Македонија
Честитка од претседателката Силјановска-Давкова по повод 23 Мај – Националниот ден на Власите
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/05/siljanovska-davkova-1.jpg)
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова, по повод 23 Мај – Националниот ден на Власите, упати честитка до припадниците на влашката заедница.
„Дозволете ми да ви го честитам 23 Мај – Националниот ден на Власите. На овој празник се потсетуваме на прифаќање на вистината дека Власите се посебен народ, со сопствен јазик, автентична култура и многувековно постоење на овие простори.
Живеејќи омеѓени во неколку балкански држави, за Власите се вели дека се народ со многу татковини. А сепак, само во нашата заедничка македонска татковина Власите се уставно признати и општествено ценети. Тоа се должи на македонската традиција на соживот и на почитување на достоинството на различноста, но и на влогот на Власите во борбата за слободна македонска држава. Пред 80 години Власите рамноправно учествуваа и во формирањето на асномска Македонија.
И покрај предизвиците во образованието, претставниците на влашката заедница континуирано придонесуваат во секоја општествена сфера. Затоа државата мора да ги отстрани и последните пречки за нашите сограѓани Власи да може без никаков проблем да го остваруваат основното човеково право на образование.
Јазикот е најцврста врска меѓу предците и потомците со кој се пренесуваат неповторливото искуство и уникатната перцепција што народот го има за реалноста. Оттука, влашкиот јазик е дел не само од македонското туку и од европското културно богатство. Затоа, потребна е одлучна акција за зачувување и за промовирање на влашкиот јазик, идентитет и култура, особено во образовниот систем и неговото користење во приватниот и јавниот живот, во духот на европските вредности.
Со такво уверување на сите припадници на влашката заедница им го честитам големиот празник – 23 Мај“, се наведува во честитката на претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
(Видео) Полициските хеликоптери исфрлија над 120 тони вода врз пожарите кај селото Тажево и „Јасен“
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Screenshot-2024-07-26-203439.jpg)
Денеска Одделот за воздухопловни единици при МВР учествуваше со два хеликоптери во гасење на пожарот во реонот на Јасен.
Во 62 налети исфрлени се преку 120 тони вода со што успеа да се локализираат новите реактивирани краци на пожарот и да се спречи прошорување на пожарот кон селото Брезница , селото Тажево и националниот парк Јасен.
Македонија
Пронајдено детето од Скопје кое беше пријавено дека се оддалечило од домот
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/02/policija-5.jpg)
Вечерва околу 19.20 часот полициски службеници од СВР Скопје го пронајдоа осумгодишното дете за кое денеска околу 18.40 часот неговата мајка С.Н. во ПС Карпош пријави дека околу 17 часот се оддалечило од домот.
Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје ги презеле сите неопходни мерки и активности и детето било пронајдено во добра здравствена состојба и ќе биде предадено на родителот, соопшти МВР.
Македонија
На Табановце за влез во државата се чека околу еден час
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/07/tabanovce.jpg)
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце за влез во државата се чека е околу 1 час. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани –Делчево.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.
Термините се следни:
– петок од 17:00 – 22:00 часот,
– сабота од 09:00 до 18:00 часот и
– недела од 09:00 до 22:00 часот.
На магистралниот пат А2 делница: Скопје – Охрид – Скопје се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 7,5 тони за време на викендите, во следните интервали:
– петок од 15:00 – 22:00 часот,
– сабота од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот и
– недела од 07:00 до 22:00 часот.