Македонија
Шахпаска: Продолжува поддршката од ИПА-фондовите за реформите во областа на вработувањето и социјалните политики

Како и за целиот свет и за нас како држава оваа година 2020 е година на предизвици и за здравствената и општата благосостојба на граѓаните и економската состојба на сите држави, рече министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, која учествуваше на видеоконференција на секторската работна група „Образование, вработувања и социјалните политики и интеграција на Ромите“, а на која учествуваа и министерката за образование Мила Царовска, Никола Бертолини, шеф на одделот за соработка при Делегацијата на ЕУ во Скопје, претставници од донаторската заедница и граѓанскиот сектор.
„Раст на невработеноста, односно губење на работните места на околу 17.690 лица, само за време на вториот квартал на годината, каде најпогодени се вработените од неформалната економија, самовработените и други лица кои се дел од ранливите категории се на најголем удар на пандемијата која носи ризик и нивно втурнување во поголема сиромаштија“, истакна министерката Шахпаска .
Таа посочи дека состојбата би била многу полоша доколку Владата не преземеше итни мерки кои значеа полесно премостување на кризата од Ковид 19. Тука се вклучени финансиската поддршка на најпогодените компании и граѓани.
„Кризата потврди и дека Северна Македонија има социјална заштита која дава резултати, преку мерките за невработените лица, олеснување на пристапот на Гарантирана минимална помош која директно влијаеше и во борбата против детската сиромаштија. Четвртиот пакет економски мерки вреден 27 милиони евра е наменет токму за најранливите категории граѓани“, истакна министерката Шахпаска.
Од страна на Агенцијата за вработување, која продолжи со реализација на Оперативниот план за активни програми за вработување и мерки, одговори на предизвиците предизвикани од Ковид-19 со проширување на опфатот на корисниците во мерките кои значат директна поддршка за стопанството и вклучување на посебни мерки што ги таргетираат лицата најпогодени од кризата предизвикана од пандемијата.
Имплементација на Младинската гаранција е во тек, односно регистрирани се 19.000 млади лица, од кои 31% или се вработиле или се вклучиле во активна мерка за вработување.
Министерката Шахпаска се осврна и на реформите во социјалната и детска заштита, односно проширување на видот на социјалните услуги и нивно доближување до граѓаните во заедницата, но и вложување во раниот детски развој и образование преку проширување на капацитетите во градинките со поголем опфат на деца во нив.
„Како еден од приоритетите на Владата и Министерството за труд и социјална политика е и обезбедувањето еднакви можности и заштита на граѓаните во државата. Оттука и новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација за кој се очекува и наскоро назначување и на Комисија за спречување и заштита од дискриминација“, истакна Шахпаска.
Таа посочи и дека наскоро се очекува поддршка од Собранието и за Законот за превенција од насилство врз жената и семејно насилство кој беше усвоен од Владата и се базира врз Истанбулската конвенција ратификувана во нашата држава.
Таа ја истакна и вклученоста на земјава во Интернационалната иницијатива „Декада на Ромите“, преку стратегии и програми за интеграција на Ромите во општеството. Нашата земја е прва во регионот која воведува механизам за мониторинг на успешноста на политиките за подобрување на состојбата на Ромите.
На крајот од обраќањето министерката Шахпаска го истакна значењето на европската помош и поддршка, вклучително и значењето на ИПА-фондовите за периодот 2021 – 2027 година, во областа на образованието ,вработувањата и социјалната политика, вклучително и интеграцијата на Ромите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.