Македонија
Четири гранкови синдикати избркани од зградата на ССМ

Членови на гранските синдикати УПОЗ, СИЕР, СУТКОЗ и АГРО, кои избраа ново раководство на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), се собраа во холот на зградата на ССМ, во четврток, со цел, да спречат разрешениот претседател на ССМ Живко Митревски да ги исели од зградата.
Тие упатија апел до Централниот регистар да ги впише промените во раководството на ССМ што тие ги изгласале на 13 ноември лани, а кои се потврдени со решение од Министерството за труд и социјална политика.
„Разрешениот претседател Живко Митревски изутринава на огласната табла на ССМ објави одлуки со кои четирите синдикати со одлука на седница од 28.12.2016 не отповикува од членството на ССМ, а воедно со ангажирање камион, општи работници и магацински простор сака да не исели од зграда на ССМ. Ние тоа не го дозволивме, го известивме членството и се собравме спонтано за да го одбраниме синдикатот, нашите работни места и да може членството да опстојува“, рече на пресконференција в.д.претседателот на ССМ Дарко Димовски.
Пеце Грујоски, претседател на Синдикатот на УПОЗ, рече дека Митревски веќе месец и половина ја злоупотребува неговата поранешна позиција од која бил разрешен на 13 ноември од членовите на Советот на ССМ, а Централниот регистар ја закочил постапката за издавање на решението за промена“.
„Централниот регистар не може да ја кочи работата. Ќе имаме проблеми само можеби со банките меѓутоа Дарко Димовски е претседател на ССМ и така и ќе се однесуваме. Сојузот ќе работи и оставаме на совеста на Централниот регистар“, рече Грујоски.
На собирот на синдикатите беа присутни полициски службеници, кои, според нив, биле повикани од службата што ја обезбедува зградата на ССМ, но и од нив за да покажеле дека не планираат нарушување на јавниот ред и мир.
Според последните изјави на Живко Митревски, на седница на Советот, 13 гранкови синдикати гласале за исклучување на УПОЗ, СИЕР, СУТКОЗ и АГРО, заради, како што тврди, фалсификување документи, злоупотреба на службената должност, крешење на Статутот и неплаќање членарина редовно./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.