во Собранието да присуствувам на расправата за поднесените интерпелации за петтемина членови на Судскиот совет избрани од Собранието. Мојот став, и тврдам дека сум во право, е дека интерпелација на член на Судскиот совет е недозволен акт. Недозволен и противуставен“, вели Чачарова-Илиевска.
Таа објасни дека подносителите на интерпелацијата се повикуваат на нивното уставно загарантирано право да поднесуваат интерпелации во член 72 од Уставот, меѓутоа одредбата од член 68 став 1 алинеја 15 има поинакво уставно решение. Таму стои дека интерпелација може да биде поднесена спрема секој носител на јавна функција кој одговара пред Собранието. Круцијалните прашања што се однесуваат за Судскиот совет, како што се составот на Судскиот совет, мандатот на Судскиот совет, надлежностите на Судскиот совет, условите и постапката за избор и разрешување член на Судскиот совет, условите и постапката за утврдување одговорност на член на Судскиот совет, се прашања што во согласност со Уставот се поконкретно образложени и уредени со Законот за Судскиот совет.
„Значи, во согласност со цитираната одредба на Уставот, интерпелацијата во конкретниот случај спрема петтемина членови што ги избира Собранието е недозволена. Не само што не е дозволена, туку овој акт што во случајот е поднесен од група пратеници, кај мене се седуммина потпишани, претставува преседан во досегашната парламентарна демократија на Република Северна Македонија. Повеќе од 30 години досега ниеднаш не се случило Собранието да поднесе интерпелација на член на Судскиот совет“, рече Чачарова-Илиевска.
Бидејќи како причина во наводите на интерпелацијата е наведено неусвојување на извештајот за работа на Судскиот совет за 2023 година, Чачарова-Илиевска потсети дека не е првпат тој извештај да не биде усвоен.
„Да ги потсетам само пратениците дека и во 2016 година извештајот за работа на Судскиот совет за 2016 година не беше усвоен од Собранието. Тоа е законска одредба и во согласност со законот е такво решението да биде усвојуван извештајот во Собранието, но и тогаш немавме во Собранието ситуација некој да се охрабри да поднесе интерпелација за член на Судскиот совет“, вели Чачарова-Илиевска.
За забелешките на многумина пратеници дека имале природно право да ги разрешуваат луѓето што тие ги избираат, Чачарова-Илиевска вели дека во правото нема природно право, туку има нормирани состојби, нормирани прашања, нормирани права и одговорности, а Уставот посветил доволно одредби во членовите 104 и 105, заменети со амандманите 28 и 29, каде што точно се уредени клучните прашања што се однесуваат за Судскиот совет, децидно доразработени во Законот за Судскииот совет, поради што смета дека пратениците немаат уставно право за таков чин.
Со тоа што е поднесена интерпелација за само петтемина челнови на Судскиот совет, Чачарова-Илиевска смета дека не е повредена само една од темелните вредности на уставниот поредок – поделбата на власта на законодавна, извршна и судска – туку е повредено и основното начело на еднаквост на членовите на Судскиот совет.
„Законот за Судскиот совет не прави разлика меѓу членовите во зависност од тоа дали се избрани од редот на судиите или од Собранието. Се прави дискриминација меѓу членовите на Судскиот совет, што е недозволиво. Пратениците, кои се претставници на законодавната власт, треба исто така да ги почитуваат Уставот, законите, меѓународните договори, кои токму Собранието ги ратификува и да постапуваат во согласност со нив“, рече Чачарова-Илиевска.
Собранието денес расправа за интерпелациите на петтемина членови на Судскиот совет, од кои премиерот Христијан Мицкоски очекува да бидат доблесни и сами да си поднесат оставки оти дури и да бидат изгласани интерпелациите, тоа не значи разрешување на членовите на Судскиот совет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Со потврда од матичен лекар, невработените до четврток можат да се пријават за гаснење пожари за 24.000 денари месечно

Огласот за ангажирање 400 невработени лица за помош при гаснење пожари на Владата е отворен до четврток, потсети денес Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Единствен документ што им треба да пријавување е потврда од матичен лекар дека се здрави, а пријавувањето е во локалните центри за вработување.
„Ги повикувам сите заинтересирани лица за оваа владина мерка најдоцна до четврток да поднесат апликација во локалниот центар за вработување, во кој било град во државата. Таму ќе ги пополнат потребните документи. Значајно е дека треба да донесат медицинска потврда од матичниот лекар, во којашто се потврдува дека не боледуваат од тешки болести, кои би им пречеле во работењето на оваа исклучително одговорна задача. Други документи не се потребни. Од оние кои ќе покажат интерес за оваа работа ќе ги избереме најдобрите и ќе може да бидат примени како професионални пожарникари во локалните територијални противпожарни единици. Најдобрите од нив, особено оние кои што гравитираат во Скопје и околината, ќе имаат можност да конкурираат и да бидат дел од новата специјална единица за заштита и спасување, која што е во фаза на формирање“, рече директорот на ДЗС, Ангелов.
Мерката предвидува, невработените лица кои ќе бидат ангажирани за извршување јавни работи, со фокус на создавање противпожарни појаси и други активности за спречување и намалување на ризикот од пожари, да добиваат месечна плата од 24.000 денари. Владата ја најави оваа мерка минатата недела, директорот Ангелов рече дека иако платата на прв поглед не е примамлива, постои можност за професионално ангажирање на најдобрите.
Владата ја промовираше оваа мерка за да го намали хроничниот недостаток од пожарникари. Во моментов земјава има само околу 800 пожарникари од потребните 1500.
Македонија
Од септември за прв пат образовни асистенти ќе има и во основните и во средните училишта, најмногу досега, соопшти МОН

