Македонија
Шахпаска: Работата на далечина ќе биде вградена во новиот закон за работни односи

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, во обраќањето на седницата на Економско-социјалниот совет, истакна дека работата на далечина ќе биде вградена во новиот закон за работни односи.
„Во периодот на пандемија како општество направивме сериозен исчекор во приспособување на работниот процес онаму каде што можеше во согласност со условите што беа наметнати од новонастанатата состојба“, потенцира Шахпаска.
На седницата беше презентирана и нацрт-рамката на индикаторите што ја мерат ефикасноста на економско-социјалните совети на државите од Западен Балкан. Овој документ е подготвен во рамките на регионалниот проект „Платформа за вработување и социјални прашања 2“.
„Значењето на овие индикатори е големо бидејќи токму преку нив ќе можеме компаративно да ја согледаме ефикасноста на нашиот Економско-социјален совет во однос на истите вакви тела од регионот, а со тоа да ја унапредиме и неговата улога во водењето на социјалниот дијалог“, рече Шахпаска.
Беше презентирано и националното истражување во рамките на проектот „Меѓугенерациски јаз“.
Истражувањето упатува на тоа дека повозрасните работници поседуваат работно искуство, знаење и посебни вештини, а слабост им е новата технологија. Додека, пак ,на новите генерации предност им се вештините и познавањето на информатичката технолија, а слабост немањето доволно искуство. Оттука произлегува и суштинското значење во надминувањето на меѓугенерацискиот јаз, кој лежи во премостувањето на овие генерациски разлики преку размена на искуство и знаење, велат надлежните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нов протест пред Влада, се бара правда за пациентите од Онкологија

Започнаа нови протести на граѓаните на кои се бара правда за пациентите од Онкологија. Стотина граѓани побараа правда за сите оние кои го изгубиле животот на оваа клиника.
„Протестот од Влада ќе продолжи пред зградата на Министерството за здравство, каде што ќе побараме одговорност за сите инволвирани во скандалот со Клиниката на онкологија, но и за обелоденување на информациите во врска со истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово, вклучувајќи ги лицата од Министерството за здравство, како што се претходните министри, кои влијаеле за забошотување на случаевите. Повторно нагласуваме и за тоа дека измени во Кривичниот законик нема да ги аболираат инволвираните од нивните злосторства доколку ние тоа не го дозволиме“, порачаа собраните граѓани.
Неформалната група „Протест против убиствата на Онкологија“ преку соопштение најави нов протест за денеска во 18 часот и ги повикаа граѓаните да излезат вечерва пред Владата. Протести се организираат од почетокот на месец септември, а јавноста беше згрозена од откритието на новинарите дека на Клиниката за онкологија можно е некои пациенти да не ја примале потребната терапија.
Македонија
Бектеши објави кои маркети се затворени оти не ги намалиле цените

Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека во скопскиот регион се затворени маркети на „Веро“ и „Вива фреш“ поради непочитување на владините мерки за намалување на цените на прехранбените производи.
„Не верувам дека не се објавени ланците на супермаркети кои го прекршиле законот. Им дадовме одреден рок да се усогласат мерките. Во скопскиот регион се „Веро“ и „Вива Фреш“. Осум до десет ланци супермаркети имаат маркети во секој град. И вие медиумите треба да ги објавите маркетите кои го прекршиле ова, но сигурно ургираат кај вас затоа што се рекламираат. Јас немам проблем да ги кажам. Граѓаните да бидат спокојни, овие мерки ќе бидат спроведени во целост“ рече Бектеши. по посетата на компанијата „Алма-М“.
Во саботата, според директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски, биле извршени над 50 контроли при што затворени се пет големи ланци на маркети по основ на Законот за потрошувачи, односно по основ на нечесни трговски пратки, а седум маркети се казнети поради непочитување на владината одлука.
Македонија
Вицепремиерката Грковска во работна посета на Словенија

Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, од денеска до 27 септември 2023 година ќе биде во работна посета на Република Словенија.
Во рамки на оваа посета таа ќе оствари средби со словенечката министерка за дигитална трансформација, Емилија Стојменова Дух, со министерката за правда на Република Словенија, Доминика Шварц Пипан, како и со потпретседателката на Судскиот совет д-р Уршка Кежмах.
Исто така, вицепремиерката Грковска вечерва ќе присуствува на приемот организиран од Амбасадата на Република Северна Македонија во Словенија по повод 30 годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји и отворањето на амбасадата во Љубљана, која беше првото дипломатско претставништво отворено по прогласувањето на независноста на нашата држава.