Македонија
Шахпаска: Со измените во Правилникот за исхрана придонесуваме за правилен раст и развој на децата во градинките
Денеска, работната група формирана со цел ревидирање на Правилникот за нормативи и стандарди за исхрана во градинките го одржа првиот работен состанок во Клубот на пратениците.
Иницијативата е на Министерството за труд и социјална политика во соработка со компанијата „Ново нордиск“ и поддршка на УНИЦЕФ. На состанокот се разговараше за изнаоѓање на најдоброто решение за составот на менито во детските градинки.
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, на работниот состанок потенцира дека квалитетната исхрана не е важна само за одржување на доброто здравје, туку е суштинска за правилен физички и ментален развој, особено кај децата во првите пет години од животот.
„Предизвиците со исхраната кај најмладата популација како глобално прашање се присутни и во нашата земја. Од една страна, е проблемот на неисхранетост, кој, иако со ниско ниво, е присутен и кај нашите деца, а од друга, се прекумерната тежина и дебелината за кои податоците покажуваат дека имаат растечки тренд кај децата во земјата. Правилната исхрана има клучно влијание не само врз физичкиот развој на децата туку и врз когнитивниот, емотивниот и социјалниот развој и врз способноста за учење. Исхраната не е грижа само на поединецот, туку и на целото општество. Затоа, стекнувањето добри навики на исхрана во градинките придонесува за здравјето на децата“, рече министерката Шахпаска.
Во насока на правилен раст и развој кај децата, министерката посочи дека е потребен мултидисциплинарен пристап, кој ќе обезбеди целосна промена на навиките. За таа цел се формира работна група, која е составена од членови на Институтот за јавно здравје, Стоматолошкиот факултет, Универзитетската клиника за детски болести, од Природно-математичкиот факултет, од каде што и доаѓа експертот за нутриционизам.
Покрај ревидирање на Правилникот за нормативи и стандарди за исхрана во градинките, предвидена е и едукација на децата, родителите и вработените во градинките, со цел обезбедување поголема грижа и превенција на здравјето додека престојуваат во градинките, но и дома, во секојдневни и во услови на пандемија.
Присутните членови на работната група ја поздравија инцијативата на Министерството и изразија подготвеност за соработка со цел унапредување на исхраната на децата од најмала возраст.
На денешниот работен состанок беше избран и координатор на работната група за ревидирање на Правилникот за исхрана на децата во градинките, чија функција е да ги сублимира сите пристигнати предлози од членовите и да прибира искуства од други земји. Последната промена на Правилникот беше направена во 2014 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Народната банка објавува повик за пријавување трудови за 57 сесија на Клубот на истражувачите
На 27 март 2026 година (петок), со почеток во 13 часот, во просториите на Народната банка ќе се одржи 57. сесија на Клубот на истражувачите.
„Доколку сакате да презентирате Ваш работен материјал на оваа сесија на Клубот на истражувачите, Ве покануваме да се пријавите со доставување на материјалот на е-адресата: [email protected], најдоцна до 18 март 2025 година (среда).
Трудовите треба да бидат изработени согласно со трендовите и стандардите на современите истражувања, што подразбира емпириска анализа, како и систематизирани заклучоци од истражувањето.
На сесиите на Клубот како платформа за дискусија и размена на стручни мислења, може да се презентираат резултати и сознанија и од истражување/труд во работна верзија“.
Клубот на истражувачите на Народната банка е отворена платформа за презентација и дискусија на научноистражувачки трудови, особено во доменот на монетарната политика и макроекономијата. Зачленувањето во Клубот на истражувачите е од отворен карактер, за што можете да видите подетални информации на веб-страницата на Народната банка www.nbrm.mk, во делот Клуб на истражувачи.
Македонија
Герасимовски: Реконструкција на улицата ,,Светозар Марковиќ”, нов асфалт, тротоари и канализација
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, изврши увид во активностите за реконструкција на улицата „Светозар Марковиќ“ во населбата Ново Маало.
Реконструкцијата на улицата опфаќа површина од 1.310 м² и должина од 210 метри. Во моментот на терен се поставува нов асфалт.
„Во Центар се реализираат конкретни проекти, со стандарди што граѓаните ги заслужуваат. Секоја уредена улица е чекор поблиску кон поразвиена и побезбедна општина. Реконструкцијата на улицата ,,Светозар Марковиќ„ ќе овозможи полесно движење за граѓаните и безбеден сообраќај, воедно ќе придонесе за поуреден изглед на населбата“, посочи Герасимовски.
Реконструкцијата предвидува проширување на улицата, нови рабници и тротоари, ново улично осветлување и поставување атмосферска и фекална канализација.
„Во Општина Центар активно се работи на подобрување на инфраструктурата.Во тек е реконструкција на улицата „Мирослав Крлежа“ во Дебар Маало, а наскоро ќе а започнат градежните работи за реконструирање на вториот дел од улицата „Ленинова“
Македонија
Што ќе рече генералниот секретар на НАТО Марк Руте за Адамовиќ, Стоиљковиќ и врските со Русија, прашуваат од СДСМ
Со своите државнички политики СДСМ ја внесе Македонија во НАТО, преку една од најбрзите пристапни постапки во историјата на Алијансата – за помалку од две години. Со тоа обезбедивме трајна безбедност и сигурност за државата и граѓаните, истакнуваат од опозициската партија.
„Благодарение на таа посветеност и сериозна политика што ја води СДСМ, денес во овие тешки времиња што го погодија светот, граѓаните на Македонија се помирни, побезбедни и побезгрижни.
Генералениот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска доаѓа во посета на Македонија.
Прашањето е што ќе рече генералниот секретар на НАТО за назначувањето на почесниот конзул Душан Адамовиќ и за најблискиот соработник на Мицкоски- вицепремиерот Иван Стоиљковиќ кои имаат блиски врски со Русија“.
Прашуваат дали е тоа соодветно за земја членка на НАТО?
„Со денови прашуваме и нема одговор од Мицкоски за неговите врски со Душан Адамовиќ и по кои критериуми на седница на Влада го избра својот пријател за почесен конзул на Македонија во Србија.
За неговите ставови дека „Српска Македонија“ била окупирана, за бројните криминални афери со кои се поврзува, за неговите високи позиции во СНС – сестринската партија на ВМРО како и за неговите врски со Русија.
Нема одговори“.
Нема одговори, како што велат ниту за прославите на првиот соработник на Мицкоски во Владата, вицепремиерот Иван Стоиљковиќ, со „Ноќните волци“ блиски на Путин.
Дали ваквите кадри ја зајакнуваат или ја компромитираат нашата позиција во Алијансата и на меѓународен план“.

