Македонија
Шахпаска: Борбата за родова еднаквост нема да престане до исполнување на целта
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска учествуваше на онлајн состанок со кој е означен почетокот на обуките кои имаат за цел градење одговорни институции, задолжени за имплементација на новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство.
„Законот за заштита и спречување од насилство врз жените и семејното насилство е многу значаен за нас како општество. Тој предвидува мултидисциплинарен пристап, во кој ќе бидат вклучени и други министерства“, потенцираше Шахпаска.
Таа посочи дека никогаш не се доволни алатките, инструментите, човечките ресурси коишто треба да се ангажираат во справување со насилството и ја потенцираше потребата од почнување со обука на лица коишто ќе можат да пружаат поддршка во делот на превенција од насилство.
Амбасадорот на Кралството Холандија во земјава истакна дека на патот кон членството во ЕУ најважно е да се создаде општество каде сите граѓани ќе имаат еднакви права и ќе се третираат еднакво.
Министерката Шахпаска изрази благодарност на Кралството Холандија, како долгогодишен пријател, особено во сферата на испорачување на демократските вредности, во сферата на човековите права, за поддршката што ја дава.
„Борбата продолжува и нема да престане до исполнување на целта“, порача Шахпаска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за камиони на неколку патни правци поради врнежи од снег
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на повисоките места, во западните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот, извести АМСМ
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на Попова Шапка, во Маврово и на планинскиот премин Стража. На планинскиот премин Буково врнежите се од дожд и снег.
Поради врнежи од снег воведена е забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Кичево преку планинскиот премин Стража, како и на патниот правец крак Маврово – Дебар.
На патниот правец Тетово – Попова Шапка е воведена забрана за сообраќај за автобуси, а за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема.
Македонија
Делови од Илинден, Ѓорче Петров и Кисела Вода денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:30 до 13:00 часот дел од улицата 19 во населба Илинден, oпштина Илинден;
· во периодот од 08:30 до 14:00 часот дел од корисниците во населба Волково, поточно улиците: 95, 100, 101, 102 и 103, општина Ѓорче Петров;
· во периодот од 08:30 до 14:30 часот дел од корисниците на улицата Јустинијан Први во село Драчево, поточно делот од Маркет – Вајота кон село Студеничани, општина Кисела Вода;
· во периодот од 09:00 до 14:00 часот дел од улицата Герника, општина Кисела Вода.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-125мм на улицата Светозар Марковиќ бб, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Светозар Марковиќ и дел од булеварот Кочо Рацин, вклучително и објектот на Веро Џамбо, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

