Македонија
Шахпаска до Дуџак: Немаме повеќе деца до 18 години сместени во институции
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, се сретна со постојаната координаторка на Обединетите нации во земјата, Росана Дуџак, со која разговараше за тековните проекти во кои Министерството за труд и социјална политика соработува со агенциите на ООН, како и за идната соработка во насока на имплементирање уште подобри социјални политики, унапредување на работничките права и залагање за поголема заштита на човековите права.
Во поглед на досегашната соработка беше посочено дека дел од процесот за подготовка на новиот закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство е поддржан од УНХЦР, а УНДП заедно со секторот за еднакви можности работи на развивање на мобилната апликација за поддршка на жртвите на родово базирано насилство по примерот на Црна Гора.
„Денес, немаме повеќе деца на возраст до 18 години сместени во институции. Тие се згрижени во мали групни домови или згрижувачки семејства. Секој граѓанин заслужува да има достојни услови за живеење. Педесет отсто од лицата со посебни потреби се влезени во процесот на деинституализацијата, целта е добивање можност за нивно подобро интегрирање во заедницата. Во таа насока е и соработката помеѓу секторот социјална заштита со УНДП и УНИЦЕФ“, истакна Шахпаска.
Таа посочи дека ако изминатиот период акцентот беше на социјалната реформа и нејзина имплементација, периодот што следува ќе биде новиот Закон за работните односи, кој треба да придонесе за унапредување на работничките права.
Шахпаска изрази благодарност за помошта во текот на ковид-кризата од страна на УНДП, УНФПА, UN Women, за дистибуираните хигиенски пакети и пакети за храна за ранливи категории граѓани и за самохрани мајки, жртви на семејно насилство. Корона-кризата претставува голем предизвик не само во поглед на здравството и економијата туку и предизвик во поглед на човековите права и нивната заштита.
Двете страни изразија задоволство за можноста за понатамошна продлабочена соработка со агенциите на ООН во областите, кои се во надлежност на ова Министерство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Подготвени сме за избори кога и да се одржат
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека партијата е подготвена да настапи на парламентарни избори кога и да се одржат – годинава, следната година, па дури и на редовните избори во 2028 година.
Филипче посочи дека работа е на премиерот да каже што мисли, но оцени дека, поради, како што рече, катастрофалното водење на државата, убеден е оти ќе има предвремени парламентарни избори.
Според него, не е важно дали изборите би се одржале на пролет, на есен или кон крајот на годината, бидејќи СДСМ е подготвена за изборен процес во секое време.
Македонија
Филипче: Нема услови за укинување на техничката влада
Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција изјави дека укинувањето на техничката влада треба да се случи дури кога општеството ќе биде зрело за тоа.
Филипче истакна дека слободната волја на граѓаните и фер изборите не смеат да бидат предмет на политички пазар, нагласувајќи дека се неопходни суштински реформи по европски стандарди, особено во областа на правосудството.
Според него, дури кога реформските закони ќе бидат донесени, целосно имплементирани и ќе почнат да се применуваат во судството, обвинителството и полицијата, ќе се создадат услови за укинување на техничката влада.
Филипче нагласи дека СДСМ ќе поддржи исклучиво реформи што ја движат државата кон европските стандарди.
„ВМРО и ДУИ нека договараат што сакаат, нивната соработка ни е позната. Ние договор можеме да правиме единствено со граѓаните. Не сме на пазар. Наша обврска е да ја вратиме власта во рацете на граѓаните“, истакна Филипче, додавајќи дека во овој момент не постојат услови за укинување на техничката влада.
Премиерот Христијан Мицкоски по средбата со лидерите на политичките партии изјави дека постигнале согласност за укинувањето на техничката влада.
„Се согласивме за техничката влада дека треба да замине во минатото. Имаше предлог од еден од лидерите да се консултира меѓународниот фактор. Од една страна сакаме да бидеме дел од европското семејство, а од друга страна сакаме да имаме техничка влада. Во ред, еве нека има техничка влада и на наредни избори како што сака СДСМ, но од тие натаму да нема“, рече Мицкоски.
На лидерската средба во Клубот на пратеници присуствуваа и генералниот секретар на ЗНАМ Горан Минчев, лидерот на Вреди Билал Касами, како и лидерите на опозиционите ДУИ и Левица, Али Ахмети и Димитар Апасиев. Лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче не присуствуваше.
Македонија
ДУИ за една изборна единица со праг од 5 проценти, за укинувањето на техничката влада предложи консултација со ЕУ и САД
Претседателот на Демократска унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, по лидерската средба изјави дека партијата се залага за една изборна единица со изборен праг од пет проценти и со отворени листи.
Во однос на иницијативата на премиерот Христијан Мицкоски за укинување на техничката, односно Пржинската влада, Ахмети рече дека е потребна дополнителна консултација со Европска унија и Соединети Американски Држави, како коавтори на моделот.
Во врска со измените на Изборниот законик, Ахмети посочи дека ДУИ ги презентирала своите предлози и дека прашањето останува отворено за понатамошни дискусии.
Околу изборот на Народен правобранител, Ахмети изјави дека побарал дополнителни консултации, нагласувајќи дека не бил обезбеден потребниот консензус. За законите за „Сејф сити“, за кои е потребно Бадентерово мнозинство, Ахмети рече дека координаторите на пратеничките групи треба да изнајдат решение.
За останатите прашања, како што наведе, било договорено тој дополнително да се сретне со премиерот Мицкоски.

