Македонија
Чулев: Редици граѓани плаќаат скапи цени за пасоши и лични карти, лошото раководење на Спасовски создава хаос

Редици граѓани што плаќаат скапи цени за пасоши и лични карти со „Северна“, кои МВР нема капацитет да ги направи и дистрибуира во законскиот рок, ова на својата фејсбук-страница утрово го објави поранешниот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев.
Тој во својата објава потенцира дека лошото менаџирање и нефункционалните идеи на Оливер Спасовски, наместо да обезбедат нормални услови, создаваат хаос, кој повторно паѓа на грбот на граѓаните.
„Натписот „’Северна’ и промената на важечките лични документи за таа намена не само што е причина за дополнителни високи трошоци туку тоа предизвикува и сериозен револт, малтретирање и нервоза, а остава сериозен простор и за корупција. По којзнае кој пат, во последните шест години, нефункционалните идеи на Оливер Спасовски, наместо да обезбедат нормални и пристојни услови, тие создаваат хаос во чии рамки граѓаните се принудени да трпат метрж и по студено и дождливо време да чекаат со часови во редица за да го добијат својот личен документ. Да не заборавиме дека многумина од тие граѓани се возрасни, со нарушено здравје и со попречности, а има и мајки со мали деца“, нагласува Чулев во својата објава.
Тој додава дека, наместо да ги малтретира граѓаните и со донации од приватни компании да креира нефункционални адхок-решенија, Министерството за внатрешни работи неопходно е да обезбеди соодветни услови, каде што граѓаните ќе можае во законски предвидениот рок на достоинствен начин да го извадат личниот документ за кој плаќаат високи цени и со тоа да си ги остварат своите законски права и најавува дека новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе воспостави систем за автоматско известување на граѓаните за истечени документи, ќе се модернизира инфраструктурата, каде што се поставени и ќе се отворат нови дисперзирани базни-станици за фотографирање и ќе се воведе можност за достава на личните документи на домашна адреса.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Мицевски: Луѓе на Заев се кандидатите за градоначалници што ги предлага Филипче

Пратеникот и член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Јане Мицевски, и денеска упати критики до раководството на СДСM, обвинувајќи дека кандидатите за градоначалници кои ги предлага партискиот лидер Венко Филипче се, како што рече, луѓе на Зоран Заев.
„Луѓе на Заев се кандидатите на Филипче, истата матрица само различни луѓе“, рече Мицевски, додавајќи дека СДСM продолжува да функционира под влијание на поранешниот премиер.
Според него, кандидатите се определени со одобрување од Заев, а Филипче е само обична фигура без право на глас. Како пример го наведе кандидатот за Куманово, Мартин Костовски, за кого рече дека е близок соработник и функционер на СДСМ под влијание на Заев.
„Човекот кој беше директор на Службен весник, пратеник, а сега организационен секретар на СДС, е таму само затоа што е послушник на Заев. Како ќе каже Заев, така Костовски прави“, изјави Мицевски.
Тој посочи дека Филипче, како претседател на партијата, нема реална моќ и дека предлог-кандидатите мора да ги испорача во знак на благодарност кон Заев.
Според Мицевски, кандидатите се синоним за неспособност и пораз уште во првиот круг на локалните избори.
Македонија
На граничните премини Богородица и Табановце се чека по 30 минути

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна време на чекање на Богородица и на Табановце е 20-30 минути, а на останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информира АМСМ.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.
Македонија
Поднесено обвинение против директорот на болницата за геријатрија за примање поткуп од 20.000 евра

Обвинителството поднесе обвинение против директорот на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје, Мухсин Арифи, и уште едно лице, кои се осомничени за примање поткуп од 20.000 евра за да сместат болно лице во установата.
Директорот е обвинет дека сторил кривично дело – Примање поткуп, а второобвинетиот се товари дека сторил кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание.
„Првообвинетиот за болнички прием на лице во тешка здравствена состојба, од сведок – давател на доживотна издршка на лицето, директно побарал поголема имотна корист за себе за да изврши службено дејствие што би морало да го изврши. Второобвинетиот директно ја примил таквата корист за првообвинетиот за да со искористување на своето реално влијание интервенира да се изврши службеното дејствие што морало да се изврши од првообвинетиот. При примање на дел од договорената сума во износ од 20.000 евра, второобвинетиот бил фатен на лице место од страна на полицијата“, соопшти Обвинителството.
Со Обвинителниот акт е доставен и предлог да се продолжи определената и продолжувана мерка притвор спрема двајцата обвинети.