„Во новата учебна година за прв пат образовни асистенти ќе има не само основните, туку и во средните училишта, за што, актуелната Влада предложи, а пратениците усвоија ново законско решение кое значи унапредување на инклузивноста на националниот образовен систем“, велат од МОН
„Веројатно ова е болката во редовите на политичката партија СДСМ, каде откако им пропаднаа обидите да ја манипулираат јавноста со обвинувања дека од септември ќе нема учебници, сега се преориентираат и обидуваат со нови измислици да ги вознемируваат родителите и старателите на учениците со попреченост, а со тоа да влијаат на креирање на јавното мислење за работењето на актуелното раководство на Министерството за образование и наука.
МОН реагира на обвинувањата дека образовните асистенти се отпуштаат од работа и процесот на вработување се партизира, како и дека се ангажираат несоодветни кадри.
Ангажирањето на образовните асистенти е целосно транспарентен процес и не го спроведува министерството, туку го спроведуваат раководствата на основните и средните училишта со ресурсни центри, од кои, дел се поставени токму во времето кога владееше СДСМ, партијата што денес го оспорува нивното работење, додека МОН верува во нивната стручност и професионалност.
Нивниот ангажман е на определено време, а тоа е така затоа што бројот на потребен кадар секоја година е различен и зависи од потребите кои ќе ги пријават родителите/старателите на учениците со попреченост. Секој образовен асистент за секоја следна учебна година, повторно аплицира на јавен повик за да биде ангажиран.
Новото раководство на министерството иницираше проширување на нормативот за овој тип на стручен кадар, за да може да се ангажираат доволно образовни асистенти, лица со соодветно образование и да се задоволат потребите на сите редовни основни, а за прв пат и на редовни средни училишта во кои има ученици со посебни образовни потреби.
На јавно објавените огласи се пријавуваат многу кандидати, а се примаат оние кои ги исполнуваат условите и се најдобро рангирани од страна на комисиите кои, повторно напоменуваме, ги формираат училишните раководства. Како што посочивме, во најголем дел, тоа се кадри кои биле ангажирани и во изминатите учебни години, со оглед дека станува збор за област со кадровски дефицит.
Иако, примарната улога на еден образовен асистент е да обезбедува поддршка на наставникот во начинот на пристапување и задоволување на посебните образовни потреби на учениците во еден клас, сепак, ја разбираме сигурноста на родителите/старателите кога детето има образовен асистент кој целосно му е посветен само нему, секој училишен ден. И затоа, направени се измени на правната регулатива, да се излезе во пресрет на сите ученици, родители/старатели. Училиштата со ресурсни центри согласно законските прописи прават напори образовниот асистент да продолжи да работи со ученикот на кој и до тој момент му обезбедувал асистенција за полесно совладување на наставната материја и секојдневните обврски.
Напоменуваме и дека оваа година за прв пат, огласите за ангажирање образовни асистенти се објавени во месец јуни, за изборот да биде завршен пред почеток на учебната година и навремено да ја започнат својата работа во училиштата.
СДСМ со вакви неосновани обвинувања и лиферување лажни вести за да ја поткопа довербата на јавноста кон институциите, всушност го губи сопствениот кредибилитет меѓу народот. Би било добро да слушнеме некоја конструктивна идеја во следниот период и да видиме прогрес во редовите, наместо да гледаме лет во место“, соопштуваат од МОН.
Македонија
Министерот Мисајловски во официјална посета на Обединетото Кралство

Министерот за одбрана Владо Мисајловски заедно со делегација од Министерството утре ќе престојува во официјална посета на Обединетото Кралство, сојузник со кој имаме силна одбранбена соработка.
За време на посетата, во Министерството за одбрана Мисајловски ќе оствари официјална средба со државниот министер, лорд Вернон Коукер, а ќе оствари средба и со специјална претставничка на Обединетото Кралство за Западниот Балкан, дама Карен Пирс.
Во Лондон, министерот Мисајловски заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцински ќе се сретне и со министерот за услуги, мали бизниси и извоз Томас Гарет, извести Министерството за одбрана.