Македонија
Членови на СДСМ со ултиматум до Заев: Да се изјасни за рудникот „Иловица“ или нема да излеземе на референдум

Членовите на СДСМ од Иловица и Штука му поставија ултиматум на премиерот Зоран Заев – да се изјасни за рудникот во Иловица или тие нема да излезат на референдумот на 30 септември, велат од еколошкото здружение „Здрава котлина“.
„На состанок во средата членовите на СДСМ жестоко го критикуваа градоначалникот на Босилово, Зоран Зимбаков, затоа што тој го промени својот став во врска со отворањето на рудникот: имено, во кампањата за локалните избори тој беше против рудникот, но подоцна се случи ретерирање, па, така, на консултативната средба со Владата што ја имавме во јули тој излезе со нејасен двосмислен став, кој остави простор за многу сомнежи. Накусо, на завчерашниот состанок тој бил директно предупреден дека доколку не излезе јавно да се заложи против рудникот, членството масовно ќе ги искине партиските книшки. Тој се обидувал да се оправда, но на крајот морал да вети дека ќе излезе во јавноста. Го очекуваме“, велат од еколошкото здружение „Здрава котлина“.
Од таму велат дека Заев мора што побргу да се изјасни дали ќе го сопре рудникот или не.
„Сепак, она што е уште позначајно од овој состанок е фактот дека членовите на СДСМ побарале тој итно да стапи во контакт со премиерот Зоран Заев и да му пренесе дека Иловица и Штука бараат тој да дојде и пред граѓаните од сите околни села, без оглед на партиската припадност и, конечно, да се изјасни дали ќе го сопре рудникот или не. Во спротивно, му било порачано дека никој нема да излезе на референдумот. Практично, му дале еден вид ултиматум“, се вели во соопштението.
Од таму велат дека нема да навлегуваат во прашањето за референдумот, но сметаат дека овој состанок и пораките што овие жители му ги испратиле на премиерот Зоран Заев, на градоначалникот Зоран Зимбаков, но и на другите раководни партиски структури, се исклучително важни за претстојната разврска.
„Ножот е дојден до коска и повеќе одолжувања и отстапки не може да има. Очекуваме дека партиските структури и од другите села, вклучително и од општина Струмица, општина Ново Село и општина Василево, ќе се солидаризираат против заедничката животна опасност и конечно ќе им дадат до знаење на раководствата дека немаат намера да бидат жртви на туѓи профитерски интереси и дека сите масовно ќе застанат во одбрана на Струмичката Котлина. Ова е почеток на масовниот отпор против рудникот на смртта“, велат од „Здрава котлина“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.