Македонија
Шахпаска: Унапредувањето на родовата еднаквост е наша обврска
Родовата еднаквост претставува заедничка обврска и приоритет на Владата и како таква таа е дел од програмата на Владата 2020-2024 година и агендата за одржлив развој во 2030 година како на национално така и на локално ниво, истакна министерката за труд, Јагода Шахпаска.
Таа учествуваше на работата на Комисијата за статусот на жените на Обединетите нации, која се одржува од 15 до 26 март 2021 година на тема „Целосно и ефективно учество на жените во донесување одлуки во јавниот живот и зајакнување на жените“.
Шахпаска потенцира дека Владата преку своите механизми во претходниот период постигнала значајни резултати во постигнувањето на родовата еднаквост.
„Донесени се Законот за спречување и заштита од дискриминацијата, кој е целосно усогласен со меѓународните стандарди, и Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, целосно усогласен со Истанбулската конвенција. Министерството за труд и социјална политика почна процес на изготвување на новата стратегија за родова еднаквост 2021-2026 година“, рече Шахпаска.
Таа најави дека во наредниот период фокусот на работата ќе се насочи кон подготовка на новиот закон за родова еднаквост, со кој се очекува да се подобрат механизмите за родова еднаквост на национално и на локално ниво, како и формирање центар за обука на родово одговорно буџетирање, што ќе биде континуирано образование за целата родова машинерија во земјата.
Шахпаска истакна дека Министерството ќе продолжи да работи на креирање политики и мерки за вработување, кои ќе ја намалат неактивноста на жените на пазарот на трудот, политики што го регулираат родителското отсуство, заштита на работното место, флексибилно работно време и работа со скратено работно време и работни места за мајки како дел од измените и дополнувањата на Законот за работните односи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ледени зрна на одделни патни правци: ЦУК апелира на зголемена внимателност поради заледување на патиштата
Центарот за управување со кризи известува дека денес, во попладневните часови, на одделни патни правци е евидентирана појава на врнежи од ледени зрна, кои предизвикуваат брзо и ненадејно заледување на коловозите, особено во повисоките и планинските предели.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат зголемена внимателност, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да одржуваат поголемо безбедно растојание и задолжително да користат соодветна зимска опрема.
Македонија
Градоначалникот на Битола им се придружи на младите бадникари во изработката на бадниковите ѕвезди
Пред дестина дена започнаа подготовките за годинашната Бадникова поворкa која ќе се одржи годинава и во Битола, како и во многу други градови и населени места во Македонија.
На младите бадникари-деца од различни возрасти во подготовката, односно изработката на бадниковите ѕвезди, вечерва им се приклучи и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Организаторите на поворката велат дека вредните детски раце неуморно и со љубов и верба во традицијата ги изработуваат овие ѕвезди, подготвувајќи се за Бадник.
На 6 јануари на големиот верски празник Бадник, собирно место ќе биде плоштадот „Магнолија“ од каде ќе се упатат кон Соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, а потоа и низ Широк Сокак до Офицерскиот дом каде ќе биде завршниот дел на поворката, велат од Општина Битола.
Организаторите упатуваат повик до сите оние кои што сакаат да бидат дел од Бадниковата поворка на големиот празник да им се приклучат.
Македонија
МВР со посебен план за безбедност и сообраќај во Маврово за зимската туристичка сезона, најави Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на Полициското одделение Маврово, Полициското одделение Ростуше и Полициската станица за граничен надзор Жировница, при што се запозна со тековните активности, условите за работа и конкретните предизвици со кои се соочуваат полициските службеници на терен.
„Во ПО Маврово ќе се изготви посебен план за претстојната зимска туристичка сезона, со цел овозможување подобар проток на сообраќајот, навремено управување со зголемениот број посетители и распоредување на соодветен број полициски службеници за одржување на јавниот ред и мир.“, потенцираше Тошковски.
При посетата на Полициското одделение Ростуше беше разгледана можноста за обука на полициски службеници за вршење увиди на сообраќајни незгоди, што ќе овозможи побрзо и поефикасно завршување на постапките на лице место. Оваа мерка ќе придонесе за намалување на времето на чекање, избегнување подолготрајни блокади на сообраќајниците и зголемување на функционалноста на системот, имајќи предвид дека досега овие увиди ги вршеа екипи од Гостивар.
Во Полициската станица за граничен надзор Жировница беше отворено и прашањето за можност дел од просторот во рамки на станицата да биде отстапен на општината, со цел обезбедување паркинг простор за жителите, како практично и рационално решение во интерес на локалната заедница.

