Македонија
Шахпаска: 38 деца со интелектуална попреченост ќе добиваат нега во Дневниот центар во Липково
Во новоизградениот специјализиран Дневен центар во с. Оризаре, 38 деца со интелектуална попреченост од општината Липково ќе бидат подготвувани за соодветно вклопување во редовниот образовен систем. Подготовката ќе ја врши стручен тим составен од рехабилитатор и едукатор, логопед, психолог, социјален работник и физиотерапевт.
Целта на предвидената индивидуална, групна и окупациска терапија на децата со попреченост е од најмала возраст тие да ги стекнат и да ги развиваат вештините за секојдневниот живот. Децата ќе ги учат навиките за исхрана, хигиена и за одржување на сопственото здравје, но ќе ги стекнуваат и воспитните, социјалните, културните и рекреативните активности. Во Центарот ќе бидат организирани и советувања и работилници за помош на родителите на овие деца.
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, рече дека преку Дневниот центар и најмалите реално ќе ги почувствуваат социјалните реформи што ги презема Владата.
„Целта на социјалната реформа е да се приближат социјалните услуги до корисниците, до граѓаните. Да се зголеми опфатот на граѓаните што влегуваат во системот на социјална заштита, да се подобри квалитетот на социјалните услуги, а со тоа се подобри и нивниот живот. Дополнително, да се намали невработеноста и да се подобри животниот стандард на сите граѓани“, рече Шахпаска.
Таа изрази задоволство што општина Липково добива нов Дневен центар за деца со попреченост со капацитет за 38 деца со попреченост на возраст од 2- до 14-годишна возраст. Суштината на ваквите реформи, посочи таа, е да се поддржат ранливите категории, во случајот децата со попреченост.
Mинистерката Шахпаска денеска на здружението „Имаго плус“ му ја предаде дозволата за вршење дејност од социјална заштита за услугата нега на деца со попреченост
Во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика засега поддржани се 19 проекти во 24 општини. Повеќето од овие проекти (16) се наменети за помош и нега на стари лица во домот, а по еден се за помош на стари лица во дневен центар, за рехабилитација на деца со попреченост и проект за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост во локалната средина. За давање на услугите обучени се 300 лица, а се очекува да бидат опфатени околу 900 корисници. Една од главните цели на социјалната реформа е услугите да им бидат полесно достапни и на корисниците од руралните и најоддалечени региони во државата, информираат од Министерството.
Додаваат дека набргу ќе биде објавен нов јавен повик за дополнителни проекти за општините што не успеале да аплицираат на првиот повик, а за таа потреба континуирано се прави мапирање на потребите на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

